Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се соочам со неуспех?

Како да се соочам со неуспех?

Младите прашуваат . . .

Како да се соочам со неуспех?

„Само што ни ги дадоа ученичките книшки. Пак имам единици по истите четири предмети. Се трудев да ги поправам, но не ми успеа“ (Лорен, 15 години).

„Навистина е тешко да се избориш со чувствата кога нема да направиш нешто како што треба. Многу лесно те обземаат негативни мисли“ (Џесика, 19 години).

НЕУСПЕХ. Можеби не сакаш ни да се спомне тој збор. Но, одвреме навреме секој од нас ќе доживее некаков неуспех. Можеби ќе добиеме слаба оценка на писмена задача. Можеби ќе кажеме или ќе направиме нешто што не треба па ќе се засрамиме. Можеби ќе разочараме некого што го сакаме или, пак, ќе прекршиме некое морално мерило. Без разлика за што станува збор, кога нема да успееме во нешто, може да се чувствуваме скршено.

Се разбира, сите правиме грешки. „Сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“, вели Библијата (Римјаните 3:23). Но, на некои од нас им е тешко да станат откако ќе паднат, односно ќе потфрлат во нешто. Еден младич по име Џејсон вели: „Јас сум си свој најсуров критичар. Кога ќе направам грешка, другите можеби ќе се насмеат, а потоа ќе заборават на тоа. Јас не заборавам, грешката не ми излегува од глава“.

Не е секогаш лошо да се размислува за сопствените пропусти, посебно ако тоа нѐ поттикне да се подобриме. Меѓутоа, со долготрајна и непопустлива самокритика можеме да си наштетиме и да постигнеме спротивен ефект. Во Изреки 12:25 (NW) се вели: „Од загриженост срцето на човекот му премалува“.

Размисли за Епафродит, еден човек што е спомнат во Библијата. Тој бил испратен во Рим за да му служи на апостол Павле како личен помошник. Но, се разболел и не можел да си ја изврши задачата. Всушност, на крајот Павле требало да се грижи за него! Павле средил Епафродит да се врати дома, и го известил тамошното собрание дека овој верен човек паднал и во депресија. Зошто? ‚Чувте дека падна болен‘, објаснил Павле (Филипјаните 2:25, 26). Кога Епафродит сфатил дека другите знаат дека е болен и дека не може да си ги врши должностите, можеби се почувствувал безвредно. Ништо чудно што паднал во депресија!

Има ли начин да се избегнат болните чувства што ги предизвикува неуспехот?

Биди свесен за своите ограничувања

Еден начин да ги намалиш шансите за неуспех е да си поставиш достижни, скромни цели. „Мудроста е кај скромните“, вели Библијата (Пословици 11:2NW; 16:18). А скромното лице е свесно за своите ограничувања. Точно, не е лошо понекогаш да си поставиш и повисока цел за да си изостриш некои вештини или способности. Но, биди реалистичен. Можеби едноставно не си гениј за математика или ја немаш градбата и вештините на некој врвен спортист. Еден младич по име Мајкл признава: „Знам дека не сум некој јак спортист. Затоа спортувам, но не очекувам нешто многу од себе во тој поглед“. Тој објаснува: „Мораш да си поставиш цели што можеш да ги оствариш“.

Размисли и за ставот на 14-годишната Ивон, која има вродена деформација на р‘бетниот столб и церебрална парализа. „Не можам ни да одам, ни да играм, ни да трчам како другите“, вели Ивон. „Тешко ми е што не можам да ги правам работите што тие ги прават. Многу луѓе навистина не можат да ја разберат мојата фрустрација. Но, јас можам да се изборам со тие чувства.“ Каков совет дава таа? „Не предавај се. Труди се и понатаму. Ако не успееш во нешто или згрешиш, не кревај раце. Продолжи да даваш сѐ од себе.“

Во исто време, немој да се измачуваш со тоа што неразумно ќе се споредуваш со другите. Андреј, кој има 15 години, вели: „Се трудам да не се споредувам со другите затоа што сите имаме различни способности и таленти“. Зборовите на Андреј нѐ потсетуваат на она што го вели Библијата во Галатите 6:4: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“ (Галатите 6:4).

Кога другите премногу очекуваат од тебе

Меѓутоа, понекогаш другите очекуваат премногу од тебе — родителите, професорите или, пак, некој друг. А ти си свесен дека, колку и да се трудиш, едноставно нема да можеш да им угодиш. Уште полошо е кога можеби ќе покажат дека си ги разочарал кажувајќи зборови што те нервираат или дури длабоко те повредуваат (Јов 19:2). Сигурно ти е јасно дека твоите родители и другите не сакаат намерно да те повредат. Како што забележува и Џесика, „честопати тие и не сфаќаат какви чувства создаваат кај тебе. Понекогаш едноставно станува збор за недоразбирање“.

Од друга страна, пак, дали е можно тие да гледаат нешто што ти не можеш да го видиш? Можеби навистина се потценуваш себеси и своите способности. Наместо да ги игнорираш нивните совети, мудро е да ја ‚послушаш поуката‘ (Пословици 8:33). Мајкл објаснува: „Она што ти го кажуваат е за твое добро. Тие сакаат да бидеш подобар, да одиш напред. Прифати го тоа како предизвик“.

Но, што ако сметаш дека она што го бараат родителите и другите едноставно не е разумно — дека со тоа си осуден на неуспех? Тогаш би било мудро да разговараш со нив — со почит, но отворено — и да им објасниш како се чувствуваш. Можеби заедно ќе успеете да поставите пореалистични цели.

„Неуспеси“ на духовно поле

За младите Јеховини сведоци уште еден додатен предизвик е да ги извршуваат своите задачи што ги имаат како Божји слуги (2. Тимотеј 4:5). Ако си млад христијанин, можеби понекогаш се чувствуваш недораснат за некои работи. Можеби си мислиш дека твоите коментари на состаноците не се баш најдобри или ти е тешко да им ја објасниш библиската порака на другите. На пример, Џесика ја проучувала Библијата со една друга тинејџерка. Извесно време оваа девојка добро напредувала. Но, одеднаш одлучила дека не сака да му служи на Бог. Џесика се присетува: „Мислев дека јас сум виновна за сѐ“.

Како се справила Џесика со ваквите чувства? Прво, морала да сфати дека девојката го отфрла Бог, а не неа лично. Освен тоа, ѝ помогнало и тоа што размислувала за библискиот пример на Петар, кој бил богобојазлив човек, но имал доста слабости. Таа објаснува: „Библијата покажува дека Петар успешно работел на своите слабости и дека Јехова го искористил на многу начини во делото на Царството“ (Лука 22:31-34, 60-62). Се разбира, ако треба да ги подобриш своите вештини како учител, би можел да работиш повеќе на тоа (1. Тимотеј 4:13). Искористи ја помошта на зрелите поединци во собранието. Тие можат да ти дадат поука и да те обучат.

Можеби посебно тешко ти паѓа службата од куќа до куќа. Џејсон признава: „Секоја врата што ќе ми се затвори за мене претставува мал пораз“. Како се бори со ваквите чувства? „Морам да се потсетувам дека, всушност, не е така.“ Да, тој успеал да го изврши она што Бог му го заповеда — да проповеда! Иако е тешко кога некој ќе те одбие, факт е дека нема сите луѓе да ја одбијат библиската порака. „Кога ќе наидам на некој што сака да слуша“, вели Џејсон, „тогаш знам дека не сум одел залудно.“

Сериозни грешки

Што ако направиш некоја сериозна грешка — или направиш дури и некој тежок грев? Ана, која има 19 години, направила таква грешка. a Таа признава: „Го изневерив собранието, го изневерив семејството, а најмногу Јехова“. За повторно да застанеш на нозе, треба да се покаеш и да побараш помош од собраниските старешини (Јаков 5:14-16). Ана си спомнува како ѝ помогнале зборовите што ѝ ги кажал еден старешина: „Тој рече дека и покрај сите лоши работи што ги направил цар Давид, Јехова сепак бил спремен да му прости, и Давид се кренал на нозе. Тие зборови многу ми помогнаа“ (2. Самоил 12:9, 13; Псалм 32:5). Исто така, мора да даваш сѐ од себе за да станеш духовно појак. „Ги читам Псалмите одново и одново“, вели Ана, „и водам дневник во кој си ги запишувам сите охрабрувачки стихови.“ Со текот на времето, едно лице може да застане на нозе дури и ако направило тежок престап. Во Изреки 24:16 се вели: „Ако праведникот падне и седумпати, тој станува“ (Пословици 24:16).

Да се преброди неуспехот

Се разбира, дури и релативно мали неуспеси можат да болат. Што ќе ти помогне да ги пребродиш? Пред сѐ, гледај реално на своите грешки. Мајкл препорачува: „Наместо постојано да си мислиш дека од тебе ништо не бидува, размисли каде точно си згрешил и што било причината за тоа. Така, следниот пат ќе можеш да постапиш подобро“.

Освен тоа, не си ставај сѐ на срце. Има „време за смеење“, па не е лошо некогаш и да се насмееш на своја сметка! (Проповедник 3:4). Ако се чувствуваш обесхрабрен, концентрирај се на нешто што го правиш добро — на некое хоби или спорт. Тоа што ќе бидеш ‚богат во добри дела‘ — на пример, така што ќе им зборуваш на другите за својата вера — може да ти помогне да имаш подобро мислење за себеси (1. Тимотеј 6:18).

И, на крајот, не заборавај дека „Јехова е милосрден и милостив . . . Нема да наоѓа грешки засекогаш“ (Псалм 103:8, 9NW). Џесика вели: „Чувствувам дека колку повеќе се зближувам со Јехова, толку поголема доверба имам дека тој ме поддржува и ми помага во секоја ситуација“. Да, навистина е утешно да се знае дека и покрај сите неуспеси и пропусти, твојот небесен Татко те цени.

[Фуснота]

a Името е сменето.

[Слика на страница 20]

Ако се чувствуваш преоптоварен од барањата што ти се наметнати, најди начин со почит да зборуваш за тоа

[Слика на страница 21]

Ако се занимаваш со нешто што ти оди добро, ќе можеш да го растераш чувството на неуспех