Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пишува дека ќе го видам

Пишува дека ќе го видам

Пишува дека ќе го видам

Раскажала Розалија Филипс

„Сигурно ќе успееш! Па ти си родена ѕвезда!“ Водачот на нашиот ансамбл ми ги довикна овие зборови додека седеше крај клавирот, само неколку секунди пред да се крене завесата на сцената. И останатите четири члена на групата ми изразија добредојде. Бев нивната најнова пејачка. Чувствував голема трема додека стоев на сцената, облечена во црвен фустан украсен со метални парички што ѕвечкаа. Ова беше мојот прв настап — и тоа во еден од најпознатите театри во Мексико Сити! Така започна мојата кариера во шоу-бизнисот. Беше март 1976, еден месец пред да наполнам 18 години.

ТАТКО МИ почина три години пред тоа, и сѐ уште не можев да престанам да мислам на него. И јавноста добро се сеќаваше на него. Беше омилен и ценет како еден од најдобрите комичари во земјата. Во периодот што обично се нарекува златна доба на мексиканската кинематографија, тој играше во 120 филмови. Неговото име, Херман Валдез, алијас „Тин-Тан“се појавуваше на светлечките реклами над влезовите во театрите низ цела Средна и Јужна Америка, а и во делови на Соединетите Држави и Европа каде што се зборува шпански. До ден-денес, повеќе од 30 години по неговата смрт, филмовите во кои игра тој често се прикажуваат на телевизија.

Уште откако памтам за себе, во нашиот дом се собираа славни личности. Мајка ми и нејзините сестри го сочинуваа триото Las Hermanitas Julián (Сестрите Хулијан). Брат ѝ на мајка ми, Хулио Хулијан, беше познат оперски тенор во Европа, а неговата жена, Шпанката Кончита Домингез, беше сопран. Освен тоа, и браќата на татко ми, Мануел „Локо“ (Лудиот) Валдез и Рамон Валдез, беа познати телевизиски комичари.

Бидејќи татко ми често нѐ водеше со него на работа и на турнеи, филмските и музички студија, како и театрите, за мене и за мојот брат Карлос беа составен дел од животот. Така можевме сите да бидеме заедно како семејство. Нашиот дом, во кој секогаш преовладуваше хармонија и љубов, беше чиста спротивност на тој површен свет што нѐ опкружуваше! Татко ми го памтам како многу срдечен човек, полн со животна сила и љубов кон животот. Беше многу, многу дарежлив, некогаш и претерано. Ме научи дека среќата не зависи од она што го имаме, туку од давањето.

Шокантна промена

Беше некаде пред крајот на 1971 година кога мајка ми ни ја кажа мене и на брат ми страшната вест дека татко ни боледува од неизлечлива болест. Година и пол го гледав како страда додека се бореше со болеста земајќи многу јаки лекови.

Сѐ уште се сеќавам на денот кога го однесоа во болница со кола за брза помош. Знаев дека веќе нема да се врати. Просто немам зборови да ја опишам болката што ја чувствував. Знаев дека тој страда, па решив и јас да страдам. Изгаснав цигара врз мојата дланка и плачев неутешно. На 29 јуни 1973, татко ми почина. Почнав да се прашувам: ‚Зошто мораше да нѐ напушти оној што беше толку добар и што ни носеше толку голема радост во животот? Каде е сега? Ќе ме слушне ли ако му зборувам? Каква смисла има сега мојот живот, кога него го нема?‘

Кариера без вистинска смисла

Ми требаше извесно време да закрепнам од емоционалниот шок. Потоа се запишав на училиште за внатрешно уредување. Но, бев по малку бунтовна и го напуштив училиштето. Со мајка ми решивме почесто да излегуваме во друштво. Одевме на отмени забави што се приредуваа за луѓе од светот на забавата. Честопати на тие забави домаќинот ќе завршеше со зборовите: „Розалија, ајде те молам отпеј ни сега една од твоите песни“. Им се допаѓаше мојот глас и тоа што пеев со многу чувства. Велеа дека го имам наследено талентот од родителите.

На една од тие забави, Артуро Кастро —композитор и водач на ансамблот Артуро и Кастрови 76 — ме слушна како пеам и ме повика да им се придружам. Во почетокот не ми се допадна тој предлог. Иако ја сакав музиката, свирев гитара и компонирав од 14 години, не сакав професионално да се занимавам со музика. Но, мајка ми ме поттикнуваше да ја прифатам понудата и, бидејќи така можев и финансиски да му помогнам на семејството, на крајот се согласив. По ова следеше мојот прв настап што го опишав во почетокот.

Уште од самиот старт на кариерата имав сигурна работа. Нашиот ансамбл започна со турнеја низ Мексико, и секоја вечер имавме по два настапи. Свиревме во Гватемала, Венецуела, Њујорк и Лас Вегас. Пеев во групата две години. Потоа ми беа понудени улоги на филм. Добив две споредни и една главна улога, за која ми беа доделени две важни награди.

Еден ден добив телефонски повик од водечката телевизиска куќа во земјата. Ми беше понуден ексклузивен договор, како и главната улога во една сапунска серија која требаше да го носи моето име. Ова ми беше шанса да се вивнам на самиот врв во светот на забавата. Ќе добивав одлична плата, дури и да не работев постојано. Но, бидејќи си мислев дека воопшто не заслужувам такво нешто, а се плашев и да не си ја изгубам слободата, одбив да потпишам договор. Сепак, ја прифатив улогата во серијата под услов да продолжам да студирам на факултетот за драмска уметност. Но, не бев среќна. Ми беше тешко да гледам како актерите со години се борат да добијат главна улога, а мене ми ја даваа без проблем — само затоа што бев ќерка на Тин-Тан.

Почнав да снимам и плочи. Првата ја содржеше и шпицата за серијата, а јас ги компонирав и текстот и музиката. Подоцна снимав и во едно познато студио во Лондон. Продолжив да снимам плочи, филмови и сапунски серии. Во весниците почнаа да излегуваат статии за мене на првите страници од рубриките за забава. Човек би можел да рече дека го достигнав врвот на славата. Сепак, чувствував дека нешто ми недостасува. Гледав колку се суетни тие актери и пејачи и каков натпреварувачки дух владее меѓу нив. Кај нив немаше скоро ни трошка морал и искреност. Ја изгубив довербата во луѓето.

Потоа, есента 1980 година, на еден семеен собир, се видов со вујко ми Хулио, кој во меѓувреме ја напушти операта. Внимателно го слушав додека ми зборуваше за рајот што го ветил Бог. Рече дека неправдата и тагата ќе исчезнат од Земјата и дека насекаде ќе владее љубов. Ми кажа и дека вистинскиот Бог се вика Јехова. Најмногу од сѐ ми се допадна тоа што рече дека во Рајот нашите блиски ќе бидат воскреснати. Просто ме воодушеви помислата дека повторно ќе можам да го видам татко ми. Не успеав да го прежалам и постојано копнеев по неговата љубов и поддршка. Колку би било прекрасно повторно да го видам! Но, длабоко во себе ми се чинеше дека тоа е невозможно. Вујче Хулио ми даде Библија и нѐ покани со мајка ми да дојдеме на еден конгрес на Јеховините сведоци што требаше да се оддржи за неколку седмици. Му рековме дека можеби ќе дојдеме.

Одлучувам да си го променам животот

Една ноќ, лежев в кревет со цигара в рака и ја читав Библијата што ми ја даде вујко ми. Она што го прочитав од книгата Пословици ми помогна да заклучам дека светлината, разбирањето и животот доаѓаат од Бог, а дека темнината, хаосот и смртта потекнуваат од спротивен извор. Истата таа ноќ ја изгаснав последната цигара во мојот живот и почекав да дојде мајка ми. Во солзи ја замолив да ми даде поддршка во големите одлуки што ги донесов. Следниот ден отидов во театарот каде што ја вежбав улогата на Корделија од Шекспировата драма Кралот Лир. Ја откажав улогата и раскинав со дечкото, кој беше еден од главните актери во таа претстава.

Сепак, сѐ уште не знаев како да му служам на Бог, па немав на што да се потпрам. Паднав во тешка депресија. Му се молев на Бог да ми помогне. Сакав да почувствувам дека сум прифатена поради мене лично, а не поради наследениот талент или славното име. Го оставив и моето поранешно друштво и сѐ што правев дотогаш.

Патот до вистинскиот успех

Среде сета таа збрка, се сетив дека вујко ми нѐ покани на конгрес. Му се јавив и тој ме одведе на стадионот. Она што го видов таму длабоко ме трогна. Видов пристојни луѓе што не пцујат, не пушат и не се обидуваат да ги импресионираат другите. Она што го слушнав од Библијата ме потсети на тоа што го прочитав во книгичката Дали Библијата е навистина реч Божја? *‚ која ја најдов дома кратко по смртта на татко ми.

Отприлика во ова време ми беше понудена уште една главна улога во сапунска серија. Ми се допадна улогата бидејќи ми изгледаше дека ги истакнува вредностите што ги одобрува Бог, оние за кои слушав на конгресот, и затоа ја прифатив. Но, во ушите постојано ми одѕвонуваа зборовите од Библијата: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто . . . какво заедништво има светлината со темнината?“ (2. Коринќаните 6:14).

Во мене сѐ повеќе гореше желбата да му угодам на Бог. Сакав да појдам на состанок во Салата на Царството со вујко ми и со вујна ми. Нивното собрание беше оддалечено еден час возење од мојата куќа, но сепак одев таму следните три недели. Потоа вујко ми реши да ме одведе во собрание што се состануваше во близината на мојот дом. Стигнавме при крајот на состанокот, и таму се запознав со Изабел, девојка на мои години. Таа беше неизвештачена и мила. Кога вујко ми ѝ кажа дека се викам Розалија Валдез, таа воопшто не обрна внимание на моето име. Тоа многу ми се допадна. Ми понуди да ја проучува Библијата со мене во мојот дом.

Почнавме да проучуваме со помош на книгата Вистина која води до вечен живот. * Изабел спремно се приспособи на мојот временски распоред. Некогаш мораше да ме чека до доцна во ноќта кога ќе завршев со снимањето на серијата. Бев пресреќна што некој се интересираше за мене само затоа што сакав да учам за библиските вистини. Таа беше природна, искрена и фина, иако јас мислев дека такви особини може да има само човек што студирал филозофија и уметност. Се договоривме да проучуваме подолго, понекогаш и неколку пати седмично.

Во почетокот ми беше тешко да раскрстам со некои мои погрешни размислувања, но малку по малку ги заменив со библиските вистини. Се сеќавам колку ме охрабри Божјето ветување: „Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема. Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11). Исто така, и надежта дека пак ќе го видам татко ми во Рајот почна да ми станува реална. Често размислував за зборовите на Исус: „Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, за воскресение на живот“ (Јован 5:28, 29).

Штом завршив со снимањето на серијата, веднаш добив други понуди. Иако со тие нови улоги веројатно ќе станев уште пославна, доколку ги прифатев, ќе покажев дека на некој начин го поддржувам неморалот, идолопоклонството или други лажни идеи. Веќе имав научено дека Сатана е реален и дека не сака да му служиме на Јехова. Затоа ги одбив понудите и почнав редовно да одам на сите состаноци. Нормално, мајка ми и брат ми не можеа да сфатат зошто ги пропуштам сите тие прилики и парите што можев да ги заработам. Но, истовремено, можеа да видат огромни промени кај мене. Веќе не бев несреќна и потиштена, туку полна со живот и радосна. Конечно, најдов смисла во животот!

Чувствував силна желба да им кажувам и на другите за она што го учев и наскоро почнав да ја објавувам прекрасната порака за Божјето Царство. Кога одев да проповедам, понекогаш на станарите им беше тешко да ме слушаат зашто мнозина ме препознаваа. Во многу прилики, токму во моментот кога ќе заѕвоневме на нечија врата, станарите ја гледаа на телевизија серијата во која играв. Не можеа да веруваат дека стојам на нивниот праг!

На 11 септември 1982 година, се крстив во знак на предание на Јехова. Сега мојот живот имаше вистинска смисла, и ми претстоеше една поинаква кариера. Ревноста за служба на Изабел силно влијаеше врз мене. Таа служеше како општ пионер, како што кај Јеховините сведоци се нарекуваат оние што проповедаат полновремено. Наскоро почнав заедно со неа да ги посетувам луѓето што ја проучуваа Библијата. Изабел ми стана најдобра пријателка.

Практично ја напуштив мојата работа како актерка, па мајка ми и јас моравме да се задоволиме со понизок стандард на живеење. Во меѓувреме, ја компонирав музиката за мојот четврти албум, во кој имаше и некои песни за моите нови уверувања и поглед на живот. Напишав и песна за мојата цврста надеж дека повторно ќе го видам татко ми. Ја нареков: „Пишува — ќе го видам.“ Кога првпат ѝ ја испеав на мајка ми, песната длабоко ја трогна. Ја почувствува искреноста на моите уверувања. Бев пресреќна кога ми рече дека сака да ја проучува Библијата. Две години подоцна, и таа стана крстен слуга на Јехова. До ден-денес е активна во службата.

Како што одминуваше времето, ми беше сѐ полесно да ги одбивам понудите за работа. Кога ќе се соочев со испит или искушение, ќе си замислев дека сме сите заедно со татко ми во прекрасниот рај, и таа слика ми ја јакнеше довербата и решеноста да продолжам да му служам на Јехова.

Еден ден добив понуда да настапам во шпанската верзија на детската серија Улицата Сезам. Сметав дека нема да можам да ја прифатам таа улога затоа што моите начела, кои се темелат на Библијата, не ми дозволуваат да учествувам во емисии кои поттикнуваат да се слават разни празници и родендени. Разговарав за ова со продуцентот, но тој ми рече дека, ако ја прифатам улогата, ќе ги почитува моите верувања и ќе составиме договор во кој јас ќе ги наведам своите услови. Затоа ја прифатив понудата и снимив 200 епизоди. Со ова заврши мојата актерска кариера.

Ми остана само уште еден договор со една дискографска куќа што морав да го исполнам. За нив снимив десет песни, меѓу кои беше и онаа што ја компонирав за татко ми и за воскресението. Имав прилика да ја пеам таа песна на телевизија и кога настапував во живо, и секогаш ги користев тие прилики за да кажам нешто за моите верувања. Меѓутоа, дискографската куќа за која работев почна да врши притисок врз мене да го сменам имиџот за да изгледам попривлечна, па го раскинав договорот и со нив.

Благослови од служењето на Бог

Во декември 1983 година, заедно со Изабел бевме да ги разгледаме објектите на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк. Таму го запознав мојот иден сопруг, Расел Филипс. Се допишувавме скоро две години. Добро се сеќавам на денот кога започнав со општа пионерска служба — Расел ми испрати букет рози дури од Њујорк!

Пионерев една година со Изабел, а потоа таа беше повикана да служи во подружницата на Јеховините сведоци во Мексико. Тоа што ми го кажуваше за бетелската служба ја разгоре во мене желбата и самата повеќе да му служам на Јехова и, ако е негова волја, да служам и јас во Бетел.

Расел е уште еден благослов во мојот живот. Бидејќи многу ги сака Јехова и Неговата организација, со него и јас научив да ја ценам полновремената служба. Тој многу ја сакаше бетелската служба и во бруклинскиот Бетел служеше три години. Откако се зедовме, служевме заедно како општи пионери во Колорадо (САД). Подоцна добивме покана да служиме како меѓународни слуги за градба на нови подружници во странство. Немаше крај на нашето изненадување кога дознавме дека сме доделени да служиме во Мексико! Во април 1990 година, со цело срце ја прифативме поканата да станеме членови на бетелското семејство во Мексико. Расел многу ме храбреше со својот пример. Му се восхитував на самопожртвуваниот дух и на спремноста да ја напушти својата земја и семејството за да го поддржува делото на Царството овде во Мексико.

Расел и јас уживавме на нашата доделба во мексиканската подружница. Но, наеднаш сѐ се промени кога дознавме дека сум трудна. Тоа навистина беше ненадејна вест. Но, бидејќи секогаш им се восхитувавме на родителите што ги воспитуваа децата на патот на вистината, радосно ја прифативме и таа нова „доделба“. Во октомври 1993 година ни се роди Еван, а две и пол години подоцна Џана. Иако воспитувањето на децата бара постојан напор, чувствуваме голема радост секогаш кога нашиот 11-годишен син и 8-годишната ќерка ќе зборуваат за својата вера со другите во службата на проповедање.

Расел моментално служи во Регионалниот одбор за градба на Сали на Царството, а неодамна јас продолжив со пионерската служба. Во текот на последните 20 години, бев во можност да им помогнам на 12 члена на моето семејство, како и на 8 други лица да ја запознаат библиската вистина и да му служат на Јехова.

Кога некое од децата ќе ме праша: „Мамо, ти беше ли тешко да ја оставиш работата?“, им ги цитирам зборовите од апостол Павле: „Навистина... ги сметам сите работи за загуба поради ненадминливата вредност на спознанието за Христос Исус, мојот Господ. Поради него ја прифатив загубата на сите работи и ги сметам за куп смет за да го добијам Христос“ (Филипјаните 3:8). Од длабочината на душата сум му благодарна на Јехова што ме избави од еден бесмислен и празен живот, и ми дозволи да бидам дел од неговиот прекрасен народ! Никогаш нема да престанам да му благодарам за безбројните благослови што ни ги дарува преку својот Син, Исус Христос. Честопати радосно си ја пеам песната што ја напишав за татко ми. Сигурна сум дека навистина повторно ќе го видам.

[Фусноти]

^ пас. 21 Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.

^ пас. 24 Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.

[Слика на страница 10]

Со родителите и брат ми кога имав една година

[Слика на страници 12 и 13]

Со Артуро Кастро и Кастрови 76

[Извор на слика]

Angel Otero

[Слика на страница 14]

Со моето семејство денес

[Извор на слика на страница 10]

Activa, 1979