Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Кога луѓето само би го знаеле ова!“

„Кога луѓето само би го знаеле ова!“

„Кога луѓето само би го знаеле ова!“

ОТКАКО завршил средно училиште, кога многу млади се решени да се втурнат во трката по материјални работи, Дејвид имал други планови. Во септември 2003 година, заедно со еден негов пријател, тој се преселил од Илиноис (САД) во Доминиканската Република. * Дејви, како што нагалено го нарекувале пријателите и семејството, решил да научи шпански јазик и да му се придружи на собранието Навас во делото на поучување за Библијата. Во собранието бил прифатен со раширени раце. „Дејви правеше сѐ што ќе му се кажеше“, вели Хуан, единствениот старешина во тоа собрание. „Секогаш се даваше за другите, и браќата многу го сакаа.“

Дејви многу си ја сакал својата доделба. „Едноставно уживам во животот овде“, му пишал на еден пријател во Соединетите Држави. „Службата е вистинско освежување! На секоја врата зборуваме по дваесетина минути со луѓето зашто сакаат да чујат сѐ што имаш да им кажеш. Веќе водам шест библиски студии, но уште ни треба помош. На еден состанок во нашето собрание, кое има 30 објавители на Царството, беа присутни 103 лица!“

За жал, на 24 април 2004, Дејви, заедно со еден друг младич од истото собрание, загина во сообраќајна несреќа. Сѐ до моментот на својата смрт, Дејви зрачел со воодушевеност за делото што го извршувал, а охрабрувал и други млади да дојдат и да му се придружат. На еден млад Сведок му рекол: „Потполно ќе ти го промени погледот на светот“.

Една од таквите промени во ставот што самиот тој ги доживел бил односот кон материјалните работи. „Кога во една прилика дојде на посета дома“, си спомнува татко му, „го викнаа да оди на скијање. Тој праша колку ќе чини. Кога ја слушна цената, рече дека нема шанси да даде толку пари за скијање кога со истата сума може да живее неколку месеци во Доминиканската Република!“

Воодушевеноста на Дејви влијаела и врз другите. „Кога слушав што сѐ прави Дејви и колку е среќен“, рекла една девојка која живее во неговото родно место, „сфатив дека и јас би можела да го правам истото. Смртта на Дејви ме натера длабоко да се замислам што би рекле луѓето за мене кога јас би умрела и дали имам исто такво позитивно влијание врз нивните животи.“

Како Јеховини сведоци, родителите на Дејви, како и неговиот брат и неговата сестра, се потполно уверени дека Бог ќе го воскресне во претстојниот праведен нов свет (Јован 5:28, 29; Откровение 21:1-4). Во меѓувреме, наоѓаат утеха во сознанието дека Дејви го искористи својот живот на најдобар можен начин — да му служи на својот Творец (Проповедник 12:1). Во врска со својата одлука да служи таму каде што има поголема потреба, Дејви во една прилика рекол: „Посакувам секој млад човек да направи ваков чекор и да го почувствува истото што го чувствувам и јас. Нема ништо подобро од тоа да му служиме на Јехова со сета душа. Кога луѓето само би го знаеле ова!“

[Фуснота]

^ пас. 2 Исто како Дејвид, многу Јеховини сведоци доброволно се преселуваат во подрачја каде што потребата од проповедници на Царството е поголема, а некои дури учат и странски јазик за да ги поучат луѓето за вистините од Божјата реч. Моментално во Доминиканската Република служат повеќе од 400 такви доброволци.