Зошто толку многу луѓе живеат во страв?
Зошто толку многу луѓе живеат во страв?
ЧОВЕШТВОТО е обвиено во една атмосфера на страв. Тоа не е нешто што се гледа со голо око, но може да се почувствува, тоа е атмосфера што влијае речиси врз секого, иако честопати може да помине незабележано. Која е причината за ваквата атмосфера? Зошто некои луѓе ги фаќа страв кога ќе излезат од дома? Зошто мнозина не се чувствуваат безбедни на работа? Зошто мнозина се загрижени за безбедноста на своите деца? Од што се плашат луѓето во својот дом?
Се разбира, има многу причини за страв, но ние ќе разгледаме четири работи што постојано ги држат луѓето во страв — насилството во градовите, сексуалното вознемирување, силувањето и семејното насилство. Прво, да го разгледаме насилството во градовите. Оваа тема е на место особено сега, кога речиси половина од светското население живее во урбани средини.
Опасности во градовите
Првите градови најверојатно биле изградени за заштита, но за многу луѓе денес градовите претставуваат опасна зона. Она што порано се сметало како заштита, сега исполнува со страв. Преполните градски центри им нудат идеални услови на уличните напаѓачи,
а во некои градови опасно е да се отиде во сиромашните квартови во кои речиси и нема улично осветлување или полиција.Причините за страв не се секогаш преувеличени; застрашувачки број луѓе умираат од насилство. Според еден извештај на Светската здравствена организација, секоја година 1.6 милиони луѓе во светот умираат како резултат на насилство. Во Африка се проценува дека, од 100.000 луѓе годишно, 60,9 умираат од насилна смрт.
Многу луѓе, места и организации што порано се сметаа за безбедни, сега се опасни. На пример, многу игралишта, училишта и продавници сега се сметаат за опасни места во кои има висока стапка на криминал. Во некои случаи, верските водачи, социјалните работници и наставниците — луѓе кои треба да претставуваат заштита — ја изневериле довербата што другите ја имале во нив. Извештаите дека некои од нив злоупотребувале деца довеле до тоа родителите да не сакаат некој друг да се грижи за нивните деца. Полицијата треба да ги чува луѓето, но во некои градови полицијата обично е корумпирана и ја злоупотребува власта што ја има. Што се однесува до силите за „безбедност“, во некои земји на луѓето долго им остануваат врежани сеќавањата за граѓански војни во кои нивните сакани исчезнале откако биле одведени од војската. Затоа, во разни делови од светот, наместо да го намалат стравот, полицијата и војската само го зголемуваат.
Во книгата Citizens of Fear—Urban Violence in Latin America се вели: „Жителите на главните градови во Латинска Америка живеат во постојан страв и во едни од најопасните услови на Земјата. Во тој голем регион, околу 140 илјади луѓе секоја година умираат од насилна смрт, а еден од тројца жители бил директна или индиректна жртва на насилство“. Во други делови од светот, во главните градови често има политички протести. Кога таквите протести ќе станат насилни, многу поединци ги искористуваат нередите за да ги ограбуваат продавниците, по што следи општ хаос. Луѓето што работат во центарот на градот лесно можат да се најдат фатени среде разбеснети толпи.
Во многу земји има голем јаз меѓу животниот стандард на богатите и на сиромашните, поради што тлее силна огорченост. Толпи луѓе што сметаат дека им се ускратени основните потреби ги пљачкосуваат ексклузивните населби на елитата. Во некои градови тоа сѐ уште се нема случено, но ситуацијата личи на темпирана бомба — никој не знае кога ќе експлодира.
Опасноста од крадци и бунтовници се чини доволно застрашувачка, но има и други причини за загриженост кои го зголемуваат стравот.
Ужасот од сексуално вознемирување
За милиони жени свиркањето, непристојните гестови и похотливите погледи се секојдневен кошмар. Во весникот Asia Week се вели: „Истражувањата покажуваат дека секоја четврта жена во Јапонија била сексуално вознемирувана во јавност, а 90% од тие случаи на вознемирување се случувале во возовите . . . Само 2% од жртвите преземаат нешто кога ќе се случи тоа. Како најчеста причина зошто не преземаат ништо се наведува стравот од реакцијата на напасникот“.
Во Индија има драстичен пораст во сексуалното вознемирување. Една тамошна новинарка вели: „Кога и да излезе од дома, секоја
жена ја фаќа страв. На секој чекор наидува на понижувачки шеги и ѝ се дофрлаат непристојни забелешки“. Од еден индиски град чиишто жители се горди на своите релативно безбедни улици доаѓа ваков извештај: „Проблемот [на овој град] не е на улиците, туку во канцелариите . . . 35 проценти од жените што беа анкетирани изјавија дека биле сексуално вознемирувани на работното место . . . 52 проценти од жените рекоа дека поради стравот од сексуално вознемирување на работното место повеќе сакаат да работат на работни места со мала плата . . . каде што би работеле [само] со жени“.Страв од силување
Но, за жените има нешто уште пострашно од тоа да го изгубат своето достоинство. Сексуалното вознемирување понекогаш во себе содржи опасност од силување. Силувањето е злосторство од кое многу жени се плашат дури и повеќе отколку од убиство, што е и за разбирање. Една жена може одеднаш да се најде сама на место каде што се плаши дека би можела да биде силувана. Можеби ќе види некој маж што не го познава или ѝ изгледа сомнително. Срцето почнува брзо да ѝ чука додека избезумено се труди да процени каква е ситуацијата. ‚Што ќе направи? Каде можам да бегам? Да почнам ли да врескам?‘ Данокот на сето ова жените го плаќаат со своето здравје. Многу луѓе избираат да не живеат во градска средина или не сакаат да одат во градовите токму поради ваквите стравови.
„Стравот, немирот и грижите се секојдневен дел од животот на многу жени што живеат во градовите“, се вели во книгата The Female Fear. „Стравот од силување им создава на жените чувство дека секогаш мораат да бидат на штрек, да бидат внимателни и претпазливи, чувство што ги прави напнати кога некој оди премногу близу зад нив, особено навечер. Тоа е чувство . . . што никогаш сосем не ги напушта жените.“
Многу жени се погодени од насилство. Но, стравот од насилство ги погодува речиси сите жени. Во една публикација на Обединетите Нации, The State of World Population 2000, се вели: „Во целиот свет, најмалку една од три жени била истепана, присилена на секс или малтретирана на некој друг начин — најчесто од некој што го знае“. Дали оваа атмосфера на страв навлегува уште подлабоко? Колку е вообичаено луѓето да живеат во страв во својот сопствен дом?
Страв од семејно насилство
Навиката мажот скришно да си ја тепа жената која ја држи во покорност е огромна неправда што ја има низ целиот свет — а на многу места, дури од неодамна е признаена како злосторство. Во еден извештај од Индија се тврди дека „најмалку 45 проценти од жените во Индија се удирани, клоцани или тепани од своите мажи“. Малтретирањето во бракот претставува сериозна здравствена закана низ целиот свет. Во врска со жените на возраст од 15 до 44 години во Соединетите Држави, Федералното истражно биро известува дека повеќе од нив се повредени во семејно насилство отколку во сообраќајни несреќи, грабежи и силување заедно. Според тоа, семејното насилство е нешто многу поопасно отколку некоја повремена кавга при која ќе падне по некоја шлаканица. Многу жени живеат со стравот дека може да бидат повредени или убиени дома. Една државна анкета спроведена во Канада покажа дека една третина од жените што биле жртви на семејно насилство, во некој момент биле уплашени за својот живот. Двајца истражувачи од Соединетите Држави заклучиле: „Домот е најопасното место за жените и многу често е место на суровост и малтретирање“.
Зошто толку многу жени се заробени во такви опасни врски? Многу луѓе се прашуваат: ‚Па, зошто не побараат помош? Зошто не си заминат?‘ Причината во најголем број случаи е стравот. Се вели дека стравот е карактеристично обележје на семејното насилство. Насилните мажи обично ги држат своите жени под контрола со насилство и потоа ги замолчуваат заканувајќи им се дека ќе ги убијат. Дури и ако малтретираната жена собере храброст да побара помош, можеби нема секогаш и да ја добие. Има една склоност, дури и кај луѓето што се гадат од другите облици на насилство, да го минимизираат, да го игнорираат или да го оправдуваат насилството што го врши сопругот. Освен тоа, надвор од дома, насилниот сопруг може да
изгледа многу шармантен. Честопати пријателите не можат да поверуваат дека тој ја тепа својата сопруга. Бидејќи никој не им верува и немаат каде да бегаат, многу малтретирани жени мислат дека немаат друг избор освен постојано да живеат во страв.Малтретираните жени што сепак ќе си заминат, понекогаш стануваат жртви на еден друг вид малтретирање што се вика вознемирување на личноста. Во Северна Америка неодамна беше спроведено едно истражување во кое беа вклучени преку илјада жени од државата Луизијана. Ова истражување покажа дека 15 проценти од тие жени известиле дека биле вознемирувани. Замислете си го нивниот страв. Некој што Ви се заканувал, продолжува да Ве следи на секој чекор. Ви се јавува по телефон, Ве следи, Ве набљудува и Ве чека. Може дури и да Ви го убие домашното милениче. Тоа е плански смислено малтретирање што создава ужас!
Можеби Вие не сте жртва на таков страв. Но, во колкава мера стравот влијае врз она што го правите секој ден?
Влијае ли стравот врз Вашите постапки?
Бидејќи живееме во атмосфера на страв, можеби не сме ни свесни колку од нашите секојдневни одлуки се водени од страв. Колку често стравот влијае врз Вашите постапки?
Дали стравот од насилство Ве навел Вас или Вашето семејство да избегнувате да се враќате дома сами доцна навечер? Дали стравот влијае врз тоа дали ќе се возите со јавен превоз? Дали опасностите при патувањето од и до работата влијаеле врз тоа каква работа ќе изберете? Или, дали стравот од колегите или стравот од луѓето со кои ќе мора да соработувате влијаело врз тоа што ќе работите? Дали стравот влијае врз Вашиот друштвен живот или врз тоа каква забава ќе одберете? Дали можеби поради стравот дека ќе наидете на бучни пијаници или на голема толпа луѓе ќе одлучите да не одите на извесни спортски настани и концерти? Дали стравот влијае врз тоа што правите на училиште? За многу родители, стравот нивните деца да не станат деликвенти е еден фактор што влијае врз тоа какво училиште ќе изберат, а секако стравот е причина зошто мнозина од нив одлучуваат да ги земаат своите деца од училиште, кои инаку би можеле или да си одат дома пешки или да одат со јавен превоз.
Да, човештвото живее во атмосфера на страв. Но стравот од насилство постои речиси откако постои и човештвото. Можеме ли навистина да очекуваме нешто да се смени? Дали животот без страв е само сон? Или имаме добра причина да очекуваме иднина во која никој нема да се плаши од ништо лошо?