Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што ако ме одбие?

Што ако ме одбие?

Младите прашуваат . . .

Што ако ме одбие?

ТИ БЕШЕ само пријател. Но, одеднаш почна да те привлекува и на поинаков начин. Можеби те привлекоа неговите убави манири или, пак, начинот на кој ти се насмевнуваше кога зборуваше со тебе. Како и да е, времето си одминуваше, а тој со ништо не ти даде до знаење дека и самиот чувствува такво нешто кон тебе. Па така, ти реши да го прашаш дали сака да бидете нешто повеќе од пријатели. На твое разочарување, тој те одби — љубезно, но одлучно. *

Нормално, се чувствуваш повредено. Но, обиди се да не ги преувеличуваш работите и да гледаш пореално. Добро, младичот ти кажал дека не сака да има романтична врска со тебе. Но, запомни, таа негова одлука не влијае врз тоа колку вредиш ти како личност ниту, пак, го побива фактот дека другите и понатаму те сакаат и те почитуваат. Всушност, можеби неговата одлука нема толку врска со тебе колку што има со неговите лични цели и интереси.

Освен тоа, ако си христијанка, задржи на ум дека ‚Бог не е неправеден да го заборави твоето дело и љубовта што ја покажуваш кон неговото име‘ (Евреите 6:10). Во врска со ова, Соња * вели: „Ти не губиш од својата вредност. Јехова те цени без обѕир на тоа што си немажена“. Бидејќи Највишиот, а и другите, длабоко те ценат, зошто да ја губиш самопочитта?

Можеби сепак си мислиш дека си безнадежен случај и дека никој нема да сака да се ожени со тебе. Но, тоа што сега не си била „вистинската“ за тој младич, не значи дека нема да бидеш баш вистинската за некој друг (Судии 14:3). Затоа, немој да гледаш на овој свој обид како на потполно промашување; напротив, помисли дека од сето ова имало барем еден добар резултат: Си сфатила дека тој младич не е за тебе. Зошто го велиме ова?

Дали бил за тебе?

Библијата им заповеда на мажите да „ги љубат своите жени како своите сопствени тела“ (Ефешаните 5:28). Исто така, им налага на мажите да ‚им искажуваат чест‘ на своите жени (1. Петрово 3:7). Да се вратиме на твојот случај. Можеби овој младич навистина те цени како пријателка. Но, со тоа што те одбил, на некој начин покажал дека, сега за сега, не е подготвен да те сака и да те цени како своја сопруга. Тој има право да донесе таква одлука. Сега размисли: Ако мисли така, тогаш дали навистина би бил добар сопруг за тебе? Замисли само колку би била несреќна кога би се омажила за некого што нема да те сака и да те почитува како што советува Библијата!

Освен тоа, сега кога знаеш дека меѓу вас не може да има ништо, можеби ќе ти биде полесно уште еднаш пообјективно да размислиш каков е тој младич. Понекогаш вљубеноста толку заслепува што едноставно не можеме да видиме нечии карактерни или духовни слабости што сите други ги гледаат. На пример, дали тој навистина не бил свесен дека ти се допаѓа или, пак, намерно ги поттикнувал твоите чувства продолжувајќи да се дружи со тебе? Доколку второво е случај, дали тоа можеби не е знак дека тој не би бил грижлив и сочувствителен христијански сопруг? Ако е така, тогаш е добро што си го открила ова, па колку и да е болно.

Марија се вљубила во еден младич кога тој почнал да ѝ обрнува посебно внимание. Кога го прашала какви се неговите намери, ѝ рекол дека не планира да започне врска со неа. Што ѝ помогнало да се справи со разочарувањето? Таа вели: „Тоа што не дозволив срцето да му диктира на разумот“. Размислувала за она што Библијата го бара од еден сопруг и сфатила дека тој човек не е за неа. Ова ѝ помогнало да го прежали.

И Андреа доживеала нешто слично со еден младич. Подоцна сфатила дека тој со неа постапувал многу незрело. Увидела дека не е спремен за брак, и благодарна е што Јехова ѝ ги отворил очите за да го види тоа. Таа вели: „Верувам дека Јехова може да нѐ заштити од работи што можат да нѐ повредат, но мораме да имаме доверба во Него“. Се разбира, многу младичи се однесуваат пристојно во таква ситуација и ја одбиваат девојката од причини што се сосема на место. Но, без разлика од која причина те одбил, што ќе ти помогне да го преболиш?

Како да го преболиш

Веројатно ќе ти треба време да го прифатиш фактот дека те одбил младичот што ти се допаѓал. Твоите чувства кон него не се појавиле наеднаш, па не може наеднаш ни да исчезнат. Тие обично не се како сијалица што може да ја исклучиш кога ќе ти текне. Има денови кога тие чувства се толку силни што си мислиш дека не можеш да издржиш! Но, биди стрплива. Како што поминува времето, ќе ти поминат и чувствата. Но, ако сакаш да ти поминат побрзо, тогаш немој да ги подгреваш.

На пример, немој секогаш одново да го преиспитуваш секој збор што си го рекла или секој гест што си го направила кога си му кажала на младичот што чувствуваш кон него. Ако не им се спротивставиш на таквите мисли, на крајот можеби ќе заклучиш дека тој всушност не го мислел тоа што ти го кажал или дека можеби ќе можеш да му пристапиш на некој поинаков начин. Помири се со фактот дека не можеш да го смениш она што тој го чувствува кон тебе. Како и да си постапела, најверојатно неговиот одговор ќе бил ист.

Една друга замка може да биде фантазирањето. На пример, можеби си фантазираш дека вие двајцата веќе среќно си живеете заедно. Таквото мечтаење може да биде пријатно, но не е реално. Кога ќе престанеш да фантазираш, повторно ти се јавува чувството на загуба, а со него се враќа и болката. Ако не се потрудиш да го прекинеш овој затворен круг на пријатни чувства проследени со неподнослива болка, може да потрае долго време.

Напрегај се да ги отстраниш таквите фантазии од своите мисли. Кога ќе се појават, стани и прошетај се. Фати се за некоја физичка работа која може да ти ги сврти мислите на нешто друго. Концентрирај се на работи што те изградуваат, а не на она што те фрла во депресија (Филипјаните 4:8). Ова можеби ќе биде тешко во почетокот, но полека-полека ќе ја добиеш битката и ќе пронајдеш мир.

Можат да ти помогнат и блиските пријатели (Пословици 17:17). Сепак, Соња предупредува: „Не е добро сите пријатели да ни бидат на иста возраст, и сите да се самци што сакаат да стапат во брак. Потребни ни се и постари пријатели, кои можат да ни помогнат да гледаме реално на работите“. И запомни, има некој што може да ти помогне повеќе од кој и да е друг да ја совладаш својата болка.

Јехова — пријател и помошник

Кога еден верен човек во далечното минато доживеал разочарување, му се молел на Јехова за помош. Каков бил резултатот? Тој напишал: „Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (Псалм 94:19). Јехова и тебе ќе те утеши и ќе ти помогне ако го молиш со вера. Андреа постапила така. Таа вели: „Молитвата е многу важна. Таа може да ни помогне да преболиме и да одиме понатаму“. И Соња кажува нешто слично: „Молитвата ни помага да стекнеме самопочит која не зависи од тоа дали им се допаѓаме на другите или не“.

Ниеден човек не може во потполност да разбере како се чувствуваш, но Јехова те разбира. Тој ги создал луѓето со желба да ја задоволат својата потреба од љубов во брачната заедница. Тој знае колку силно може да те привлекува некој и знае како може таа привлечност да се држи под контрола. Може да ти помогне да ја совладаш големата болка во срцето, бидејќи во 1. Јованово 3:20 стои: „Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ“.

Задржи рамнотежа

Бракот може да биде извор на огромна среќа, но тој не е и единствениот извор на среќа. Сите што му служат на Јехова се среќни, а не само оние што се во брак. Во некои погледи, самците дури имаат одредени предности во однос на другите. Тие немаат „неволја во своето тело“, која се спомнува во 1. Коринќаните 7:28. Оваа неволја се однесува на стресовите и притисоците со кои се соочуваат сите брачни двојки. Самците исто така имаат поголема лична слобода и можат повеќе да му се посветат на служењето на Јехова. Поради тоа, Библијата вели: „Оној кој ја дава својата девственост во брак, прави добро, но оној кој не ја дава во брак, ќе направи подобро“ (1. Коринќаните 7:38). Дури и многу да сакаш да се омажиш, тоа што ќе размислуваш за овие библиски совети ќе ти помогне да задржиш рамнотежа и максимално да ги искористиш твоите моментални околности.

Некои добронамерни пријатели можеби ќе ти речат: „Не грижи се, еден ден ќе го сретнеш вистинскиот“. И вистина е дека тоа што те одбил еден младич не значи дека засекогаш ќе останеш сама. Сепак, една млада христијанка по име Катерина размислува вака: „Навистина имам доверба во Јехова. Не очекувам тој да ми најде маж за да бидам среќна. Но, сигурна сум дека ќе ми го даде она што ми треба за да ја пополнам таа празнина“. Ваквиот оптимистичен став ѝ помогнал да го преболи разочарувањето кога еден младич ја одбил.

Во денешно време, обидите да се започне врска често пропаѓаат, но пропаѓаат и многу бракови. Ако имаш доверба во Јехова и ако ги слушаш неговите совети, тој може да ти помогне да го преболиш разочарувањето и да бидеш радосна. И ти можеш да го доживееш она што го доживеал цар Давид, кој напишал: „О, Господи, сите мои желби се пред Тебе, и моите повици не Ти се скриени. Зашто, о Господи, на Тебе се надевам, Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој!“ (Псалм 38:9, 15).

[Фусноти]

^ пас. 3 Статијата „Младите прашуваат . . . Како да му кажам дека ми се допаѓа?“ (8 февруари 2005) објасни дека во некои култури се смета за непристојно женското прво да му пристапи на машкото и да предложи да започнат врска. Иако Библијата не го осудува ова, сепак ги поттикнува христијаните да внимаваат да не спрепнат некого со своите постапки. Затоа, оние на кои им е важно да бидат одобрени од Бог ги земаат во обѕир библиските совети кога одлучуваат како да постапат (Матеј 18:6; Римјаните 14:13; 1. Коринќаните 8:13).

^ пас. 5 Некои имиња се променети.

[Слики на страница 20]

Искористи ја помошта што ти ја дава Бог