Кога се леела крв во името на Христос
Кога се леела крв во името на Христос
Од дописникот на Разбудете се! во Мексико
„За време на мисата свештениците извикуваа од проповедалниците: ‚Синови на светата Мајка црква, во борба! Владата сака да ги преземе црквите!“(Педро Росалес Варгас, очевидец).
ЗОШТО побожни луѓе би зеле оружје за да ја бранат својата вера? Што може да се случи кога луѓето прибегнуваат кон насилство за да ја бранат својата религија? Востанието Кристеро во Мексико, наречено и Кристероси — според оние што учествувале во него — дава увид во овие прашања.
Enciclopedia Hispánica објаснува: „Кристероси (војници на Христос) е името што им било дадено на мексиканските католици кои се побуниле против претседателот Плутарко Елијас Калјес во 1926 година поради мерките што ги презел против црквата, како што било затворањето на религиозните центри и објекти“. Во почетокот, владата била таа што ги нарекла востаниците Кристероси поради нивниот борбен извик: „Да живее Царот Христос!“ Меѓутоа, корените на судирот се многу подлабоки.
Корените на судирот
Законите за реформа, што првпат биле предложени во 1850-те, конечно биле ратификувани во 1917 година. Една од целите на законите била „национализација на имотот што ѝ припаѓа на црквата“ (Historia de México). Владата ги донела овие закони за да ја спречи католичката црква да трупа богатство и земјишни поседи. Веднаш по ратификацијата следеле силни протести од свештенството. Владата реагирала со апсење на голем број свештеници.
Една од целите на Мексиканската револуција (1910-1920) била да им се даде земја на сиромашните. Затоа, со новите закони се предлагало да се конфискува земјата од големите земјопоседници и да се подели на сиромашните во склоп на таканаречената аграрна реформа. Свештенството, општо земено, сакало да се вмеша во оваа работа. На крајот на краиштата, со новите закони биле погодени влијателни свештеници кои имале големи земјишни поседи. Црквата тврдела дека нема ништо против поделбата на земјата, туку дека се залага за план што е поинаков од предлогот на владата.
Меѓутоа, некои луѓе сметале дека црквата само сака да ги заштити интересите на големите земјопоседници, меѓу кои имало и богати свештеници. Од друга страна, пак, имало некои свештеници, кои го поддржувале предлогот земјата да им се подели на сиромашните. Конфликтот во самата црква уште повеќе го продлабочил расколот помеѓу црквата и владата.
Во почетокот на 1925 година, Плутарко Елијас Калјес, кој само што станал претседател на Република Мексико, почнал строго да ги спроведува членовите од новиот
устав што се однесувале на црквата. На пример, протерал од Мексико многу католички свештеници што биле странци. Освен тоа, надбискупот од Мексико бил уапсен откако изјавил дека свештенството треба да се бори против членовите од уставот што се против свештенството. Биле конфискувани и некои објекти што ги поседувала црквата. Мнозина сметале дека целта на овие дејствија била да се спречи големи суми на пари од Мексико да завршат во Рим.Во јули 1926 година, самите мексикански бискупи наредиле да се укинат богослужбите во црквите. Владата го сметала овој чекор за политички трик чија цел била да се подбуцнат масите против владата. Како и да е, укинувањето на богослужбите го потпалило фитилот од кој се разгорело востанието Кристеро.
Избувнува војна
Илјадници католици, подбуцнати од своите свештеници, се бореле во одбрана на својата вера. Како свој симбол си носеле еден кип на Дева Марија од Гвадалупе. Иако некои Кристероси очекувале високото свештенство да застане во одбрана на црквата, повеќето бискупи и свештеници не се вмешале во судирот затоа што се плашеле од одмазда од страна на владата. Наместо тоа, повеќето од нив побарале засолниште во домовите на богатите семејства, држејќи се настрана од судирот додека обичните луѓе продолжиле со крвавото верско востание.
Меѓутоа, некои свештеници активно ја поддржувале едната или другата страна. Според книгата The Cristiada (том 1, Војната на Кристеросите), околу 100 католички свештеници им се спротивставиле на Кристеросите, додека 40-мина активно ја поддржувале оружената борба. Други петмина свештеници се приклучиле во самото војување.
Последиците од востанието биле кобни. Многу подрачја западнале во крајна сиромаштија. Освен тоа, во многу извештаи се зборува за млади мажи што биле присилени од Кристеросите да се борат. Имало и извештаи дека кај многу семејства доаѓале и Кристеросите и федералните трупи да бараат храна. Освен тоа, имало и извештаи дека и двете страни силувале и дека мнозина ги изгубиле своите блиски.
И Кристеросите и владината војска биле виновни за разни ѕверства. На пример, биле убиени многу луѓе што немале никаква врска со судирот. Всушност, суровите бројки говорат сами за себе — најмалку 70.000 луѓе биле убиени во тригодишното војување.
Прекин на војната
Откако во јуни 1929 година бил постигнат официјален договор помеѓу католичката црква и владата, имало привремен прекин на судирите а во август војната конечно завршила. Но, Кристеросите не биле вклучени во преговорите и не можеле да сфатат како можела црквата да се подложи на, како што мнозина сметале, непријателот на небесната власт. Незадоволни, но покорни на упатствата од свештениците, Кристеросите се предале и се вратиле во своите домови. Владата ветила дека ќе биде потолерантна и дека ќе дозволи повторно да се одржуваат миси. Меѓутоа, законите со кои се ограничувале религиите останале непроменети.
Востанието Кристеро понекогаш се опишува како обид на некои лица од католичката црква да ја повратат моќта што црквата ја имала пред Законите за реформа. И покрај војната, овие закони останале на сила во Мексико сѐ до 1992 година, кога бил донесен закон во врска со верските организации. Во Мексико сѐ уште има значителна недоверба кон верските организации. На свештените лица не им е дозволено да учествуваат во политиката и, иако верските организации сега можат да поседуваат имот, имотот на црквата стекнат пред 1992 година и понатаму е во сопственост на државата. Сепак, законот не спречил многу свештеници во Мексико да се мешаат во политика.
Што било постигнато?
Дали тоа што со оружје в рака ја бранеле својата вера им донело трајно добро на Кристеросите? Марија Валадез, која ги преживеала тие немири, сега вели: „Мислам дека сето убивање беше за џабе. Тоа беше чиста глупост“. Педро Росалес Варгас, кој беше цитиран во почетокот, во врска со трагичните последици од војната, рекол: „Луѓето се убиваа едни со други, убиваа дури и луѓе од својата вера. Јас така останав сирак — го убија татко ми“.
Тешките лекции од востанието Кристеро не спречиле верските чувства и понатаму да разгоруваат судири, како оние во Северна Ирска и во поранешна Југославија. Само вистинската Христова религија може да ги спречи таквите трагедии. Исус им заповедал на своите следбеници да не се мешаат во политика, да „не се дел од светот“ (Јован 17:16; 18:36). На апостол Петар, кој се обидел со сила да спречи да биде уапсен, Исус му рекол: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите кои се фаќаат за меч, од меч и ќе погинат“ (Матеј 26:52).
Како реагираат христијаните на угнетување?
Дали ова значи дека, ако слободата на обожавање на вистинските христијани е загрозена, тие не треба да преземат ништо? Не. Кога христијаните од првиот век биле прогонувани, во неколку прилики се бранеле со законските средства што им биле на располагање. Ги изнесувале своите парници пред судови. Иако понекогаш биле затворани, не се откажале од својата вера ниту ја прекршиле својата политичка неутралност (Дела 5:27-42).
Под никакви околности, раните христијани не зеле оружје в рака за да ги добијат своите верски права со насилство. Вистинските христијани не убиваат луѓе од која и да било друга вера а камоли пак од својата. Напротив, тие се држат за учењето на својот Учител: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35).
[Слика на страница 28]
Свештеник помеѓу двајца Кристероси
[Извор на слика]
© (Inventory image number: 422036) SINAFO-Fototeca Nacional ▸
[Слика на страница 29]
Претседателот Плутарко Е. Калјес
[Извор на слика]
© (Inventory image number: 66027) SINAFO-Fototeca Nacional
[Слика на страница 29]
Некои од водачите на Кристеросите
[Извор на слика]
© (Inventory image number: 451110) SINAFO-Fototeca Nacional ▸