Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Снежно-белите фокички на Магдаленските Острови

Снежно-белите фокички на Магдаленските Острови

Снежно-белите фокички на Магдаленските Острови

ОЧИТЕ ми се наполнија со солзи додека го гледав белото крзнено суштество пред мене. Дваесет години сонував вакво нешто. Не можев да верувам дека сум таму, испружен на мразот, дословно на само неколку сантиметри од лицето на една малечка фока! Додека гледав во нејзините очи, црни како маслинки, ми минаа морници низ грбот — но, не од мразот туку од огромна возбуда. Не сакав да пропуштам ништо — ниту едно трепкање со очињата, ниту еден здив, ниту едно мрткање со мустачињата на ова малецко крзнено топче што лежеше пред мене!

Групата туристи, меѓу кои бев и јас, се наоѓаше на една огромна рамна санта мраз, стотина километри од брегот, среде Сен Лоренсовиот Залив, меѓу Њуфаундленд и континенталниот дел на Канада. Заедно со жена ми пристигнавме со хеликоптер на Магдаленските Острови, во близина на породилиштето на најголемата колонија на гренландски фоки. Водичите нѐ уверија дека нашите заштитни одела што беа со светло-портокалова боја нема да ги преплашат малите фокички.

Што е гренландската фока?

Кај гренландските фоки сите екстремитети се перки за пливање. Карактеристично за нив е што возрасните единки на грбот имаат специфична шара во облик на харфа.

Гренландските фоки се цицачи, што значи дека дишат атмосферски воздух, се породуваат и имаат млечни жлезди за доење на своите малечки. Најголемиот дел од времето го поминуваат во студените води на Северно-Атлантскиот Океан. Но, овие јаки фоки се добро опремени за живот во ледената околина. Просечната тежина на возрасните единки изнесува 135 килограми, а достигнуваат должина од 1,6 метри.

Со своите остри предни канџи, фоките можат да се движат по мразот и да се задржуваат за отворите за дишење што ги прават во замрзнатата кора. Задните перки им се поголеми од предните, и главно ги користат за да се движат нанапред. Овие морски суштества се неверојатно подвижни во вода, и во текот на една година можат да препливаат и до 8.000 километри.

Гренландските фоки немаат ушни школки, но ова не значи дека се глуви. Наместо ушни школки, тие имаат мали дупчиња од двете страни на главата. Овие дупчиња се затвораат кога фоката нурнува под вода. Гренландските фоки имаат остар слух. Тие можат да одредат од кој правец доаѓа звукот под водата — нешто што луѓето не можат да го направат.

Очите на гренландските фоки се големи и испакнати, и им овозможуваат добро да гледаат во матната светлина под вода. На сјајниот отсјај на мразот, зениците им се собираат и добиваат форма на вертикална црта, за да можат и надвор да гледаат без проблеми.

Животот на малечката фока

Во колонијата што ја набљудувавме, женките имаа дојдено да се пораѓаат овде дури од Гренланд, пливајќи покрај брегот на Северна Канада. Нивното породилиште на една голема санта мраз е вон дофатот на грабливците. Малечките се раѓаат многу брзо, понекогаш и за една минута! Додека го наместите фотоапаратот за да сликате, новородената фокичка може веќе љубопитно да гледа во Вас! Веднаш откако ќе го роди, мајката се свртува и си го прилепува носот на носето на своето малечко. Таа го врежува во меморијата, односно го втиснува во сеќавањето уникатниот мирис и звук на својата фокичка. Потоа, во текот на две седмици, го дои ова малечко — единствено него и ниедно друго.

Малечките грендландски фокички брзо бараат да цицаат од мама. Кога се гладни, звучи како да викаат по неа: „Ма, ма“. Откако ќе се наручкаат, удобно се сместуваат во една вдлабнатина во снегот и мразот за да си дремнат. Бидејќи цело време спијат на исто место, со своето тело си прават еден вид „ледена колевка“.

Кога ќе се родат, гренландските фоки обично тежат околу 10 килограми а долги се отприлика 90 сантиметри. Во почетокот немаат сало што може да ги топли, но не за долго! Во првите дванаесеттина дена, гренландските фоки качуваат по еден до два килограма дневно! Ваквото брзо зголемување на тежината е резултат на масленоста на мајчиното млеко која изнесува 50 проценти. * За помалку од две седмици, малата фокичка ќе тежи неверојатни 35 килограми!

Промена на бојата

Староста на гренландската фокичка може лесно да се оцени по бојата на крзното. До крајот на првиот ден, новороденчето се суши, откривајќи го своето рунтаво крзно. Сега малечкото има „жолта бундичка“. Жолтеникавата боја е од плодната вода и избледува под зраците на сонцето за три до четири дена. Откако жолтата боја ќе исчезне, малечкото изгледа како да носи бела бундичка. По отприлика две седмици, мајката ја снемува и таа веќе никогаш не се враќа.

Малечкото ја повикува, но никој не одговара на неговите повици. Понекогаш, во потрага по утеха, фокичките се туткаат едно во друго и се собираат во мали групи на мразот. Наскоро на нивното бело крзно почнува да се јавува сива шара. За 12 до 21 ден, крзното добива сива боја, а до крајот на првиот месец целото бело крзно паѓа и се заменува со мазна, сива водоотпорна обвивка.

Следните фази во животот на малата фокичка

Малите гренландски фокички црпат од резервите на сопственото сало, сѐ до моментот кога гладот конечно ќе ги принуди да влезат во вода во потрага по храна. Но, тешко ним! Кога се спуштаат во водата, нивните дебелки тела не можат да потонат! Тие инстиктивно почнуваат да удираат со малите перки, прскајќи вода на сите страни. Сета оваа активност им ги зајакнува перките за пливање. Истовремено, вишокот сало се топи, и на крајот можат да се нурнат. Сега конечно можат да го задоволат својот огромен апетит, бидејќи морето е полно со зоопланктон, како и со други ситни рипчиња.

На крајот од првата година, фоките се митарат. На возраст од три до седум години, тие стануваат зрели за парење, и се лесно препознатливи по грбната шара во облик на харфа. Гренландската фока може да живее и до 35 години.

Средба во четири очи

Откако ги ставаме појасите за спасување и ставаме додатни облоги во чизмите и ракавиците за да ни биде потопло, 17 од нас се качуваат во хеликоптерите и летаме уште осумдесетина километри. Под нас, во сите правци се протега сјајно-белиот леден пејзаж кој се стопува со синилото на хоризонтот. Конечно се спуштаме на замрзнато море. Ги затегнуваме чизмите и излегуваме што е можно потивко, колку што ни дозволува ледот што крцка под нашите стапки. Гледај! Зад таа мајка таму лежи една бушава снежна фокичка во жолта бундичка! Личи на голема, крзнена гасеница што се мачи да држи чекор со мамичка. Се вљубувам во неа на прв поглед!

Легнувам на мразот за фоката да не си помисли дека сум поларна мечка. Мајките можат да бидат прилично агресивни, па затоа чекам оваа што ја гледам да се спушти во дупката направена во мразот. Нејзиното малечко, кое си го нареков Сејди, мирно спие на околу шест метри од мене. Ползејќи, се приближувам сѐ поблизу до неа. Таа полека ги отвора очите.

Сега Сејди цврсто ме фиксира со погледот. Лежам без да мрднам. Наеднаш, Сејди тргнува во истражувачки поход! Се дотетеравува до мене многу побрзо отколку што мислев дека може. Изгледа огромна додека ми се приближува, иако според бојата на крзното не би требало да е постара од два-три дена. Сејди застанува на само неколку сантиметри од моето лице и полека почнува да го ниша горниот дел од телото лево-десно мрткајќи со носето. Ја слушам како душка. Потоа ми се приближува и ме опсипува со мокри „бакнежи“ по целото лице и по вратот!

За чудо, ова слатко малечко бебе се вгнездува веднаш до мене и заспива! Дури ми дозволува и нежно да ја ставам раката врз него. Неговите меки малецки влакненца ми стрчат меѓу прстите. Изненаден сум колку е топло. Го галам сѐ до моментот кога мораме да се качиме во хеликоптерот и да заминеме. Сејди не мрднува додека јас тивко станувам.

Со солзи заминувам исполнет со страхопочит, благодарејќи му на нашиот Бог, Јехова, што го создал ова неодоливо малецко суштество. За мене е вистинско чудо што имав ваква средба со мала гренландска фокичка. Ова ми ги враќа во мислите зборовите на псалмистот: „Колку се бројни Твоите дела, о Господи! Со мудрост направи сѐ . . . Ене го големото и широкото море, низ него се движат безбројни лазачи, мали и големи животни“ (Псалм 104:24, 25). (Приложено.)

[Фуснота]

^ пас. 13 За споредба, масленоста на млекото на кравата изнесува 4 проценти.

[Рамка на страница 26]

Дали сте знаеле?

◼ Кога им се закануваат силни бури или неповолни околности на мразот, женките на гренландските фоки можат да го одложат породувањето за неколку дена додека бараат поволна локација за да родат.

◼ Гренландските фоки можат да нуркаат до длабочина од 240 метри, и можат да останат под вода и до 30 минути.

◼ Фоките можат да спијат под вода. На секои пет до десет минути, тие ја вадат главата над вода за да земат воздух, а потоа потонуваат под површината — без воопшто да се разбудат!

[Рамка на страница 27]

Одложено всадување во матката

„Возрасната женка на гренландската фока е постојано бремена освен во текот на три седмици годишно“, стои во книгата Seasons of the Seal (Животот на фоките). „Периодот на нејзината вистинска бременост изнесува седум и пол месеци.“ Како е можно вакво нешто? Книгата објаснува: „По зачнувањето, оплодената јајце-клетка се дели трипати и потоа престанува. Бластоцистот, кој сѐ уште е помал од главче на шпенадла, престанува да расте. Тој лебди во матката на својата мајка — едно зрнце на привремено одложен живот. Единаесет седмици подоцна, бластоцистот се всадува во ѕидот на матката и продолжува активно да расте“. Која е можната причина за ова? „Неопходно е малечките да се раѓаат на интервал од точно една година бидејќи тогаш сантата мраз на која се пораѓаат фоките е со максимални димензии и дебелина.“

[Карта на страница 23]

(Види во публикацијата)

КАНАДА

[Извор на слика]

Карта: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.

[Слика на страница 23]

Сателитска снимка на Магдаленските Острови

[Извор на слика]

NASA JSC

[Слика на страница 24]

Фока стара еден ден

[Слика на страница 24]

Фока стара неколку дена

[Слика на страница 25]

Фока стара еден месец

[Извор на слика]

© IFAW/David White

[Слика на страница 25]

Фока постара од еден месец

[Извор на слика]

© IFAW

[Слика на страница 26]

Гренландска фокичка со својата мајка

[Извор на слика]

© IFAW/Igor Gavrilov

[Слика на страница 26]

Возрасна гренландска фока плива под дебела кора мраз

[Извор на слика]

© IFAW