Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Интернет — како да се избегнат опасностите

Интернет — како да се избегнат опасностите

Гледиште на Библијата

Интернет — како да се избегнат опасностите

ВО ЕДНО зафрлено село во Индија, еден земјоделец ја проверува цената на сојата во Чикаго (САД) за да види кога ќе биде најдобро време да го продаде својот принос. Во истиот момент, една пензионерка се смешка додека чита електронска порака од својот внук. Еден човек што сака да тргне на пат проверува какво е времето таму каде што планира да патува. Една мајка наоѓа материјал што нејзиното дете може да го искористи за својата домашна задача. Сите овие луѓе користат Интернет. Се проценува дека во целиот свет на Интернет се приклучени околу 600 милиони луѓе. Брзиот пораст на корисници на Интернет-услугите довел до темелен пресврт во начинот на кој светот работи и комуницира.

Особено помладата генерација, која понекогаш се нарекува и сајбер-генерација, Интернет го дочека со раширени раце. Студентите, кои порано оделе да учат во библиотека, сега сѐ повеќе користат Интернет за да истражуваат и да дознаат што има ново во светот. „Накратко кажано, овие студенти . . . наоѓаат на Интернет скоро сѐ што им е потребно за студирањето“, вели Диена Л. Тилиш, која раководи со едно истражување во Соединетите Држави во кое се вклучени студенти од четврта година. Да, во денешново општество, Интернет е навистина една скапоцена алатка.

Обично, колку појака е некоја алатка, толку поопасна може да биде. Со една моторна пила може да се заврши многу поголема работа отколку со една обична рачна пила, но, мора да се користи внимателно. На сличен начин, и Интернетот е многу моќно и корисно средство, но мора да го употребуваме внимателно зашто со него се поврзани и сериозни опасности. Загрижени за овие опасности, 40-те нации-членки на Советот на Европа склучија една меѓународна спогодба со цел да ги заштитат граѓаните од криминални дела што можат да се извршат преку Интернет.

Зошто луѓето се толку загрижени? Од кои опасности треба особено да се чуваат христијаните? Дали поради тие опасности не треба да се користи Интернет? Каков совет ни дава Библијата?

Треба многу да се внимава

Пред стотици години, Библијата предупредила да се чуваме од лоши луѓе, кои ги опишала како ‚подмолни сплеткари‘ што ‚смислуваат зло‘ (Пословици 24:8). Пророкот Еремија ги опишува како „нечестивци“ чии „куќи се полни со грабежи“. Како птичари, тие „поставуваат стапици“ за да фатат некого и да ‚станат богати‘ (Еремија 5:26, 27). Технологијата им нуди на современите „нечестивци“ еден сосема поинаков вид измамнички стапици. Да видиме кои се некои од тие многу опасни замки во кои можат да се фатат христијаните.

Порнографијата на Интернет стана профитабилен бизнис кој носи годишна заработувачка од 2,5 милијарди долари. Во последниве пет години, бројот на порнографски веб-страници доживеа драматичен пораст од околу 1.800 проценти. Се проценува дека моментално има над 260 милиони такви страници, а нивниот број продолжува да расте со невидена стапка. „Има толку многу порнографија на Интернет што е просто невозможно да ја избегнеш дури и да не сакаш да гледаш. Сето ова, пак, придонесува за уште поголема зависност од сајбер-секс“, вели д-р Кимберли С. Јанг, извршен директор во Центарот за зависност од Интернет.

Библијата ни кажува дека „секој е искушуван [од] неговата сопствена желба“ (Јаков 1:14). За трговците со порнографија, секој што поседува компјутер е потенцијална жртва. Затоа користат најразлични тактики за да ѝ апелираат на „сопствената желба“ на таквата жртва, односно на „желбата на телото и желбата на очите“ (1. Јованово 2:16). Целта им е да ги заведат наивните корисници на Интернет така што се обидуваат да ги намамат (Пословици 1:10).

Исто како и лошите луѓе во библиски времиња, трговците со порнографски материјал честопати користат измама. Според некои проценки, секој ден се испраќаат околу две милијарди електронски пораки во агресивна кампања за да се привлечат нови муштерии. Честопати ваквите небарани електронски пораки содржат наслов што остава впечаток дека пораката е безопасна. Но, ако се отвори, на екранот излегува низа од неморални слики што тешко можат да се прекинат. Доколку побарате Вашата адреса да биде тргната од нивниот список на потенцијални муштерии, резултатот може да биде поплава од уште многу други такви порнографски пораки.

Птичарот внимателно ги фрла зрната на патот. Една наивна птичка почнува да си колве: едно вкусно зрно, па друго вкусно зрно, па трето вкусно зрно, и на крајот — цап! — се фаќа во стапицата. На сличен начин, поттикнати од љубопитност и мислејќи си дека никој не ги гледа, некои почнуваат да ‚грицкаат‘ по малку од материјал што сексуално ги возбудува. Поради тоа, некои од нив почнуваат сѐ почесто и почесто да гледаат такви слики што силно влијаат врз нив. Можеби во почетокот ги измачува чувство на срам и грижа на совеста. Но, како што си минува времето, она што порано им било шокантно, сега веќе им станува нормално. За оние што се склони кон порнографија, Интернет е како ѓубриво што предизвикува желбите брзо да им созреат и да прераснат во грешни постапки (Јаков 1:15). На крајот, кај таквите лица може да се развие „,мрачна страна‘, чија главна карактеристика се незаузданите сексуални желби кои сакаат да ги задоволат сами, и која е лишена од секакви морални вредности“, вели д-р Виктор Клајн, психолог на клиника, кој лекувал стотици пациенти што биле фатени во оваа стапица.

Опасноста од чет-линиите

Чет-линиите на Интернет можат да бидат вистинско губење време и сѐ повеќе се причина за распад на семејствата. Исфрустриран од тоа што жена му со часови седи на Интернет, еден човек напишал: „Кога ќе си дојде од работа, го вклучува компјутерот и го исклучува дури по пет часа, некогаш и повеќе. Бракот ни е на стаклени нозе“. Да, времето што го поминувате на Интернет, всушност, го крадете од времето што треба да го минувате со Вашиот сопружник и семејството.

Анџела Сибсон, извршен раководител во брачното советувалиште Relate, вели дека Интернет ја отвора „вратата за други видови врски, кои можат да бидат многу силни и да ги разорат постоечките врски“. Она што почнува како обичен разговор на чет-линија, може брзо да прерасне во нешто многу посериозно. Решени да вршат неморал, оние „со измама во срцето“ користат „ласкав јазик“ и им го кажуваат на своите потенцијални жртви она што жртвите сакаат да го чујат (Пословици 6:24; 7:10). Никол, една таква 26-годишна жртва од Велика Британија, објаснува: „Постојано ми кажуваше колку ме сака и колку сум прекрасна — и јас паднав на тоа“. Д-р Ал Купер, издавач на книгата Сексот и Интернетот: Водич за лекарите (Sex and the Internet: A Guidebook for Clinicians), вели дека мораме да ги предупредиме „луѓето дека во моментот кога ќе почнат со флерт на чет-линија, тргнуваат по една лизгава удолнина, која премногу често завршува со развод“.

Децата се наоѓаат во уште поголема опасност да бидат искористени и повредени од луѓе што вршат сексуални кривични дела користејќи компјутери. На педофилите, кои се служат со ‚лажлива уста‘ и со ‚измамливи усни‘, цел им се неискусните деца (Пословици 4:24; 7:7). Педофилот почнува така, што го опсипува детето со внимание, наклоност и љубезност. Сето ова придонесува детето да си мисли дека е нешто посебно. Се чини како педофилот да го знае сето она што го интересира едно дете, па и која е неговата омилена музика и хоби. Кога детето има некој незначителен проблем дома, педофилот му придава толку голема важност што јазот помеѓу детето и неговото семејство уште повеќе се зголемува, а тоа, всушност, е и целта. За да ги задоволат своите расипани желби, ваквите грабливци можат да ѝ испратат на жртвата дури и бесплатна карта за пат. Последиците што следат се страшни.

Библиските начела можат да Ве заштитат

Откако размислиле добро за опасностите, некои заклучиле дека за нив е најдобро воопшто да не користат Интернет. Сепак, мора да се признае дека само мал процент од страниците на Интернет се опасни и дека повеќето корисници немаат некои потешки проблеми.

Среќни сме што Библијата ни обезбедува водство кое може да нѐ заштити од опасностите. Нѐ поттикнува да стекнеме знаење, мудрост и способност за расудување. Тие ќе ‚внимаваат на нас‘ и ќе нѐ ‚избават од лош пат‘ (Пословици 2:10-12NW). „Но, од каде ни доаѓа Мудроста?“ — прашал древниот Божји слуга Јов. Кој е одговорот на ова прашање? „Стравот од Господа [од Јехова, NW]— ете што е мудрост“ (Јов 28:20, 28).

‚Стравот од Јехова‘, кој „е омраза кон злото“, е неопходен за да развиеме особини што му се угодни на Бог (Пословици 1:7; 8:13; 9:10). Љубовта и длабокото ценење за Бог, како и здравата страхопочит кон неговата моќ и авторитет, ни помагаат да ги мразиме и да не ги правиме лошите работи што Тој ги мрази. Јасната способност за расудување, заедно со познавањето на Божјите начела, ни помага да ги препознаеме опасностите што можат да ни го затрујат умот и срцето, и да ни ја уништат духовноста. Ни стануваат одвратни себичните и алчни ставови што можат да ни го разорат семејството и да го уништат нашиот однос со Јехова.

Според тоа, ако користите Интернет, бидете свесни за опасностите. Останете решени да ги држите Божјите заповеди и не играјте си со работи што можат сериозно да Ви наштетат (1. Летописи 28:7). Тогаш, дури и да наидете на опасности кога користите Интернет, ќе можете мудро да ги избегнете (1. Коринќаните 6:18).

[Рамка на страница 27]

БЕГАЈ ПОДАЛЕКУ ОД ПОРНОГРАФИЈА!

„Блуд и секаков вид нечистота или алчност да не се ни спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе“ (Ефешаните 5:3).

„Затоа, умртвете ги своите телесни членови што се на земјата во поглед на блуд, нечистота, сексуална страст, штетна желба и лакомост“ (Колошаните 3:5).

„Ова е тоа што го сака Бог . . . секој од вас да знае како да завладее со својот сопствен сад во осветување и чест, а не во лакома сексуална страст каква што имаат нациите кои не го познаваат Бог“ (1. Солуњаните 4:3-5).

[Рамка/слики на страници 28 и 29]

ПАЗЕТЕ СЕ ОД ИНТЕРНЕТ ЧЕТ-ЛИНИИТЕ!

Една жена која е полициски детектив, и чија специјалност е истражување на криминал што се врши преку Интернет, му покажа на дописникот на Разбудете се! какви се опасностите од чет-линиите. Таа се приклучи на една чет-линија и се претстави како 14-годишна девојка. За само неколку секунди ѝ се обратија неколку непознати лица. Тие ѝ поставуваа прашања како: „Од каде си?“ „Женско си или машко?“ „Можеме ли да разговараме?“ Некои од лицата што ѝ се обратија се осомничени за педофилија и полицијата ги следи веќе извесно време. Ова покажува колку е лесно преку чет-линија педофилот да стапи во контакт и со Вашето дете.

Некои родители сметаат дека на нивните деца не може ништо да им се случи ако разговараат на чет-линија со други затоа што нивниот разговор можат да го следат сите што се на таа линија. Сепак, штом ќе се приклучите, секој може да започне да разговара со Вас на приватна чет-линија. Во врска со ваквата пракса, која понекогаш се нарекува шепотење, Британската полициска единица чија цел е да ги заштити децата на Интернет, предупредува: „Ова е исто како да се повлечеш за да разговараш во посебна соба со непознат човек додека си на забава на која се присутни многу луѓе“.

Освен тоа, важно е родителите да сфатат дека повеќето педофили не сакаат само да разговараат со детето. Во документот на едно Здружение за борба против криминалот на Интернет се вели: „Контактот што започнал на чет-линија може лесно да се продолжи преку електронска пошта (e-mail) и (мобилен) телефон“. Еден извештај на ФБИ го вели следново: „Иако на извршителите на сексуални прекршоци им е возбудливо да разговараат со децата преку компјутер, тоа брзо ќе им здодее. Повеќето сакаат да разговараат со детето по телефон. Мнозина се впуштаат во ‚секс преку телефон‘ со децата и честопати настојуваат да се најдат со нив со намера да имаат вистински сексуални односи со нив“.

За да го постигнат ова, вршителите на сексуални прекршоци им го даваат на децата својот телефонски број. Ако Вашето дете им се јави, тие ќе можат да видат на телефонскиот идентификатор од кој број се јавува. Некои педофили имаат број на кој детето може да се јави бесплатно. Некои дури му праќаат мобилен телефон. Прекршителите исто така праќаат писма, слики и подароци.

Но, децата не се единствената жртва на чет-линиите. Користејќи ваква линија, еден човек од Велика Британија им ласкал на жените кажувајќи им го она што тие сакаат да го чујат, и така во него истовремено се заљубиле шест жени. Една од неговите жртви, Шерил, привлечна 27-годишна жена која е на пост-дипломски студии, вели: „Не можам да го објаснам тоа. Врската стана толку длабока што не ми беше важно ништо друго во животот“.

Џени Меден, која е основач на здружението Women in Cyberspace, вели: „На жените им е пријатно во светот на Интернет бидејќи таму никој не ги просудува на темел на нивниот изглед. Но, бидејќи особено на чет-линиите имаат обичај за кратко време да си откријат многу работи за себе, лесно може да се манипулира со нив“.

„Сѐ што треба да сторам е да го вклучам компјутерот и веќе можам да избирам меѓу илјадници жени“, изјавил еден испитаник во истражувањето на Универзитетот во Флорида, со кое раководела Беатриз Авила Милхам. Таа вели: „Интернет наскоро ќе стане најчест облик на неверство, ако веќе и не станал“. Д-р Ал Купер, издавач на книгата Сексот и Интернетот: водич за докторите вели дека „психотерапевти од целата земја сметаат дека сексот на Интернет е една од главните причини за брачните проблеми“.

Со оглед на овие отрезнувачки податоци, мудро е да се преземат разумни мерки кога се користи Интернет. Разговарајте со Вашите деца и поучете ги како да се заштитат. Вистинските информации можат да ви помогнат да ги избегнете опасностите на Интернет (Проповедник 7:12).