Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Најважната убавина

Најважната убавина

Најважната убавина

ЛУЃЕТО обично сакаат да бидат во друштво на оние што им се пријатни и привлечни. Но, што всушност нѐ прави пријатни во очите на другите? Кога човек ќе размисли, не може да направи баш многу за да ги измени наследените карактеристики без да си наштети на здравјето. Освен тоа, надворешната убавина е минлива, бидејќи денес никој не може да ги избегне последиците од стареењето и од болестите што со текот на времето стануваат сѐ поизразени. Постои ли некоја друга убавина што е поважна, потрајна и подостижна од надворешната убавина?

Важноста на внатрешната убавина

Библијата нѐ уверува дека Творецот, Јехова Бог, многу ја цени внатрешната убавина. Да разгледаме неколку примери што го потврдуваат ова.

Кога Јехова му рекол на пророкот Самоил да го избере од синовите на Јесеј идниот цар на Израел, на пророкот веднаш му паднал во очи убавиот Елијав. „Без сомнение, еве пред Господа стои Неговиот помазаник!“, извикал Самоил. Но, Јехова му рекол: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето“ (1. Самоил 16:6, 7).

Излегло дека Давид, најмладиот син, бил оној што Јехова го избрал за цар. Иако се вели дека имал „убави очи и убава става“, Давид најверојатно не бил толку убав колку неговите повозрасни браќа. Но, ‚Господовиот Дух го опфатил Давида од оној ден‘. Иако бил несовршен и направил неколку тешки гревови, тој до крајот на својот живот бил познат како човек со добро срце и како верен слуга на Бог (1. Самоил 16:12, 13). Без сомнение, Бог го сметал за привлечен првенствено поради неговата внатрешна убавина.

Да разгледаме и еден спротивен пример — примерот на Авесалом, еден од синовите на Давид. Иако Авесалом имал надворешен изглед на кој секој би можел да му позавиди, излегло дека е одбивен како личност. За него Библијата вели: „Во сиот Израел немаше човек толку убав како Авесалома, кому би можеле да се искажат толку пофалби: од одот на ногата негова до врвот на главата негова, во него немаше недостаток“ (2. Самоил 14:25). Меѓутоа, болната амбиција го навела Авесалом да се побуни против родениот татко и да го приграби престолот за себе. Тој дури ги обесчестил и конкубините на татка си. Поради ова си го навлекол Божјиот гнев и умрел со мачна смрт (2. Самоил 15:10-14; 16:13-22; 17:14; 18:9, 15).

Дали Ви е привлечен Авесалом? Сигурно не. Сѐ на сѐ, тој бил одбивна личност. Неговата извонредна надворешна убавина не можела да надомести за неговата арогантност и нелојалност, ниту пак можела да ја спречи неговата пропаст. Од друга страна, Библијата содржи многу примери за мудри, привлечни личности, но не кажува ниту еден збор за нивниот надворешен изглед. Очигледно, она што било најважно била нивната внатрешна убавина.

Привлечноста на внатрешната убавина

Можат ли другите да бидат привлечени од нечија внатрешна убавина? Георгина, која е мажена речиси десет години, вели: „Она што сиве овие години најмногу ми се допаѓа кај мојот сопруг е тоа што е отворен и искрен со мене. Најважна работа во животот му е да му угоди на Бог. Поради тоа е многу обѕирен и грижлив. Кога донесува одлуки, секогаш го зема во обѕир моето мислење и со тоа ми покажува колку ме цени. Знам дека навистина ме сака“.

Даниел, кој се оженил во 1987 година, вели: „За мене мојата жена е убава. Но, кон неа не ме привлекува само надворешниот изглед — ја сакам поради тоа каква е однатре. Таа секогаш размислува за другите и сака да ги усреќи. Поседува навистина скапоцени христијански особини. Многу сум среќен што ја имам“.

Овој свет гледа површно на работите, но ние мораме да гледаме подлабоко. Треба да сфатиме дека е тешко, па може да се каже дури и невозможно, да се „изгледа совршено“, но таквиот изглед и нема трајна вредност. Сепак, возможно е да развиеме пожелни особини кои придонесуваат да имаме вистинска внатрешна убавина. Библијата вели: „Миловидноста е лажлива, убавината е суетна: жена со страв од Господа, заслужува пофалба“. И спротивно на ова, предупредува: „Златна обетка на носот на свињата: таква е убава жена а без разум“ (Пословици 11:22; 31:30).

Божјата реч ни помага да ја цениме „тајната личност на срцето во нераспадливото руво на тивкиот и благ дух кој е од голема вредност во очите на Бог“ (1. Петрово 3:4). Навистина, таквата внатрешна убавина е многу поважна од надворешната. Освен тоа, таа им е достижна на сите.

[Слики на страници 8 и 9]

Добрите особини можат да нѐ направат многу поубави отколку кој и да било третман за разубавување