Прекрасни и вкусни!
Прекрасни и вкусни!
ПРОШЕТКАТА низ една цветна градина богато ги наградува сите ваши сетила. Со уживање гледате во цветните бои, форми и интересни шари. Ве опиваат нивните мириси. Под прстите ја чувствувате разновидната градба на цветните ливчиња. Но, што е со сетилото за вкус? Може ли да се ужива и во вкусот на цвеќињата? Луѓето во некои земји со векови уживаат во вкусот на цвеќињата што можат да се јадат. Ако имате некое вакво цвеќе во Вашата цветна или зеленчукова градина, вкусете го — ова може и за Вас да биде пријатно доживување. a
Романтичната роза
Розата (род Rosa) најверојатно е најпознатото и најомиленото цвеќе во светот. Освен основните видови рози, човекот одгледува илјадници други хибриди. Бидејќи вкусот зависи од почвата и од температурата на кои расте, добро е да се вкуси едно ливче од розата или од кое и да било друго цвеќе пред да решите да го користите за храна. Веројатно ќе забележите дека понекогаш венечното ливче, при основата, е горчливо. Ако е така, тогаш исечето го тоа делче, а ако го сервирате целиот цвет, јадете го само надворешниот дел од венечните ливчиња.
Списокот на јадења кои можат да се збогатат со рози е речиси бесконечен. Можете да ги ставите во салати, можеби во комбинација со сецкани ореви и сирење што нема јак вкус. За подобар вкус и боја на Вашиот омилен сос, како додатна состојка можете да користите истолчени венечни ливчиња од црвена роза. А и Вашите шпагети нема да изгледаат лошо ако ги декорирате со надолж исечени рози. Освен тоа, розите можат да му дадат подобар вкус на Вашиот сладолед, како и на Вашиот омилен напиток.
Цветови од тиква
Записите за користење на цветовите од тиква (Cucurbita pepo) како храна на двата американски континента датираат уште од 16 век. Се чини дека домородците во Америка ги јаделе само машките цветови (кои растат на долги и тенки стебленца) за да можат да се размножуваат женските цветови (под кои почнува да расте многу мала тиквичка). Пред да се зготват овие цвеќиња, треба да им се отстранат надворешните бодликави листови. Толчникот може да се извади или да остане. Во супите, како и во разни предјадења, благиот вкус на цветовите од тиква оди добро во комбинација со маслиново масло, со млада пченка, а и со самата тиква. За малку појак вкус, цвеќињата можат да се испржат со кромитче, лукче и зачини по избор. Освен тоа, можат да се полнат со смеса од сирење, кромид и миризливи тревки кои служат како зачин. Потоа цвеќињата се затвораат и се натопуваат во изматени белки од јајца во кои биле додадени и жолчките. На крај, се валаат во лебни трошки и се пржат. Уживајте во нивниот оригинален вкус!
Шарените темјанушки
Двобојните или тробојните темјанушки (Viola wittrockiana) имаат карактеристични темни пеги на венечните ливчиња, кои им даваат необичен изглед. Според Encyclopædia Britannica, обично се смета дека темјанушката е култивиран вид добиен од дивата темјанушка
(Viola tricolor), која има виолетова, бела и жолта боја. Ова диво цвеќе исто така може да се јаде, но според книгата Edible Flowers—From Garden to Palate, „може да биде отровно ако се внесе во големи количини“. Многу го подобрува вкусот и го збогатува изгледот на салатите од зеленчук, како и на овошните салати. Се користи во целиот цвет и се додава непосредно пред да се сервира, откако на салатата ќе ѝ се стави сол, оцет и масло. Исто така, може да се служи и со омилената супа.Третото цвеќе од родот Viola што може да се јаде е сината темјанушка (Viola odorata), која е извонредна со десерти и напитоци. (Види ја рамката „Слатки цветови за напитоци“.) Само овие три цвеќиња од родот Viola можат да се јадат.
Живописното богородично цвеќе
Долгите, тенки листови кои се многубројни при основата на стебленцето се карактеритични за богородичното цвеќе (род Hemerocallis). Ова цвеќе со краток животен век не треба да се меша со други цвеќиња од истата фамилија, Liliaceae. Богородичното цвеќе, кое го има во разни бои — од жолта до црвена — веќе долго се користи во кулинарството. Ако се обари, може да се служи како зеленчук. Друг начин на готвење е да се комбинираат неговите венечни ливчиња со состојки по избор за да се омекнат и потоа да се испржат. Гарнирајте го ова јадење со цели цветови.
Други цвеќиња што се јадат
Цветот јука (род Yucca), кој расте особено во сушни и полусушни подрачја, е богат со витамини и со калциум. Можат да се јадат само венечните ливчиња; добро е да се обарат за да им се извлече горчливоста. Цветовите на лимонот (Citrus limon), цветовите на портокалот (Citrus sinensis) и на нането (род Mentha) се одлични додатоци на пијалаците, салатите и десертите. b
Без сомнение, цвеќињата се дар за сетилата и во голема мера придонесуваат да уживаме во животот. Тие навистина се уште една причина за да му бидеме благодарни на нашиот Творец кој многу нѐ сака.
[Фусноти]
a За точно препознавање, наведени се и ботаничките називи.
b Ова не се единствени цвеќиња што се јадат, но пред да пробате некое друго цвеќе, темелно информирајте се дали може да се јаде.
[Рамка/слики на страница 18]
СЛАТКИ ЦВЕТОВИ ЗА НАПИТОЦИ
Пред да сипете вода во садот за правење коцки мраз, ставете во секоја преграда по едно венечно ливче или мало цвеќенце. Потоа ставете го садот во замрзнувачот. Можете да ги користите овие коцки мраз во Вашиот омилен напиток.
[Извор на слика]
(Земено од книгата El Cultivo de Hierbas (Билни култури).
[Рамка/слики на страница 18]
КАНДИРАНИ ЦВЕЌИЊА
Изматете белки од јајца и со фина четка нанесете тенок слој на цветовите што претходно сте ги измиле и сте ги оставиле да се исушат. Водете сметка сите венечни ливчиња да бидат целосно премачкани. Посипете ги со тенок слој на шеќер во прав. Истресете го вишокот шеќер од ливчињата и оставете ги цвеќињата неколку часови да се исушат.
[Извор на слика]
(Од книгата Cook’s Thesaurus)
[Рамка на страница 18]
ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
Некои цвеќиња се отровни. Затоа, потполно уверете се дали цвеќето што сакате да го готвите може да се јаде. Ако се сомневате, немојте да го јадете.
Не јадете какво и да е цвеќе кое било прскано со пестициди или други хемикалии. (Ова обично важи за цвеќињата купени од цвеќарници и расадници.) Јадете го само она цвеќе што било одгледувано на природен начин и далеку од патишта.
Астматичари и луѓе што се алергични на билки не смеат да јадат цвеќиња.
Исто како овошјето и зеленчукот, и цвеќињата мора добро да се измијат, посебно ако се јадат сирови.
[Слика на страница 17]
Роза
[Слика на страница 17]
Цветови од тиква
[Слика на страница 17]
Темјанушка
[Слика на страница 17]
Богородично цвеќе
[Слики на страница 18]
Цветови од лимон