Танцот на морските коњчиња
Танцот на морските коњчиња
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
МАЖЈАКОТ и женката се поздравуваат и притоа благо се заруменуваат. Се чини како тој гордо да се дуе, а таа, пак, го гледа со одобрување. Полека си приоѓаат и лесно се допираат, а потоа нежно се прегрнуваат. Осветлени од првите зраци на зората, почнуваат со изведбата на една од најелегантните балетски претстави во природата — танцот на морските коњчиња.
„Морските коњчиња се едноставно неодоливи, уникатни и извонредно шармантни“, вели Кит Мартин-Смит, стручњак што се занимава со испитување на морските видови. Но, во минатото луѓето не биле сигурни што всушност се тие. Првите природонаучници им го дале името Hippocampus, кое во грчката митологија било име на коњите чиј заден дел бил со облик на опашка од риба и кои ја влечеле колата на Посејдон, грчкиот бог на морето.
Се претпоставува дека во средниот век уличните продавачи ги нуделе на продажба тврдејќи дека тоа се многу мали младенчиња на змејови што блујат оган. А всушност, морските коњчиња се обични ковчести риби — иако не личат на повеќето риби, а и не пливаат како нив. Тие дозволуваат да ги носат морските струи или едноставно лебдат во водата. Некои ги споредуваат со украсни кристални фигурки во форма на коњи, а на други им личат на живи шаховски фигури.
Морските коњчиња живеат во крајбрежните води на повеќето топли мориња. Ги има во неверојатна разноликост на облици и големини. Стручњаците проценуваат дека би можело да има од 33 до повеќе од 70 видови. Меѓу нив е и минијатурниот Hippocampus bargibanti, кој е со големина на човечки нокт, како и мешлестиот Hippocampus abdominalis, кој може да порасне и до 30 сантиметри.
Нема заби, ни желудник, а нема ни проблеми!
Поради својата необична градба — глава слична на коњска, оклоп од коскени плочки и опашка што личи на мајмунска — морските коњчиња се подобро опремени да се задржуваат на едно место отколку брзо да се движат. Скоро по цел ден уживаат да стојат на исто место, прицврстени со опашката за некоја морска трева или корал, и да се хранат. Ако има потреба да се преместат на друго место, полека се движат со помош на мала грбна перка, а со страничните перки одржуваат правец. Регулирајќи го количеството воздух во воздушниот меур, можат да се креваат и спуштаат како подморница.
Морските коњчиња имаат огромен апетит. Секое ситно ракче што ќе помине крај нив за миг може да заврши во нивното ковчесто муце. Бидејќи морските коњчиња немаат ни заби ни желудник кои би им го олесниле варењето на храната, мораат да уловат и до 50 ракчиња на ден за да ги добијат хранливите материи што им се потребни
за живот. Но, ова воопшто не е проблем за овие одлични ловци бидејќи тие имаат извонреден вид. Со едното око можат да гледаат напред барајќи плен, а со другото внимаваат што им се случува зад грбот. Освен тоа, нивните очи можат да разликуваат повеќе бои отколку човечкото око и имаат поостар вид од повеќето риби.Морските коњчиња мораат да внимаваат и самите да не станат нечиј ручек. За да се заштитат од своите природни непријатели, како што се раковите и желките, многу видови можат да се стопат со морската трева, коралите или мангровите растенија, така што воопшто не се гледаат. Благодарение на својата пегава кожа и на израстоците на телото што личат на морска трева, како и на способноста потполно да ја променат бојата на кожата, тие можат скоро совршено да се стопат со околината. „Толку добро можат да се камуфлираат, што навистина треба да отворите четири очи за да ги видите“, вели истражувачот Руди Којтер.
Танц и романса
За разлика од повеќето други риби, мажјакот и женката на морското коњче остануваат заедно во текот на целиот живот и ретко се делат еден од друг. Секој ден, кога ќе зарумени зората, тие ја потврдуваат својата верност со еден уникатен танц. „Вистинско уживање е да се гледа танцот на морските коњчиња — толку е убав и грациозен“, вели Трејси Варланд која се занимава со одгледување на морски коњчиња. Кога ќе завршат со танцувањето, и мажјакот и женката се враќаат на своите места каде што продолжуваат да се хранат во остатокот од денот. За време на парењето танцот станува посложен. Додека женката му се приближува на мажјакот, тој се дуе, добива поинтензивна боја и почнува да парадира напред-назад пред неа. Потоа полека кружат еден околу друг и ги преплетуваат опашките. Заедно се вртат во круг и како разиграни коњи потскокнуваат по морското дно. Овој танц, во кој играат горе-долу, прават пируети и ја менуваат бојата на кожата, може да потрае и половина час.
Се разбира, танцот навестува дека наскоро двојката ќе добие потомство. „Како што наближува времето за парење, морските коњчиња танцуваат сѐ подолго и почесто, а некогаш и по неколку пати на ден“, вели Којтер. „Кога танцот ќе достигне кулминација, двете коњчиња полека се креваат кон површината, држејќи се со опашките така што се припиени едно до друго. Потоа женката нежно ги положува јајцата во стомачната вреќичка на мажјакот, која наликува на торбата кај кенгурите.“ По ова, идниот татко наоѓа мирно место каде што чека јајцата да се прицврстат за ѕидот на стомачната вреќичка. Ги оплодува, и така започнува најнеобичната бременост во животинското царство.
„Сон на секоја жена“
„Мислам дека е прекрасно тоа што кај морските коњчиња мажјакот е тој што останува ‚бремен‘ и ги раѓа малите“, рекла една жена. „Тоа е сон на секоја жена!“, се пошегувала друга. Бременоста кај морските коњчиња трае 21 ден. Еден мажјак на морското коњче за само една година бил „бремен“ седумпати со ред!
Додека ембрионите на морските коњчиња лежат вгнездени длабоко во стомачната вреќичка, многубројни крвни садови ги снабдуваат со кислород и хранливи материи. Како што одминува времето, се зголемува соленоста на водата во ќесичката за да можат младите постепено да се привикнуваат за живот во морската вода. Кога ќе дојде време за раѓање, мажјакот добива трудови што можат да траат од неколку часа до два дена. На крајот, стомачната вреќичка се отвора, и од неа постепено почнуваат да излегуваат малечки морски коњчиња. Нивниот број се разликува од еден до друг вид, но може да достигне до 1.500.
Миленичиња, сувенири и лекови
И покрај високиот наталитет, на морските коњчиња им се заканува сѐ поголема опасност во светски рамки. Според некои стручњаци, секоја година во светот се ловат и се продаваат околу 30 милиони морски коњчиња. Многу од нив се наменети за пазарот на лекови во Азија, каде што се користат за лекување на бројни болести — од астма и скршени коски па сѐ до импотенција.
Секоја година, околу милион морски коњчиња завршуваат како сувенири — приврзоци за клучеви, притискачи за хартија и брошеви. Риболовот со посебни мрежи, ловот со помош на динамит и загадувањето им се закануваат на крајбрежните области каде што живеат морските коњчиња. Се ловат и на отворено море. Крајна дестинација за многу од нив се аквариумите, но сосем мал број успеваат да преживеат во заточеништво, бидејќи им е потребна посебна храна и подложни се на разни болести.
За да се спречи ваквиот тренд, предложени се низа законски мерки според кои многу земји треба да докажат дека со извозот на морски коњчиња во други земји нема да ја нарушат еколошката рамнотежа. Подобрите методи и технологијата исто така им овозможуваат на малиот број комерцијални одгледувачи да ги снабдат аквариумите со примероци што се одгледани во заточеништво.
Иднината на морските коњчиња зависи од иднината на океаните во кои живеат. „Сосема е јасно дека човекот со своите активности ги загрозува океаните низ целиот свет. Премногу вадиме од нив“, констатира со жалење госпоѓа Којтер. Дали ќе останеме без овие нежни морски танчери поради таканаречениот човечки „напредок“? „Мора да бидеме оптимисти“, вели Мартин-Смит. „Сигурно има лица што ги поддржуваат нашите напори да ги спасиме морските коњчиња. Наша задача е да поттикнеме што е можно повеќе луѓе да се грижат за живите суштества на Земјата. Кога ќе се постигне ова, работите ќе тргнат на подобро. Ако ги спасиме морските коњчиња, можеби ќе успееме да ги спасиме и морињата.“ Можеби и ќе успееме. Но, среќни сме што има еден многу подоверлив извор на надеж (Откровение 14:7).
[Слика на страница 15]
Минијатурно морско коњче од видот Hippocampus bargibanti (вистинска големина)
[Извор на слика]
© Reinhard Dirscherl/Visuals Unlimited
[Слики на страници 16 и 17]
Морските коњчиња имаат способност потполно да ја променат бојата на кожата за да се претопат во околината
Краткоглавото Hippocampus breviceps
Мешлестото Hippocampus abdominalis
Hippocampus erectus
[Слика на страница 16]
Hippocampus procerus
[Слика на страница 17]
Краткоглавото Hippocampus breviceps
[Слика на страница 17]
Малечки на Hippocampus breviceps
[Слика на страница 17]
Мажјак на Hippocampus breviceps раѓа малечки
[Извори на слики на страница 16]
Hippocampus erectus: © Ken Lucas/Visuals Unlimited; сите други фотографии: Rudie H Kuiter
[Извор на слика на страница 17]
Сите фотографии: Rudie H Kuiter