Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Опасности во потрагата по убавина

Опасности во потрагата по убавина

Опасности во потрагата по убавина

КОИ се мерилата за тоа што е вистинска убавина? Една позната изрека вели: „Убавината е во очите на оној што гледа“. И навистина, дали некого ќе го сметаме за убав или не, е многу субјективна работа. Освен тоа, општоприфатените гледишта за тоа што претставува убавината многу се разликуваат од една до друга култура, но се менуваат и со текот на времето.

Џефри Собал, вонреден професор по нутриционизам на универзитетот Корнел (САД), истакнува: „Во скоро сите општества во деветнаесеттиот век, дебелината била показател дека некој има висока општествена положба. Полната става била знак на благосостојба и здравје, а за слабите луѓе се мислело дека се толку сиромашни што немаат доволно да јадат“. Делата на многу уметници од тоа време го одразуваат ваквиот концепт за убавината. Нивните модели, од кои повеќето се жени, биле со крупна телесна градба и со полнички раце, нозе и колкови. А многу од овие уметнички дела се портрети на вистински луѓе кои биле сметани за идеал на убавината.

Иако во денешно време убавината не се мери само по тоа дали некој е дебел или слаб, ваквиот концепт сѐ уште постои на некои места. На пример, на некои острови во Јужниот Пацифик, полната става се смета за нешто многу пожелно. Во некои делови од Африка, идните невести се праќаат на посебни места, каде што им се дава висококалорична храна во големи количини бидејќи се смета дека

така ќе станат попривлечни. Сопственикот на еден ноќен клуб во Нигерија вели: „Просечната Африканка е крупна . . . Во нашата култура, тоа значи — убава“. Крупната става се цени и во многу традиционални шпански култури, каде што се смета за знак на богатство и успех.

Меѓутоа, во многу други делови од светот ситуацијата е сосем спротивна. Зошто? Некои велат дека со ширењето на трговијата и индустријализацијата се зголеми производството и дистрибуцијата на храна, па така и „пониските“ класи почнаа да го јадат она што порано беше привилегија на богатите. Постепено, восхитот со кој се гледаше на покрупните луѓе со текот на времето спласна. Освен тоа, некои религиозни учења ја поврзуваат дебелината со алчност, што исто така фрли темна сенка врз неа. Врз мислењето на луѓето влијаеја и научните откритија во врска со здравствените ризици што се поврзани со преголемата тежина. Овие и други фактори придонесоа да се промени мислењето за тоа што претставува убавината, па така веќе со децении во голем дел од светот за идеални се сметаат слабите луѓе.

Медиумите играат многу голема улога во ширењето на ваквото гледиште. На рекламите на билбордите и на телевизија обично можат да се видат луѓе со тенки, атлетски градени тела. Со својот изглед, тие оставаат впечаток на безгрижни и успешни луѓе. Истото важи и за филмските и телевизиските ѕвезди.

Какво влијание има сето ова врз обичниот човек, вклучувајќи ги и младите? Во една неодамнешна статија во врска со тоа што мислат луѓето за своето тело стои дека „на крајот на средното училиште, една просечна Американка ќе има поминато околу 22.000 часа пред телевизорот“. Поголемиот дел од тоа време таа е бомбардирана со слики на прекрасни жени со „совршени“ тела. Во статијата се додава: „Бидејќи постојано им се сервираат вакви слики, девојките ги поврзуваат таквите „идеални“ тела со висок статус, среќа, љубов и успех“. Затоа, воопшто не изненадува тоа што во едно истражување, 47 отсто од девојките што пред тоа разгледувале списанија со слики на манекенки сметале дека мораат да ослабат иако, реално, само 29 отсто од нив имале прекумерна тежина.

И светот на модата има силно влијание врз луѓето и нивните критериуми за убавината. Џенифер, манекенка од Венецуела која работи во Мексико Сити, вели: „Твојата работа е да изгледаш добро, а тоа денес значи да бидеш слаба“. Ванеса, манекенка од Франција, изјавува: „Всушност, не се работи за тоа дека другите бараат од мене да бидам слаба. Јас самата сакам да бидам таква. Ова е тренд во цел свет“. Во една анкета, 69 отсто од младите девојки што биле анкетирани признале дека врз нивното мислење за тоа што претставува убаво тело пресудно влијание имаат сликите на манекенките од списанијата.

Но, не паѓаат само жените под влијание на она што се пропагира како „совршен изглед“. Мексиканскиот весник El Universal наведува: „Никогаш порано немало во продажба толку многу козметички препарати за мажи“.

„Совршен изглед“ — по која цена?

Сакајќи да имаат „совршен изглед“ или барем да изгледаат што подобро, мнозина се одлучиле за естетска хирургија. Услугите што ги нуди оваа гранка од медицината се сѐ поевтини и сѐ поразновидни. Како настанала естетската хирургија?

Според Encyclopædia Britannica, современите техники на пластичната хирургија се развиле во годините по Првата светска војна со цел да им се помогне на оние кои, како последица од раните што им биле нанесени во војната, имале тешки телесни оштетувања. Оттогаш овие техники станале скапоцено средство за корекција на тешки физички оштетувања предизвикани од изгореници, повреди и вродени деформации. Сепак, како што забележува и Britannica, пластичните операции честопати „се прават за да се коригира физичкиот изглед кај потполно здрави лица“. На пример, може да се промени обликот на носот, да се затегне вишокот кожа на лицето и вратот, да се намали големината на ушите, да се отстрани салото од стомакот и колковите, да се зголеми обемот на други делови од телото, па дури и да се изврши корекција на папокот за да изгледа „попривлечно“.

Меѓутоа, што да се каже за тие здрави луѓе кои се доведуваат во опасност само за да изгледаат поубаво? Со какви ризици можеби ќе се соочат? Анхел Пападопулос, секретар на Мексиканското здружение за пластична, естетска и реконструктивна хирургија, објаснува дека понекогаш овие операции ги вршат луѓе што не се доволно стручни, и ова води до сериозни последици. На некои клиники, на пациентите им се даваат опасни супстанции со цел да им се помогне да имаат подобра фигура. Во почетокот на 2003 година, еден весник извести за скандалот до кој дојде на Канарските Острови откако беше откриено дека поради нехигиенските услови во козметичките салони врз стотици жени биле извршени операции кои не биле безбедни. *

И машките можат да потпаднат под влијанието на тој тренд да „изгледаат совршено“. Некои остануваат со часови во салите за вежбање, користејќи го речиси целото слободно време за да го обликуваат телото и да ги зацврстат мускулите. „Поради постојаната потреба од вежбање“, стои во списанието Milenio, „тие на крајот ги занемаруваат своите друштвени активности и пријателите.“ Силната желба да набијат мускули тера мнозина од нив да земаат супстанции што се штетни за организмот како, на пример, стероиди.

Поради опседнатоста со личниот изглед, некои девојки станале жртви на булимија, анорексија, како и на други нарушувања во исхраната. Некои користат производи за слабеење кои ветуваат извонредни резултати за кратко време, но овие производи немаат дозвола од реномирани здравствени установи и можат да бидат многу опасни за здравјето.

Меѓутоа, штетата која може да ја предизвика опседнатоста со физичкиот изглед не мора да биде само од физичка природа. Д-р Кетрин Филипс од Универзитетот Браун (САД) вели дека луѓето што се претерано загрижени за својот надворешен изглед можат да заболат и од дисморфно нарушување, една психичка болест при која пациентот е опседнат со замислени недостатоци во својот изглед. Се смета дека од ова заболување можеби страдаат дури два отсто од луѓето. Заболените лица „можат да бидат толку убедени дека се грди што се изолираат од пријателите и од блиските“, вели таа. „Можат да западнат во депресија и да пројават самоубиствени склоности.“ Филипс наведува еден пример на убава девојка која имала неколку едвај видливи акни, но била убедена дека лицето и е покриено со лузни. Бидејќи не сакала другите да ја гледаат таква, во осмо одделение го напуштила училиштето.

Дали физичкиот изглед е навистина толку битен што човек мора да си го жртвува своето физичко и психичко здравје за да „изгледа совршено“? Постои ли некоја друга, многу поважна убавина по која треба да тежнееме?

[Фуснота]

^ пас. 14 Христијаните треба да си донесат своја лична одлука дали ќе одат на естетска операција. Сепак, треба да се земат предвид некои важни фактори. Повеќе информации на оваа тема ќе најдете во Разбудете се! од 8 декември 2002, страници 16-18.

[Истакната мисла на страница 5]

Шеесет и девет отсто од девојките го формираат своето мислење за тоа што претставува убаво тело на темел на сликите на манекенките од списанијата

[Слика на страница 4]

Светот на рекламите силно влијае врз нашето гледиште за надворешната убавина

[Слика на страница 6]

Некои доживеале сериозни последици поради бројните пластични операции

[Слики на страница 7]

Некои не штедат ни време ни труд за да го постигнат посакуваниот изглед