Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да ја задоволиме потребата од пријатели

Како да ја задоволиме потребата од пријатели

Како да ја задоволиме потребата од пријатели

„ОСАМЕНОСТА не е болест“, се вели во книгата Во потрага по блискост. „Осаменоста е здраво чувство . . . природен показател дека ни недостасува друштво.“ Исто како што гладот нѐ тера да јадеме хранлив оброк, така и чувството на осаменост треба да нѐ натера да си побараме добри пријатели.

Сепак, како што вели Јаел, младата девојка од Франција, „некои луѓе не сакаат да имаат никаков контакт со другите“. Но, оној што се изолира, од која и да било причина, нема ништо да постигне — само може да стане уште поосамен. Една библиска пословица вели: „Кој се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“ (Пословици 18:1NW). Значи, најважно е да си признаеме дека ни се потребни пријатели, а потоа да преземеме нешто во врска со ова.

Преземи практични чекори

Наместо да се сожалуваш себеси или да им завидуваш на оние што, според тебе, имаат повеќе или подобри пријатели, зошто не пробаш да гледаш позитивно на работите? Така постапила Мануела од Италија. Таа вели: „Особено додека бев тинејџерка, имав чувство дека другите ме избегнуваат. За да го надминам овој проблем, внимателно ги набљудував оние што имаа добри пријатели. Потоа се трудев и кај себе да ги развијам добрите особини што ги видов кај нив за да можам и самата да станам попријатна личност“.

Еден практичен чекор е да обрнеш внимание на својот изглед и на својата личност. Доколку здраво се храниш, доволно се одмораш и вежбаш, ќе изгледаш подобро и ќе се чувствуваш подобро. А ако си уреден, чист и вкусно облечен, не само што ќе бидеш пријатно друштво за другите, туку и ќе имаш поголема мера на самопочит. Сепак, внимавај да не станеш преокупиран со надворешниот изглед. „За да најдеш добри пријатели, не е неопходно да си облечен по последна мода“, вели Гаел од Франција. „На добрите луѓе им е најважно каков си како личност.“

Најмногу од сѐ, твоите најдлабоки мисли и чувства се она што одредува за што ќе зборуваш, па и како ќе изгледаш. Дали си ведра, оптимистична личност? Ако да, тоа ќе се види на твоето лице. Искрената насмевка е најубавиот украс и, како што вели Роџер Е. Акстел, стручњак што се занимава со говорот на телото, „неа секој ја разбира“ и „ретко може погрешно да се сфати“. a Ако на насмевката ѝ додадеш и добра смисла за хумор, луѓето ќе бидат автоматски привлечени кон тебе.

Имај на ум дека добрите особини извираат од срцето. Затоа, труди се да го полниш својот ум и своето срце со изградувачки, позитивни мисли и чувства. Читај нешто интересно и корисно — за тековните настани, за најразлични култури или занимливости од светот на природата. Слушај музика што позитивно влијае врз тебе. Но, немој да дозволиш телевизијата, филмовите и романите да ти го преполнат умот со празни фантазии и кај тебе да разбудат нереални чувства. Она што обично се прикажува на телевизискиот екран не е реалниот живот, не се вистински пријателства. Тоа е само плод на нечија фантазија.

Отвори си го срцето!

Зулејка, која живее во Италија, си спомнува: „Како помала, бев многу срамежлива и ми беше тешко да се спријателам со другите. Но, знаев дека ако сакам да имам пријатели, тогаш морам сама да преземам нешто, да ги запознаам другите и да им дадам шанса и тие да ме запознаат мене“. Да, за да имаме вистински пријатели, мораме да бидеме отворени со другите — да им дозволиме да видат какви сме однатре. За едно вистинско пријателство, таквите отворени односи се далеку поважни од добриот изглед или шарм. „Сите можат да имаат длабоки и трајни пријателства — и срамежливите и друштвените, и младите и старите, и досадните и интересните, и непривлечните и убавите — важно е само да се искрени“, забележува д-р Алан Лои Мекгинис. „Искрените луѓе им дозволуваат на другите да видат што им е во срцето.“

Тоа не значи дека треба да си кажеш сѐ што ти лежи на срце или да им ги откриеш своите најдлабоки тајни на луѓе со кои не си баш близок. Сепак, на оние што можеш, треба постепено да почнеш да им ги откриваш своите мисли и чувства. Микела од Италија вели: „Мојот проблем беше во тоа што не зборував за своите чувства. Но, морав да се променам. Морав да се трудам повеќе да ги покажувам чувствата за да можат пријателите да ме разберат и за да ме чувствуваат поблиска“.

Сепак, дури и ако по природа си друштвен, времето и заедничките моменти се она што придонесува да се развие доверба меѓу тебе и пријателите. Во меѓувреме, немој постојано да мислиш што ќе речат другите за тебе. Елиза од Италија се присетува: „Проблемот со мене беше тоа што секогаш кога сакав да кажам нешто се плашев дека нема да го кажам како што треба. А потоа си реков: ‚Вистинските пријатели ќе ме разберат‘. И така, кога ќе се случеше да кажам нешто како што не треба, си се смеев самата на себе и сите се смееја со мене“.

Затоа, опушти се! Биди тоа што си. Немој да се преправаш — со тоа не добиваш ништо. „Најпривлечен си ако си искрен, неизвештачен и природен“, напишал семејниот советник Ф. Александар Магун. Луѓето што се навистина среќни немаат потреба да се преправаат или да се трудат да ги импресионираат другите. Само оние што се искрени можат да имаат вистински пријатели. Но, и ние треба да им дозволиме на другите да бидат тоа што се. Кога човек е среќен, ги прифаќа другите такви какви што се и не се потресува околу некои нивни ситни маани. Таквиот човек нема потреба да ги прекројува пријателите за да се вклопат во неговиот однапред утврден шаблон за вистински пријатели. Затоа, работи на тоа и ти да бидеш таква ведра и позитивна личност.

За да имаш пријатели, биди пријател

Но, има нешто што е уште поважно — може да се каже дури и најважно. Пред околу 2.000 години, Исус покажал дека клучот за успех во сите меѓучовечки односи е несебичната љубов. Тој поучувал: „Како што сакате луѓето да ви прават вам, исто така правете им и вие“ (Лука 6:31). Ова учење денес е познато како Златно правило. Тоа значи дека единствениот начин да имаш вистински пријатели е и самиот да бидеш несебичен пријател, кој спремно се троши за другите. Со други зборови, ако сакаш да имаш пријатели, биди пријател. Во едно вистинско пријателство, давањето е многу поважно од примањето. Мораме да бидеме спремни да ги ставиме потребите на пријателот пред она што ние го сакаме или што нам ни одговара.

Мануела, која беше цитирана погоре, вели: „Токму како што рекол и самиот Исус, вистинската среќа е во давањето. Оној што прима е среќен, но оној што дава е уште посреќен. Можеме да даваме и само ако ги прашаме пријателите како се, ако се трудиме да ги разбереме кога имаат проблеми и ако правиме сѐ што можеме за нив без да чекаме да ни побараат помош“. Затоа, покажувај интерес за другите, но и за оние што веќе ти се пријатели. Зацврсти ги пријателствата. Немој да ги жртвуваш за безначајни и неважни работи. Пријателите го заслужуваат нашето време и внимание. Рубен, од Италија, го вели следново: „За да имаме пријатели и да ги задржиме, мора да најдеме време за нив. Пред сѐ, ни треба време за да сослушаме некого. Сите можеме да се подобриме во ова, покажувајќи интерес за она што го кажуваат другите така што нема да ги прекинуваме додека зборуваат“.

Почитувај ги другите

Заемната почит е еден друг клучен фактор што придонесува за добри, долгогодишни пријателства. Почит можеме да покажеме ако сме обѕирни кон чувствата на другите. Сите сакаме нашите пријатели да бидат тактични и обѕирни кога нивниот вкус или мислење се разликуваат од нашите. Тогаш, зар не треба и самите да бидеме такви? (Римјаните 12:10).

Покажуваме почит кон пријателите и со тоа што не ги „давиме“ со своето пријателство. Вистинските пријатели не се ниту љубоморни ниту посесивни. Во 1. Коринќаните 13:4, Библијата вели: „Љубовта не е љубоморна“. Затоа немој да бидеш од оние што себично ги чуваат пријателите само за себе. Ако му се доверат на некој друг, немој да се навредуваш или да ги избегнуваш. Сфати дека на сите ни треба повеќе од еден пријател. Дај им на твоите пријатели шанса да се спријателат и со други.

Исто така, имај на ум дека твоите пријатели имаат право на приватност. Секој од нас, па дури и оние што се во брак, треба да има време лично за себе. Иако треба да покажеш интерес за другите, биди урамнотежен и обѕирен, и пази на твоите пријатели да не им здодее твоето друштво. Библијата го дава следново предупредување: „Ретко влегувај во куќата на твојот ближен, да не се засити од тебе и да те замрази“ (Пословици 25:17).

Не барај совршенство

Се разбира, кога ќе се запознаеме подобро со некого, ќе станеме посвесни за неговите добри, но и за неговите лоши страни. Сепак, не треба да дозволиме ова да нѐ спречи да бидеме пријатели. „Некои имаат преголеми очекувања од оние што би сакале да ги имаат за пријатели“, вели Паком од Франција. „Сакаат тие да имаат само добри особини, но тоа е невозможно.“ Никој од нас не е совршен и затоа нема право да бара совршенство од другите. Сите очекуваме пријателите да нѐ прифатат и покрај нашите маани и да имаат разбирање за нас. Зарем не треба и ние да ги толерираме нивните пропусти така што нема да ги преувеличуваме? Авторот Денис Прагер нѐ потсетува: „Ако некој сака совршени пријатели (што никогаш нема да се жалат, а секогаш ќе бидат срдечни и расположени, ќе му обрнуваат внимание само нему и никогаш нема да го разочараат), нека си купи домашно милениче“. Ако не сакаме и нам домашните миленичиња да ни бидат најдобрите пријатели, да го послушаме советот на апостол Петар кој рекол дека „љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8).

Една изрека вели дека пријателите ја удвојуваат радоста а ја преполовуваат тагата. Сепак, да бидеме реални — не можеме да очекуваме пријателите да ни ги задоволат сите потреби ниту да ни ги решат сите проблеми. Ваквото гледиште за пријателството е себично.

Верни пријатели во добро и во зло

Штом некој ни станал пријател, не треба никогаш да мислиме дека тој автоматски и ќе ни остане пријател. Пријателите и понатаму мислат еден на друг и се молат еден за друг иако можеби ги дели голема далечина и поради тоа нема да се видат подолго време. Нивната блискост си останува дури и да се гледаат многу ретко. На пријателите треба да им се најдеме особено тогаш кога им е тешко или кога им треба помош. Најважно од сѐ, не смееме да се тргнеме од нив кога имаат проблеми. Тогаш сме им најпотребни. „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Пословици 17:17). А кога меѓу вистинските пријатели ќе се појави некое недоразбирање, тие брзо се смируваат и си простуваат. Вистинските пријатели не си свртуваат грб еден на друг само затоа што меѓу нив ќе се испречи некој проблем.

Ако имаш несебични мотиви и ако си позитивен со другите, ќе можеш да стекнеш пријатели. Но, важно е и какви пријатели имаш. Како можеш да си избереш добри пријатели? Следната статија ќе го разгледа ова прашање.

[Фуснота]

a Види ја статијата „Насмевнете се — тоа е добро за Вас!“ во Разбудете се! од 8 октомври 2000.

[Рамка/слики на страници 6 и 7]

Можат ли машко и женско да бидат „само пријатели“?

Можат ли машко и женско, кои не се во брак еден со друг, да бидат пријатели? Зависи од тоа што подразбираме под зборот „пријател“. Исус бил близок пријател со Марија и Марта од Витанија, а тие биле немажени (Јован 11:1, 5). Апостол Павле им бил пријател на Прискила и нејзиниот маж, Акила (Дела 18:2, 3). Со сигурност може да се каже дека сите овие лица се сакале од срце. Но, не може ни да се замисли дека Исус или Павле дозволиле овие пријателства да прераснат во романтични врски.

Во денешново општество, мажите и жените мораат повеќе од кога и да е порано да соработуваат едни со други и да бидат во своја непосредна близина. Ова сѐ повеќе ја наметнува потребата и едните и другите да научат како да развијат пристојни, пријателски меѓусебни односи. И оние што се во брак можат да извлечат корист од здравото дружење со други брачни парови или со неженети и немажени лица.

„Меѓутоа, линијата меѓу романтичните, сексуалните и чисто пријателските чувства може да биде многу тенка“, предупредува списанието Psychology Today. „Искуството покажува дека во едно пријателство меѓу двајца од спротивен пол секогаш демне опасноста да се јави сексуална привлечност и без да сакаат тие. Едно обично пријателско гушкање може за миг да се претвори во страстна прегратка“.

Она што е особено важно за брачните двојки е да бидат реалистични и практични. „Бракот може да биде загрозен доколку некој од партнерите, на кој и да било начин, е поблизок со други лица“, пишува авторот Денис Прагер во својата книга Среќата е сериозна работа (Happiness Is a Serious Problem). „Блискоста во една врска не се должи само на интимните односи. Вашиот сопружник со право очекува да Ви биде во секој поглед најблискиот пријател од спротивен пол.“ Исус истакнал дека за да остане морално чист, човек мора да си го чува срцето (Матеј 5:28). Затоа, однесувај се пријателски, но чувај го срцето и совесно избегнувај да се најдеш во ситуации што можат да предизвикаат неисправни мисли, чувства или постапки кон кого и да е од спротивниот пол.

[Слики на страница 7]

Ако обрнеш внимание на својот изглед и на својата личност, ќе им бидеш попривлечен на другите

[Слика на страница 8]

Пријателите се доверуваат еден на друг