Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Александриската библиотека се враќа во живот

Александриската библиотека се враќа во живот

Александриската библиотека се враќа во живот

АЛЕКСАНДРИСКАТА библиотека била една од најпознатите библиотеки на своето време. Од таа причина, Александрија (Египет), градот во кој била сместена, станала главен центар во кој се собирале најголемите умови на светот. Кога престанала да постои — а никој не знае точно која била причината за нејзиното исчезнување — со неа исчезнале и многубројни бесценети дела, а ова лошо се одразило врз целокупната човекова ученост и достигнувања. Сега на таа величествена библиотека повторно ѝ е вдахнат живот.

Новоизградената славна Александриска библиотека е градба со необичен облик. Главната зграда на Библиотека Александрина, како што гласи официјалниот назив на новата библиотека, личи на џиновски навален тапан. Во стаклено-алуминиумскиот покрив 1)— кој е скоро со големина на две фудбалски игралишта — се наместени прозорци кои гледаат на север и од кои влегува светлина во главната читалница 2). Во зградата на библиотеката, која наликува на пресечен цилиндар, се наоѓаат главните јавни простории, и таа делумно се протега под нивото на морето. Мазниот и сјаен покрив на зградата се крева нежно од под земјата до висина на седмокатница. Гледана оддалеку и осветлена од сончевите зраци кои се одбиваат од металниот покрив, оваа зграда наликува на сонце што се крева над хоризонтот.

Надворешноста на централниот тапан претставува широка заоблена површина од сив гранит, во која се издлабени букви во редови, како од древни така и од современи азбуки 3). Вака поставени во редови, буквите соодветно ги претставуваат градежните блокови на знаењето.

Најголемиот дел од внатрешноста на цилиндарот го зафаќа читалницата која е на повеќе нивоа 4). Осумте милиони книги се складирани во подрумите на зградата. Некои други специфични карактеристики на оваа библиотека се и изложбените простории, салите за предавања, посебно опремените простории за лицата со оштетен вид 5)‚ како и планетариумот, кој претставува одвоена сферична градба што личи на природен сателит што застанал во орбитата на извесна оддалеченост од главната градба 6). Оваа врвна научно-технолошка институција ја надополнуваат софистицирани компјутерски и противпожарни системи.

Како станала легендарна

Во древни времиња градот Александрија бил познат по чуда што веќе не постојат. Едно од нив бил Фарос — светилник за кој се вели дека бил висок повеќе од 110 метри и бил сметан за едно од седумте чуда на древниот свет — како и гробот на Александар Велики. Грчката династија на Птолемеј го наследила Египет по Александар и владеела со земјата сѐ додека Октавијан не ги поразил Антониј и Клеопатра во 30 пр.н.е. За време на владеењето на оваа династија, Александрија доживеала целосна трансформација. Всушност, таа „за кратко, станала светски трговски и културен центар“, се вели во Атлас на грчкиот свет (Atlas of the Greek World). На врвот на својата слава, Александрија била дом на околу 600.000 луѓе.

Најголема атракција на градот била нејзината царска библиотека. Основана во почетокот на третиот век пр.н.е. под богатото покровителство на птолемејското семејство, библиотеката, заедно со Музеонот (Храмот на музите), станала центар на изучувачите и пронаоѓачите од грчкиот свет.

Се смета дека во библиотеката имало околу 700.000 свитоци папирус. За споредба, во 14 век од н.е., во библиотеката во Сорбона — која се фалела со најголема колекција записи на своето време — имало само 1.700 книги. Египетските владетели толку многу сакале да ја збогатат својата колекција, што им заповедале на војниците да го пребараат секој брод што пристигал за да видат дали носи некои свитоци. Ако било најдено нешто, ги задржувале оригиналите и враќале копии. Според некои извори, кога на Птолемеј III му биле позајмени од Атина бесценети примероци од класичните грчки драми, тој ветил дека ќе плати кауција и дека ќе направи копии. Но, наместо тоа, овој цар ги задржал оригиналите, си ја повратил кауцијата и вратил копии.

На списокот на големи мислители што работеле во библиотеката и во музејот во Александрија се наоѓаат имињата на гениите од древниот свет. Изучувачите во Александрија се сметаат за творци на величествени дела од областа на геометријата, тригонометријата и астрономијата, како и на полето на јазиците, литературата и медицината. Според народното предание, токму овде седумдесет и двајца еврејски изучувачи ги превеле хебрејските списи на грчки, и така ја создале познатата Септуагинта.

Библиотеката исчезнува

Иронично е тоа што историчарите не гледале голема потреба да ги опишат во детали јавните згради во Александрија. Типичен пример за ваквиот став е една изјава на Атенеј, историчар од третиот век, кој изјавил: „Зошто да зборувам за бројот на книгите, за основањето на библиотеките и за собраните предмети во Салата на Музите, кога луѓето знаат сѐ за нив?“ Ваквите коментари се вистинска фрустрација за денешните изучувачи што копнеат да дознаат нешто повеќе за оваа фасцинантна древна библиотека.

До времето кога Арапите го освоиле Египет во 640 година од н.е., Александриската библиотека најверојатно веќе не постоела. Изучувачите сѐ уште дебатираат како и кога точно исчезнала. Некои велат дека голем дел од записите во неа најверојатно исчезнале кога Јулиј Цезар запалил дел од градот во 47 година пр.н.е. Без оглед на причината, нејзиното исчезнување од сцената значело загуба на цела ризница од знаења. Со неа засекогаш исчезнале стотици дела на грчки драмски писатели, како и пишани записи за првите 500 години од историјата на Грција, со исклучок на некои дела на Херодот, Тукидид и Ксенофон.

Во периодот помеѓу третиот и шестиот век од н.е., во градот Александрија честопати имало немири. Многу пагани, Евреи и таканаречени христијани честопати воделе меѓусебни битки и војувале бидејќи не се согласувале во врска со некои свои мистични доктрини. Во многу прилики самата црква ги поттикнувала бунтовниците да ги ограбуваат паганските храмови. При тоа биле уништени безброј древни записи.

Вратена ѝ е славата од минатото

Повторно изградената библиотека беше отворена во октомври 2002 година, и содржи околу 400.000 книги. Еден сложен компјутерски систем овозможува пристап до други библиотеки. Главната збирка се сосредоточува на цивилизациите на исток од Средоземното Море. Со простор во кој можат да бидат сместени 8.000.000 книги, Александриската библиотека има за цел да ја зголеми важноста на овој древен град.

[Рамка на страница 30]

КОЈ Е КОЈ ВО ДРЕВНАТА АЛЕКСАНДРИЈА

АРИСТАРХ ОД САМОС: Астроном; трети век пр.н.е. Првиот што ја изнел претпоставката дека планетите кружат околу Сонцето. Се служел со тригонометрија за да ја пресмета оддалеченоста и големината на Сонцето и на Месечината.

АРХИМЕД: Математичар и пронаоѓач, трети век пр.н.е. Му се припишуваат бројни откритија. Бил меѓу првите што се обидел да ја пресмета вредноста на бројот пи (π).

ГАЛЕН: Доктор, втор век од н.е. Неговите 15 книги за медицина биле стандардни учебници повеќе од 12 века.

ЕВКЛИД: Математичар, четврти век пр.н.е. Татко на геометријата и пионер на полето на оптиката. Неговото дело Елементи било стандарден учебник по геометрија се до 19 век.

ЕРАТОСТЕН: Голем изучувач и еден од првите библиотекари во Александрија, трети век пр.н.е. Го пресметал обемот на Земјата со разумна мера на точност.

КАЛИМАХ: Поет и главен библиотекар, трети век пр.н.е. Го изработил првиот индекс на Александриската библиотека, дело што станало темел за канонот на класичната грчка литература.

КЛАУДИЈ ПТОЛЕМЕЈ: Астроном, втор век од н.е. Неговите географски и астрономски ракописи биле прифатени како стандард.

[Извор на слика на страница 29]

Сите фотографии, на двете страници: Со љубезна дозвола на Библиотека Александрина: Mohamed Nafea, фотограф