Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да не се вплеткам со погрешни луѓе?

Како да не се вплеткам со погрешни луѓе?

Младите прашуваат . . .

Како да не се вплеткам со погрешни луѓе?

„Почнав да се дружам со една девојка на училиште . . . Не се дрогираше, не одеше по журки ниту, пак, водеше распуштен сексуален живот. Дури не ни пцуеше и сите оценки и беа петки. Но, во секој случај, беше лошо друштво“ (Беверли). *

ЗОШТО Беверли дошла до ваков заклучок? Таа сега сфаќа дека под влијание на оваа девојка тргнала по лош пат. „Бидејќи продолжив да се дружам со неа“, објаснува Беверли, „и јас почнав да читам спиритистички книги, па дури напишав и приказна во која се зборуваше на таа тема.“

И една друга девојка, по име Мелани, била намамена да постапува лошо — но од некој што тврдел дека е сохристијанин! Како можеш да знаеш дали некој ќе биде добро друштво за тебе? Дали секогаш е опасно да бидеш близок другар со некои што не се христијани? Дали пријателствата помеѓу христијаните се секогаш сигурни?

Како стојат работите посебно кога станува збор за дружење со некој од спротивниот пол? Ако гледаш на некого како на потенцијален брачен другар, како можеш да знаеш дали врската ќе биде добра во духовен поглед? Да разгледаме како можат библиските начела да ни го дадат одговорот на овие прашања.

Кои пријателства се изградувачки?

Дали поради тоа што нејзината школска другарка не го обожавала вистинскиот Бог, Беверли требало да се воздржи да стане блиска со неа? Се разбира, вистинските христијани не сметаат дека некој е нечесен или неморален само затоа што не им е соверник. Но, кога станува збор за блиски пријателства, имаме причина да бидеме претпазливи. Апостол Павле ги предупредил членовите на коринтското собрание од првиот век: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“ (1. Коринќаните 15:33, Радосна вест). Што мислел со тоа?

Најверојатно некои од коринтските христијани се дружеле со епикурејците, следбеници на грчкиот филозоф Епикур. Па, Епикур навистина ги учел своите следбеници да живеат разумно, храбро, да се самосовладуваат и да бидат праведни. Дури и ги поттикнувал да не прават тајни престапи. Тогаш, зошто Павле ги сметал епикурејците, па дури и оние од собранието што имале слични идеи, за ‚лошо друштво‘?

Епикурејците не го обожавале вистинискиот Бог. Бидејќи не верувале во воскресение на мртвите, ним најважно им било да искористат сѐ што им нуди животот (Дела 17:18, 19, 32). Затоа не е ни чудо што поради дружењето со такви лица некои во коринтското собрание почнале да ја губат верата во воскресение. Затоа, 15. поглавје од 1. Коринќаните — во кое се наоѓа и предупредувањето на Павле во врска со лошите друштва — содржи многу аргументи чија цел била повторно да ги убедат тие рани христијани во реалноста на надежта во воскресение.

Што учиме од ова? Дури и безбожните луѓе можат да имаат убави особини. Но, ако ги избереш за свои пријатели, ќе влијаат на твоето размислување, однесување и на твојата вера. Затоа, во своето второ писмо до Коринќаните, Павле рекол: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“ (2. Коринќаните 6:14-18).

Фред, кој има 16 години, ја увидел мудроста на зборовите на Павле. Отпрвин, тој се согласил да се вклучи во една воншколска активност за која требало да патува во една земја во развој за да помогне во подучувањето на децата таму. Меѓутоа, додека се подготвувал заедно со другите ученици, Фред се предомислил. Тој вели: „Видов дека ако поминувам толку многу време со нив, ќе биде штетно за мојата духовност“. Од таа причина, Фред одлучил да се повлече од проектот и да им помага на луѓето на други начини.

Пријателства со сохристијаните

Но, како стојат работите со пријателствата во христијанското собрание? Кога му пишувал на младиот Тимотеј, Павле го преудпредил: „Во една голема куќа нема само златни и сребрени садови туку и дрвени и земјени, и некои за почесна цел, други, пак, за цел без почест. Според тоа, ако некој се држи понастрана од вториве, ќе биде сад за почесна цел, посветен, корисен за својот сопственик, подготвен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 2:20, 21). Павле не гледал да го прикрие фактот дека дури и меѓу христијаните може да има некои што не се однесуваат чесно. Отворено го поттикнал Тимотеј да се држи понастрана од таквите.

Дали ова значи дека треба да бидеш сомничав кон сохристијаните? Не. Ниту, пак, значи дека треба да очекуваш твоите пријатели да бидат безгрешни (Проповедник 7:16-18). Меѓутоа, самото тоа што некоја млада личност доаѓа на христијанските состаноци или има родители кои се ревносни во собранието, не значи дека автоматски е добар избор за близок пријател.

„И детето се познава според она што го прави, дали е чисто и праведно неговото дело“, се вели во Пословици 20:11. Затоа мудро е да размислиш: Дали односот на ова лице со Јехова му е најважното нешто во животот? Или, пак, има докази дека размислува и дека има ставови кои го одразуваат „духот на светот“? (1. Коринќаните 2:12; Ефешаните 2:2). Дали дружењето со тоа лице ја зголемува твојата желба да му служиш на Јехова?

Ако избереш пријатели што многу го сакаат Јехова и духовните работи, не само што ќе избегнеш многу проблеми, туку и ќе најдеш поголема сила да му служиш на Бог. Павле му рекол на Тимотеј: „Тежнеј кон праведност, вера, љубов, мир, заедно со оние кои го повикуваат Господ од чисто срце“ (2. Тимотеј 2:22).

Пријателства со лица од спротивниот пол

Ако си возрасен и сакаш да стапиш во брак, дали си размислил како истите овие начела траба да влијаат и врз изборот на брачен другар? Може да има многу фактори што ќе те привлечат кон можниот брачен другар, но ништо не е толку важно како неговата духовна состојба.

Затоа, Библијата постојано предупредува да не се стапува во брак со некој кој не е „во Господ“ (1. Коринќаните 7:39; Второзаконие 7:3, 4; Неемија 13:25). Вистина е дека луѓето што не ни се соверници можат да бидат одговорни, чесни и грижливи. Сепак, тие немаат мотив како твојот, да ги развиваат тие особини и да истрајат во бракот како што годините одминуваат.

Од друга страна, пак, оној што му е оддаден и лојален на Јехова свесно ги развива христијанските особини и ги чува, што и да се случи. Сфаќа дека во Библијата љубовта кон брачниот другар е поврзана со добриот однос со Јехова (Ефешаните 5:28, 33; 1. Петрово 3:7). Според тоа, кога и двајцата брачни другари го сакаат Јехова, имаат силен поттик да си останат верни еден на друг.

Дали ова значи дека браковите меѓу соверници со гаранција ќе бидат успешни? Не. На пример, претпостави си дека си се венчал со некој што само површно се интересира за духовни работи. Што би можело да се случи? Неподготвен да им се спротивстави на притисоците на овој систем, еден духовно слаб човек може лесно да го остави христијанското собрание (Филипјаните 3:18; 1. Јованово 2:19). Замисли си ги болката и кавгите што би ги имал доколку твојот брачен другар се впуштил во „валканостите на светот“ (2. Петрово 2:20).

Пред да започнеш врска што би можела да заврши со брак, размисли: Дали ова лице дава доказ дека е духовна личност? Дали е добар пример во поглед на христијанскиот живот? Дали е добро втемелено во библиската вистина, или му треба уште време за духовно да расте? Дали си уверен дека љубовта кон Јехова му е најважното нешто во животот? Добро е да знаеш дека лицето е на добар глас. Но, на крајот на краиштата, мораш да бидеш уверен дека лицето за кое си заинтересиран му е оддадено на Јехова и веројатно ќе биде добар брачен другар.

Но, не заборавај ни дека некои што се привлечени кон „погрешни луѓе“ се привлечени од погрешни работи — како што е некој вид забава или активност што не им прилега на христијани. Примерните млади лица во христијанското собрание не би учествувале со тебе во такви работи. Затоа испитај си го срцето.

Ако увидиш дека твоето срце треба да добие исправка, немој да се чувствуваш безнадежно. Срцето може да биде исправено (Пословици 23:12). Поентата е: Што сакаш да сакаш? Дали сакаш да те привлекува она што е добро и оние што го прават тоа? Со помош од Јехова, можеш да развиеш таква желба (Псалм 97:10). А ако си ја извежбаш моќта на согледување да разликуваш исправно и неисправно, ќе можеш полесно да одредиш кои лица би ти биле добри, изградувачки пријатели (Евреите 5:14).

[Фуснота]

^ Имињата се сменети.

[Слика на страница 12]

Доброто друштво позитивно влијае на духовноста