Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Крај на стравот — дали е можно?

Крај на стравот — дали е можно?

Крај на стравот — дали е можно?

МОЖЕ ли некој во овој денешен опасен свет да живее без трошка страв? Не би се рекло. Дури и луѓето што веруваат во Бог се соочуваат со опасности што создаваат страв. На пример, во првиот век од нашата ера, апостол Павле, кој многу патувал, спомнал дека доживеал бродолом, бил во опасности од реки, во опасности од друмски разбојници и во опасности во градот (2. Коринќаните 11:25-28). Слично и денес, повеќето од нас мораат да се соочат со опасни ситуации.

Меѓутоа, можеме да преземеме мудри мерки на претпазливост со што ќе ги намалиме ризиците, а со тоа и стравовите. Библијата вели: „Претпазливиот го предвидува злото и се скрива, а неразумните одат напред, и претрпуваат казна“ (Пословици 22:3). Кои се некои мерки на претпазливост што треба да ги преземеме?

Да се преземат мерки на претпазливост

Интересно, иако Библијата е напишана многу одамна, во неа се содржани многу начела што сѐ уште се практични и ни помагаат да ги избегнеме опасностите во нашево време. На пример, таа вели: „На мудрецот очите му се во главата, а безумниот скита во темнината“ (Проповедник 2:14). Добро е да внимавате кој е околу Вас и, кога е можно, да ги избегнувате мрачните места. Можеби ќе биде добро да си одите дома по улиците што се најмногу осветлени, дури и ако тоа значи дека ќе треба малку повеќе да поодите. Библијата уште вели: „Подобро им е на двајцата . . . ако некој удри на едниот, двајцата ќе му се спротиват“ (Проповедник 4:9, 12). Ако живеете во опасно подрачје, можете ли да се договорите да си одите дома заедно со некој друг?

Ако Ве нападне некој крадец, мудро е да не заборавите дека животот е поскапоцен од сѐ што поседуваме (Матеј 16:26). Исто така, добро е и да имаме на ум дека кога ќе се соберат големи толпи народ за да го изразат својот гнев, тие се опасни и непредвидливи (Излез 23:2).

Ако Ве вознемирува некој што Ви дофрла неморални зборови, Ви кажува вулгарни вицови или се труди да Ве допира по телото, најдобро е цврсто да го одбиете. Можеби ќе треба да си заминете, како што си заминал и Јосиф кога го зграпчила една неморална жена. Тој ‚се истргнал и избегал надвор‘ (Битие 39:12). Ако не е можно да си заминете, би можеле да речете: „Прекини!“, „Да не си ме допрел!“ или „Не сакам такво зборување“. Ако можете, избегнувајте места каде што е вообичаено таквото вознемирување.

Да се излезе на крај со стравот дома

Што можете да направите ако се плашите од својот насилен маж? Можеби е мудро да си имате план за бегство, во случај Вашиот маж одеднаш со своето однесување да го доведе во опасност Вашето здравје или живот или, пак, здравјето и животот на Вашите деца. * Библијата кажува дека Јаков внимателно си направил план за бегство во случај брат му, Исав, да стане насилен. Излегло дека планот не бил потребен, но тоа била мудра мерка на претпазливост (Битие 32:6-8). Еден таков план можеби ќе значи да најдете некој што во итен случај би Ве примил кај себе дома. Би можеле однапред да поразговарате со тоа лице што можеби ќе Ви треба. Добро е да ги имате при рака важните документи и други неопходни работи.

Друга опција може да Ви биде да пријавите на властите дека мажот Ве малтретира и да побарате заштита од нив. * Библијата учи дека сите мораат да се соочат со последиците од своите постапки (Галатите 6:7). За државната власт, Библијата вели: „Таа е Божја слугинка за тебе, за твое добро. Но, ако правиш зло, имај страв“ (Римјаните 13:4). Нападот во домот е исто толку сериозен престап како и нападот на улица. Во многу земји, и вознемирувањето на личноста е престап.

Доколку ги преземеме овие мерки за кои зборувавме, можеби ќе можеме да го намалиме стравот во извесна мера. Но, Библијата дава повеќе отколку само практични совети. Таа не е само еден прирачник за самопомош. Таа е книга со сигурни пророштва кои откриваат што прави Бог сега и што ќе направи во иднина. Каква надеж им дава Библијата на луѓето што се присилени да живеат во страв?

Што значи атмосферата на страв

Значајно е она што го напишал апостол Павле: „Во последните денови ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат себељубиви . . . без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, клеветници, без самосовладување, свирепи, без љубов кон доброта“ (2. Тимотеј 3:1-3). Овие зборови опишуваат навистина страшни времиња!

Кога Исус зборувал за „завршетокот на системот на работи“, рекол: „Ќе се крене нација против нација, и царство против царство; и ќе има големи земјотреси, и во едно место по друго ќе има чуми и недостиг на храна; и ќе има застрашувачки глетки и големи знаци од небото“ (Матеј 24:3, 7, 8; Лука 21:10, 11). Затоа, не нѐ изненадуваат ‚застрашувачките глетки‘ околу нас кои придонесуваат за сегашнава атмосфера на страв. Но, што значат тие?

Исус рекол: „Кога ќе видите дека овие работи се случуваат, знајте дека Божјето царство е близу“ (Лука 21:31). Во наше време можеме да очекуваме една Божја влада да почне да владее од небото со целото човештво (Даниел 2:44). Каков ќе биде животот тогаш?

Крај на стравот!

Библијата опишува едно идно време на мир кога ќе прекинат војните, кога повеќе нема да има злосторници и кога Земјата ќе биде населена со луѓе што го сакаат Бог. Петар, Исусов апостол, пишувал за еден иден ‚ден на суд и уништување на безбожните луѓе‘. Нема да има ниеден злобен човек од кого ќе се плашиме, зашто на Земјата „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:7, 9, 13). Замислете си какво олеснување ќе биде да се живее меѓу луѓе во кои може да се има доверба и кои вистински се сакаат! Оваа надеж ни помага да гледаме на сегашните опасни времиња од друг агол. Тие нема вечно да траат (Псалм 37:9-11).

За доброто на оние што живеат во страв, на Јеховиниот пророк му било речено: „Речете им на исплашените срца: ‚Бидете силни, не бојте се! Еве Го вашиот Бог, одмаздата доаѓа, Божјата плата, Тој Самиот брза да нѐ спаси‘“ (Исаија 35:4). Затоа, слугите на вистинскиот Бог можат со доверба да гледаат на иднината (Филипјаните 4:6,. 7). За луѓето што мораат да живеат во страв, голема утеха е кога знаат дека Јехова не се откажал од својата првобитна намера Земјата да биде исполнета со луѓе што го познаваат и ги покажуваат неговите прекрасни особини (Битие 1:26-28; Исаија 11:9).

Знаеме дека ништо не може да го спречи Јехова да ги исполни своите намери со човештвото во кои се гледа неговата љубов (Исаија 55:10, 11; Римјаните 8:35-39). Знаејќи го ова, зборовите од еден многу познат псалм добиваат поголемо значење. Во тој псалм читаме: „Господ е Пастир мој . . . Ја освежува мојата душа, ме води по патеките на правдата, поради Своето име. Ако тргнам и низ долината на смртната сенка, нема да се уплашам од злото, зашто Ти си со мене“ (Псалм 23:1-4). Иако овие страшни времиња можат уште повеќе да се влошат, близу е и сигурно доаѓа светот во кој нема да има страв.

[Фусноти]

^ Во врска со тоа во кои околности одвојувањето од брачниот другар би било во склад со библиските начела, видете го српското издание на Разбудете се! од 8 февруари 2002, страница 10.

^ Во врска со жртвите на семејното насилство, видете ги српските изданија на Разбудете се! од 8 ноември 2001, страници 3-12 и од 8 мај 1993, страници 3-14.

[Слики на страници 8-10]

Бог наскоро ќе воспостави свет во кој ќе нема страв