Играчки — порано и сега
Играчки — порано и сега
ФИЛИП * и неговите мали другарчиња со радост гледаат како потскокнува топката што сами си ја направиле намотувајќи клопче од конец. Почнуваат да ја шутираат и се впуштаат во жив фудбалски меч. Мајк е воодушевен од тоа како неговата мала количка реагира на командите од далечинскиот управувач во неговите раце. Лесно ја управува да оди напред и назад. Дома, Андреа и нејзините другарчиња си ги облекуваат куклите во разни фустанчиња и чевличиња и цело време си муабетат дека и тие ќе се дотеруваат кога ќе пораснат.
Што им е заедничко на овие деца? Играчките со кои можат да си играат со часови. Понекогаш некоја играчка — како што е омиленото плишано мече — уште од раѓање му станува неразделен другар на детето. Може дури да си најде место и во семејниот албум. Каква е историјата на играчките? Зошто тие им се толку важни на децата?
Потеклото на играчките
Една енциклопедија вели: „Играчката е често средство што се користи во некоја игра. Играчките и игрите постојат од најдалечно минато и во најразлични култури. Се разликуваат од наједноставни до најсложени, од еден обичен стап што си го нашло едно дете и си замислува
дека му е коњче, па до софистицирани и сложени механички направи“. Значи, сѐ што може да се користи за забава и игра може да стане играчка. А бидејќи луѓето по природа сакаат разонода, најверојатно играчките се стари речиси колку и човештвото.На пример, во земји како древна Вавилонија и Египет се најдени кукли — или барем делови од нив. Најверојатно, куклите се најстарите играчки. Уште една древна играчка е топката. Иако не е можно да се дознае кога првпат била користена топката, во еден древен гроб на едно египетско дете најдени се камени кегли кон кои се тркалала камена топка во една игра слична на куглање.
Пред повеќе од три илјади години во Грција имало јо-јоа направени од камен, а доказите покажуваат дека се користеле и во древна Кина. Децата во Рим си играле со марионетки и геометриски форми од слонова коска што се составувале. Момчињата во Грција и Рим си играле и со мали колички, што покажува дека играчките што се копија на превозните средства уште тогаш биле многу популарни. Во еден музеј има изложено една глинена фигуричка на животно на тркалца, што можеби е играчка од раната мексиканска култура. Интересно, во оваа култура не се откриени други тркала. Во средниот век, се правеле овални или тркалезни топки од надуен животински мочен меур. Слично на денешните фудбалски топки, и тие се шутирале или се носеле кон некој гол.
Подоцна, во 18 век во Англија биле направени сложувалки кои имале поучна намена и станале многу популарни во почетокот на 20 век. Потоа, голема популарност стекнале мрсните боички. Само во Соединетите Држави една единствена компанија има произведено повеќе од сто милијарди мрсни боички. Како што гледате, некои од нашите современи играчки првпат почнале да се користат во далечното минато и одиграле важна улога во животот на луѓето.
Зошто се важни играта и играчките?
„Играта е природна активност за сите мали деца. Играта му дава на детето многу прилики да учи и да расте — физички, ментално и општествено. Ако играта се смета за работа на едно дете, тогаш играчките се алатите на тоа дете, а соодветните играчки можат да им помогнат на децата добро да си ја завршат работата“. Вака, во еден владин прирачник што говори за изборот на играчки, е опишано колку се важни играчките.
Се разбира, главната причина зошто играчките се толку популарни е тоа што играњето со нив е забавно. Сепак, нивниот придонес во развојот на децата е значителен. Размислете за следниве примери: Кога едно дете турка количка, си ги подобрува моторните вештини. Кога скока со јаже, си ја подобрува координацијата. Кога стои на една нога за да ја удри топката или кога вози велосипед, учи да одржува рамнотежа. А кога реди коцки или кога бои слики, учи прецизно да си ги контролира движењата.
Како е со интелектот на детето? Јазичните способности се развиваат кога во играта се вклучени пеење и римувани песнички, можеби додека скока со јаже или игра
брканица. Кога едно дете гради нешто со коцки, ги следи упатствата на некоја игра, ги составува деловите од некоја сложувалка, живо одглумува некоја приказна или кога облекува разни костими, се стимулираат неговите мисловни и креативни способности. Истото се случува и кога свири музички инструменти или кога црта или мајсторисува нешто.Многу важен е и начинот на кој играта им помага на децата да се развијат општествено — каков однос имаат со другите — кога формираат екипи за да играат некои игри со топка. Д-р Брус Данкан Пери вели: „Детето почнува подобро да ги разбира другите околу него и може да стане посочувствително и помалку себично. Кога играат со своите врсници, децата учат еден систем од општествени правила, вклучувајќи и начини да се контролираат себеси и да ги толерираат своите фрустрации во општеството“.
Децата користат играчки и за да го имитираат она што го прават возрасните. Грчкиот филозоф Аристотел рекол: „На човекот уште од раѓање инстинктивно му доаѓа да имтира нешто или некого“. Да, во детските игри се имитираат и на тој начин се учат многу активности од секојдневието. Лесно можеме да си замислиме едно мало девојченце како си ја лула и си ја успива куклата, исто како што многу подоцна во животот можеби ќе прави со своето бебе. Или, пак, можеби се преправа дека готви за своите мали другарчиња. Слично, момчињата ги возат своите „автомобили“ наоколу, па дури и брчат како мотор, вежбајќи за кога еден ден вистински ќе возат. Меѓутоа, има некои фактори што треба да ги земете предвид кога избирате играчки за своите деца. Зошто?
Да се избираат играчките
„Денешните играчки го поддржуваат ставот за едно насилно општество во кое владее беззаконие“, се вели во лондонскиот весник The Daily Telegraph. Иако оваа изјава не се однесува на сите играчки, според една статија во мексиканскиот весник La Jornada, многу често може да се најдат сѐ помалку традиционални играчки и сѐ повеќе „изобличени, мускулести кукли . . . што изгледаат агресивно“. Оваа статија ја цитира Патриција Ерлич, предавач и истражувач на Автономниот универзитет во Хочимилко, која вели дека голем број од играчките што се продаваат поддржуваат идеологија на доминација во која се претпочитаат силата, агресијата, моќта, потчинувањето и стравот.
Националното здружение на училишни психолози од САД потврдува дека ако децата се изложени на играчки што поттикнуваат на насилство, тоа „може негативно да влијае врз учењето и развојот на децата и може да има штетни последици“. Истражувањата покажуваат дека насилните видео и компјутерски игри можат да предизвикаат агресивно однесување и да водат до деликвенција. Затоа, секоја возрасна личност што се грижи за дете треба внимателно да размисли и да избере соодветни играчки (Видете ја рамката на 26. страница).
Со помош на развојот во современата технологија, денес има најразлични и најсофистицирани играчки. Но, тие може да бидат премногу скапи за семејниот буџет, на децата може лесно да им здосадат или едноставно можеби не се доволно добри за децата. Лиен, самохрана мајка на пет деца од Австралија, вели: „На постарите синови влијаат рекламите и често бараат скапи компјутерски игри. Но, изгледа дека повеќе се забавуваат и вежбаат играјќи си надвор во дворот со некоја евтина палка и гумена топка. Мислам дека едноставните играчки најдолго траат и им овозможуваат на моите деца неизмерно да ја користат својата фантазија“.
Зошто сам не си направиш играчки?
Ако си дете и немаш пари да си ги купиш најновите играчки, сепак можеш да бидеш среќен така што ќе си ги вклучиш фантазијата и креативноста. Во многу делови од светот, децата како тебе сами си прават играчки.
Погледни ги сликите на овие страници. Зарем не ти се чини дека децата вистински се забавуваат? Не е лесно да се состават некои од „количките“. Мораш да собереш парчиња стара жица и да ги извиткаш да ја добијат исправната форма. За тркала можеш да исечеш кругови од гума или пластика. Што мислиш за овој воз направен од шишиња од сок и од млеко? А што мислиш за камионот направен од парченца од дрво? Понекогаш можеш дури и да се возиш на овие играчки, како, на пример, на овој рачно направен африкански тротинет. Овие деца не мислат дека мораат да имаат скапи играчки за да се забавуваат. А и самото правење е забава. Зошто не пробаш и ти?
[Фуснота]
^ Имињата се сменети.
[Рамка/слика на страница 26]
Добрата играчка . . .
● Безбедна е и одговара на возраста, можностите и физичките способности на детето
● Добро е склопена и е трајна (децата имаат склоност да ги расклопуваат работите)
● Доволно е убава и интересна за да му го привлече вниманието на детето
● Ги стимулира креативноста и фантазијата на детето
● Има пристапна цена
● Не е отровна
[Рамка/слика на страница 27]
За да избегнете опасности поврзани со играчките . . .
● Играчките на постарите деца чувајте ги подалеку од дофатот на помалите деца
● Внимателно прочитајте ги сите етикети за безбедност и упатства, ако е можно, заедно со своето дете
● Научете го детето и неговите другарчиња како исправно да ги користат и да ги чуваат играчките
● Избегнувајте играчки што испуштаат звуци кои можат да бидат премногу гласни што би било штетно за децата
● Проверувајте ги играчките одвреме-навреме. Во многу случаи, некоја оштетена играчка треба да се поправи или веднаш да се фрли
● Играчките што можат да претставуваат опасност, како што се играчките со мета, острите алатки и електричните играчки, треба да ги користат само постари деца надгледувани од некој возрасен
● Играчките чии делови се доволно мали за да се голтнат треба да се чуваат подалеку од мали деца
[Слика на страница 24]
Лав и еже на платформа со тркалца од вториот милениум пр.н.е (Иран)
[Извор на слика]
Лав и еже: Erich Lessing/Art Resource, NY
[Слика на страница 25]
Глинена кукла, о. 600 пр.н.е.(Италија)
[Слика на страница 25]
Вртимушка, класичен грчки период, о. 480 пр.н.е.
[Слика на страница 25]
Кукла од лушпа од пченка, колонијална Америка
[Слика на страница 25]
Мрсни боички, рани 1900-ти (Соединети Држави)
[Слики на страница 26]
Деца со играчки што сами си ги направиле
[Извори на слики на страница 25]
Глинена кукла: Erich Lessing/Art Resource, NY; горе: Réunion des Musées Nationaux/Art Resource, NY; кукла од лушпа на пченка: Art Resource, NY