Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади кои даваат силно сведоштво

Млади кои даваат силно сведоштво

Млади кои даваат силно сведоштво

Голем број млади Јеховини сведоци смело зборуваат за својата вера и на училиште и во христијанската служба, и имаат голем успех во тоа. Да разгледаме неколку примери. *

„Кога бев трето одделение“, вели Кристина, „учителката на сите ни даде по еден дневник во кој требаше да пишуваме што ни се случуваше секој ден. Рече дека ќе ги чита дневниците и ќе ни напише по нешто. Решив во мојот дневник да пишувам за говорот што наскоро требаше да го имам во Теократската школа за служба. Учителката изгледаше воодушевена, па затоа ја поканив да дојде во Салата на Царството за да го слуша мојот говор. Не само што дојде таа, туку дојде и мојата учителка од прво одделение. Подоцна, на училиште, учителката му кажа на целото одделение колку многу ѝ се допадна мојот говор. Бев пресреќна. Но, тоа не е сѐ. Отприлика една година подоцна, имав прилика да раскажам за оваа случка на еден покраински собир на Јеховините сведоци, а мојата учителка дојде и во таа прилика. Подоцна, јас и една пријателка што е пионер отидовме кај неа и ѝ ја дадовме книгата Спознание кое води до вечен живот. Учителката дојде дури и на еден од нашите обласни конгреси!“

На шест години, Сидни многу вешто и смело разговарала со своите другарчиња од одделението за вистините од Божјата реч, меѓу кои и состојбата на мртвите и положбата на Исус во однос на Бог. „Таа е ревносен и бестрашен мал проповедник“, вели мајка ѝ. На крајот од првата учебна година, Сидни била натажена. „Се секирам за децата од одделението“, рекла таа. „Како ќе научат за Јехова?“ На Сидни ѝ текнало нешто. Последниот училишен ден, на сите ученици им дала по еден завиткан подарок — публикацијата Моја книга со библиски приказни. Дала вкупно 26 книги и им рекла на учениците дека можат да си го отворат подарокот дома заедно со своите родители. Сидни ги смета другарчињата од одделението како свое подрачје за сведочење. Дури и им се јавила на телефон за да види дали им се допаднала книгата. Едно девојче рекло дека секоја вечер си ја чита со мајка си.

Кога имала 15 години, Елен му дала на својот професор по историја неколку броја на Разбудете се! „Многу му се допаднаа“, вели Елен, „и еве веќе две години како го чита Разбудете се!“ Понатаму вели: „Неодамна му ја дадов публикацијата Моја книга со библиски приказни и ми рече дека неговите две ќерки многу ја сакаат. Затоа, му ја дадов и книгата Учи од Големиот Учител. Подоцна, ми даде една картичка на која пишуваше: ‚Фала многу за книгите. Јас и девојчињата просто ги голтаме. Многу е убаво кога човек ќе види дека една млада личност како тебе е толку зрела и посветена на некоја цел. Ти го имаш најубавиот можен дар — твојата вера. Ти ме научи повеќе отколку што јас воопшто би можел да те научам тебе!‘ Сето ова ми покажа дека луѓето многу ја ценат библиската вистина кога ќе се потрудиме да им ја пренесеме“.

Даниел имал шест години кога првпат почнал да поучува некого за Библијата. „Одев со мајка ми кога таа поучуваше други“, вели тој, „но сакав и јас да поучувам некого.“ Даниел ја избрал г-ѓа Ратклиф — постара жена на која ѝ имал дадено библиски публикации. „Сакам да Ви ја покажам мојата омилена книга, Моја книга со библиски приказни,“ ѝ рекол тој и додал: „Ќе може ли да доаѓам секоја седмица и да Ви ја читам?“ Г-ѓа Ратклиф се согласила со овој предлог на Даниел. „Подоцна истиот тој ден, почнавме да проучуваме со г-ѓа Ратклиф“, вели Лора, мајката на Даниел. „Даниел и г-ѓа Ратклиф се менуваа во читањето на пасусите, а потоа, Даниел ќе ја замолеше да прочита некои од стиховите наведени на крајот од приказната. Јас одев со Даниел, но изгледа дека г-ѓа Ратклиф сакаше да разговара за тие работи само со него!“ Со текот на времето, Даниел и г-ѓа Ратклиф почнале да ја проучуваат книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата. Тогаш, веќе и помалата сестра на Даниел, Натали, била доволно голема за да чита, па така и таа им се придружила во проучувањето. Г-ѓа Ратклиф имала многу прашања, а многу од нив биле доста тешки. Но, Даниел и Натали ја користеле брошурката Библиски теми за дискусија и индексот на крајот од Библијата за да можат да ѝ дадат библиски одговори. Г-ѓа Ратклиф, која целиот свој живот била католик, била воодушевена од она што го учела. „Камо да почнев да ја проучувам Библијата многу порано!“, рекла таа по една средба. За жал, г-ѓа Ратклиф неодамна почина на 91 година. Но, проучувањето на Библијата ѝ помогна да ги дознае скапоцените вистини, меѓу кои и надежта за воскресение на рајска Земја. Даниел сега има десет години и ја проучува Библијата со две лица. Натали има осум години и ја проучува Библијата со едно девојче на нејзина возраст.

Младите како Кристина, Сидни, Елен, Даниел и Натали им носат радост на своите христијански родители. Што е уште поважно, го радуваат Јеховиното срце, а тој нема да ја заборави љубовта што тие млади ја покажуваат за неговото име (Пословици 27:11; Евреите 6:10).

[Фуснота]

^ Сите публикации што се спомнати во оваа статија се издадени од Јеховините сведоци.

[Слики на страница 16]

Кристина (горе) и Сидни

[Слика на страница 17]

Даниел и Натали

[Слика на страница 17]

Елен