Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Творецот ме привлече со убавината на вистината

Творецот ме привлече со убавината на вистината

Творецот ме привлече со убавината на вистината

РАСКАЖАЛ ЦУЈОШИ ФУЏИ

ПРЕД неколку години ми се укажа една ретка прилика. Како асистент на Сенеи Икенобо, директорот на школата Икенобо за аранжирање на цвеќе, јас требаше да го аранжирам цвеќето во една елегантна соба во Кралската палата во Токио (Јапонија). Работевме под силно обезбедување. Во една напната атмосфера, се погрижив да не истурам ни капка вода. Тоа беше еден од најважните настани во мојата кариера во светот на аранжирањето цвеќе. Дозволете ми да ви објаснам како влегов во тој свет.

Роден сум во 1948 во Нишиваки, кој се наоѓа северозападно до Кобе (Јапонија). Уште од детството многу ме воодушевуваше како убавината на цвеќето се менуваше со годишните времиња. Меѓутоа, ме одгледа баба ми, која беше ревносен будист, па така никогаш не ни размислував дека постои Творец.

Мајка ми предаваше и сѐ уште предава икебана, или вештина во аранжирањето на цвеќе, во мојот роден град. Ва Јапонија, икебаната, уште позната и како кадо (техники на цвеќето), е многу ценета дисциплина. Иако никогаш директно не ме подучуваше на оваа вештина, мајка ми имаше значително влијание на мене. Кога дојде време да одлучам што ќе правам во иднина, јас посакав да влезам во светот на икебаната. Мојот учител и мајка ми ми препорачаа да одам на факултет, но јас без никакво двоумење одлучив да одам во школата Икенобо. Икенобо е најстарата дисциплина на икебана во Јапонија. Бев примен и сериозно ја изучував вештината на аранжирање цвеќе.

Во светот на икебаната

Тема на икебаната, традиционална јапонска вештина, е животот. Да ви објаснам. Цвеќињата ставени во кофа во цвеќарница може да изгледаат убаво, но можат ли да се споредат со малите билки што цветаат на некое поле или со некое расцутено дрво во планините? Подредени во природен амбиент, овие билки ви даваат осет за животот и за годишните времиња. Ќе ви го допрат срцето кога ќе ги видите така уредени. Икебаната е начин на кој, со помош на цвеќиња и билки, се изразува убавината што ја има во природата и се прави тема на она што длабоко ве допира.

На пример, претпоставете си дека сакате да прикажете есен. Тоа можете да го постигнете ако користите цвеќиња што се карактеристични за тоа годишно време, како што се генцијана и патринија и некои есенски лисја. Сакате ли да додадете и малку свежо ветре? Тоа ќе го постигнете со неколку стебленца од еулалија, со што ќе се добие чувство на есенско ветре. Многу ме интересираше икебаната и многу уживав што можев да се искажам со комбинирање на цвеќиња и билки во просторот над вазната.

Големо „семејство“

Историјата на икебаната како декоративна вештина почнува пред околу 500 години. Во школите за икебана доминира она што може да се нарече систем на правила на директорот на школата. Местото на директорот се наследува. Како наследник на уметнички традиции, тој има патријархален авторитет над едно големо „семејство“ од следбеници. Освен традициите, тој треба да ѝ ги пренесе на следната генерација и новите стилови што ги вовел во склад со времето во кое живее.

Откако дипломирав на Икенобо школата и завршив двегодишен технички курс по кадо, во јануари 1971 почнав да работам во Икенобо фондацијата. Планирав и организирав „Икебана изложби на Икенобо“ низ цела Јапонија. Исто така, патував по целата земја со директорот, како еден од неговите асистенти во создавањето на неговите уметнички дела.

Уште го памтам првиот пат кога стоев на сцената во Спортскиот центар Фукуока како асистент на директорот додека тој покажуваше како се аранжира цвеќе. Стоејќи пред илјадници луѓе, бев скаменет од трема. Ги извиткував стебленцата и ги кршев гранчињата — нешто што не требаше да го правам. Но, директорот љубезно се шегуваше додека ѝ објаснуваше на публиката што прави. Тоа ми помогна да се опуштам.

Кога на државните настани присуствуваа и славни личности од странство, јас одев со директорот за да го аранжираме цвеќето по тој повод. Како што спомнав во почетокот, една таква прилика ме одведе во една елегантна соба во Кралската палата.

Подоцна, кога беше отворена Централната школа за обука Икенобо, со цел повторно да се школуваат инструктори од целата земја, мене ми беше доделено да поучувам, да го правам наставниот план и да го надгледувам производството на учебници и филмови што ќе се користат при предавањата за околу 200.000 приправници во 300 претставништва низ Јапонија. Патував низ целата земја за да го надгледувам курсот. Икенобо има претставништва и во други земји, па неколкупати годишно патував до Тајван. Така ја стекнав довербата на директорот и имав одговорна положба.

Си ја сакав работата, но не бев потполно задоволен со мојот живот. Зад превезот на убавината, имаше некои работи што ме разочараа. Љубомората и зависта меѓу приправниците премина во клеветење, па локалните инструктори честопати ме прашуваа за совет. Но, во една организација во која доминираа традицијата и моќта, многу работи беа надвор од моја контрола. Бидејќи мнозина вистински ја сакаа икебаната и сериозно го сфаќаа курсот, јас вистински се трудев да дадам сѐ од себе за да им помогнам да учат со радост.

Прв контакт со убавината на вистината

Не ја сакав религијата, зашто мислев дека умствено го заслепува човек. Освен тоа, имав видено толкаво лицемерие меѓу оние што зборуваат за мир и среќа. Но, жена ми, Кеико, уште од дете ја барала вистината. Се интересираше за различни религии и ги слушаше нивните учења, но ниедна од нив не го задоволи нејзиниот духовен глад.

Така, кога на нашата врата дојдоа Јеховини сведоци, Кеико се согласи да ја проучува Библијата. Ми раскажуваше сѐ што ќе научеше и што ќе ѝ оставеше впечаток. Ми беше пријатно тоа што ми го кажуваше, но не бев толку одушевен како неа.

Сепак, Кеико продолжи со вистинска убеденост да ми го кажува она што го учеше од Библијата. Секогаш ќе ми потпикнеше по некое библиско списание во торбата кога патував. Но, јас одбивав да ги читам. Го штитев она што со години го градев. Само што бевме купиле куќа и некако си мислев дека ако ги прифатам библиските учења, ќе треба да се откажам од куќата. Во меѓувреме, Кеико брзо напредуваше и го применуваше она во што веруваше. Јас се чувствував запоставен и осамен. Иако знаев дека она што ми го кажуваше беше вистина, почнав да ѝ се противам.

Се противам, но и се интересирам

Обично доцна си доаѓав од работа, но во деновите кога Кеико одеше на состаноците на Јеховините сведоци, намерно се враќав подоцна од обично. Дури и ако си дојдев во два или три часот наутро, Кеико ме чекаше за да ми раскаже што се случило дента и покажуваше дека се грижи за мене. Но, не можев да ја прифатам мислата моето семејство да го остави домот на неколку часа за да оди на христијанските состаноци. Сѐ посилно се противев и почнав да зборувам за развод. Но, Кеико остана цврста.

Не можев да го разберам однесувањето на Кеико. И покрај нашите затегнати односи и нејзините астматични напади, таа беше толку среќна во сѐ што правеше. Токму нејзиното чисто срце и невина нежност беа она што ме привлече кон неа. И баш затоа бев загрижен да не е измамена кога почна да ја проучува Библијата.

Но, Кеико го применуваше она што го учеше и се трудеше да биде добра сопруга и мајка. Иако ѝ се противев, кога ме молеше да одам со неа на христијанските состаноци и собири, одев одвреме-навреме, можеби затоа што бев горд на неа.

Во исто време, бев љубоморен на Јехова. Кога видов дека Кеико се труди да се смени, се прашував зошто библиските учења имаат толку длабоко влијание врз луѓето. Си мислев: ‚Зошто жена ми е спремна да претрпи секакви тешкотии заради Јехова?‘

Наскоро, некои христијански браќа од собранието на Кеико сакаа да ме посетат. Јас немав намера да се сретнам со нив. Сепак, сакав да знам зошто Кеико имаше таков внатрешен мир. На крај, љубопитноста ме совлада и се согласив да ја проучувам Библијата. Кога подобро ги запознав оние што ме посетуваа, пријатно се чувствував со нив. Со помош на редовното проучување секоја седмица, библиската вистина полека-полека ми влезе во срцето и видиците ми се раширија.

Убавината на природата и на вистината

Кога се обидував да ја искажам убавината и моќта на природата преку икебана, бев загрижен како да ја пренесам нејзината величественост. Потоа, кога дознав дека Јехова е тој кој ги создал прекрасните нешта во природата, сѐ си доби смисла. Како може еден мал човек да се споредува со уметничката вештина на Творецот? Јехова е врховниот уметник! Меѓутоа, трудејќи се да го имитирам, почнав да го аранжирам цвеќето многу подобро. Всушност, откако почнав да ја проучувам Библијата, луѓето почнаа да ми велат дека работам поинаку, дека силината е поткрепена со нежност.

Библиската вистина ми помогна да разберам некои работи за првпат. Кога дознав дека, како владетел на светот, Сатана Ѓаволот стои зад сето човечко страдање и дека нашето срце е измамливо поради гревот што сме го наследиле од Адам, конечно го сфатив вистинското значење на сѐ ова што се случува околу нас (Еремија 17:9; 1. Јованово 5:19). Дознав дека Јехова е Бог на мирот, дека е полн со љубов, правда, моќ и мудрост (Второзаконие 32:4; Римјаните 11:33; 1. Јованово 4:8; Откровение 11:17); дека Бог го испратил Исус да умре за нас затоа што нѐ сака (Јован 3:16; 2. Коринќаните 5:14); и дека доаѓа времето кога повеќе нема да има ни страдање ни смрт (Откровение 21:4). Убавината на овие вистини ме плени. Освен тоа, Јеховините сведоци живеат во склад со учењето на Исус да ‚го љубат својот ближен како себеси‘. Кога лично го видов тоа, бев сигурен дека ова е вистинската религија (Матеј 22:39).

Пречка што требаше да се тргне

Кога вистината се вкорени во моето срце, се соочив со еден предизвик. Кога директорот не можеше да оди на погреби, јас честопати го заменував во будистичките ритуали. Ова ми беше испит кога размислував да му се предадам на Јехова. Донесов одлука да не учествувам во будистичките обреди (1. Коринќаните 10:21). Со почит му објаснив на директорот дека имам намера наскоро да се крстам и дека одлучив да не учествувам во ниедно друго обожавање, иако тоа беше дел од мојата работа. Тој ми рече дека нема ништо против тоа да станам христијанин и дека, кога се во прашање религиозни работи, може да се снајдам на свој начин. Овој одговор пријатно ме изненади зашто мислев дека ќе бидам критикуван и дека ќе ја изгубам работата.

Откако ја тргнав таа пречка, се крстив во знак на моето предание на Јехова на еден христијански собир во јуни 1983, една година откако почнав да ја проучувам Библијата. Кога излегов од базентот за крштавање, ме пречека Кеико со голема насмевка и солзи во очите. И мене очите ми беа полни со солзи кога со Кеико му се заблагодаривме на Јехова за среќата што ја имаме.

Одлука да ја оставам световната кариера

Директорот покажа големо разбирање за моите ставови како оддаден христијанин. Се трудев да ги исполнувам моите одговорности на работа уште посовесно од порано. Сепак, се трудев да одржам рамнотежа помеѓу световната работа и христијанскиот живот. Седум години, неколку месеци во годината, учествував во поголема мера во христијанската служба.

Но, морав сериозно да размислам за духовноста на син ми и за влошеното здравје на Кеико. ‚Треба да поминувам повеќе време со семејството‘, си мислев. Исто така, сакав на прво место во животот постојано да ми бидат проповедањето и поучувањето за Царството. Овие потреби и желби ме поттикнаа да му се молам на Јехова да ми помогне да ја оставам кариерата во икебана. Директорот виде дека веќе сум решил и на крајот во јули 1990, кога имав 42 години, можев без проблем да се пензионирам.

Им помагам на другите да ја видат убавината на вистината

Кратко по пензионирањето, почнав со полновремена служба за да им помагам на другите да ја најдат вистината. Моментално, еден ден седмично поучувам аранжирање на цвеќе, без ограничувањата на Икенобо стилот. Имам чест да служам како старешина во собранието, а Кеико е зафатена со пионерската служба и има помалку астматични напади од порано. Нашиот син, кој сега е женет, е слуга помошник во едно соседно собрание. Колкава само чест е за сите нас да му служиме на Јехова како семејство!

Се радувам на времето, кога под царската власт на Исус Христос, ќе ги користам билките што ќе ги одгледувам во мојата градина за да правам убави цветни аранжмани. Искрена желба ми е заедно со моето сакано семејство секогаш да го славам величественото име на Јехова, Творецот на сета убавина.

[Слика на страница 23]

Со помош на икебана можеш да ја искажеш својата одушевеност од убавината на природата

[Слики на страница 23]

Со жена ми, син ми и неговото семејство