Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вредеше да се послушаат предупредувањата

Вредеше да се послушаат предупредувањата

Вредеше да се послушаат предупредувањата

СРЕДА, 24 август 2005 — еден вообичаен топол, спарен ден во Њу Орлеанс (Луизијана, САД). Алан заминал со семејството на неколку дена во Бомонт (Тексас), град што се наоѓа околу 300 километри на запад. Со себе зеле облека за следните пет дена. Алан објаснува: „Воопшто не бевме свесни дека во тоа време ураганот Катрина веќе почнал да се формира во источниот дел на Флорида. Но, до петокот вечерта беше сосема јасно дека Њу Орлеанс ќе го погоди ураган од четврта или петта категорија“.

Во недела, на 28 август, стана јасно дека бурата наречена Катрина ќе биде ураган со максимална јачина. Градоначалникот на Њу Орлеанс издаде наредба за задолжителна евакуација на градот. Како резултат на тоа, илјадници возила почнаа полека да се движат на север и на запад предизвикувајќи застој на автопатите. Илјадници луѓе што немаа автомобили побараа засолниште во огромниот затворен стадион наречен Супердом. Но, некои решија да не ја послушаат наредбата за евакуација и да си останат дома.

‚Следниот пат, прв ќе бегам од таму!‘

Џо, Јеховин сведок, бил меѓу оние кои решиле да останат. Бил уверен дека и оваа бура ќе може да ја помине без да излегува од дома. Си мислел дека штетата од претходните урагани и не била толку голема колку што предвидувале властите. „Сметав дека ќе успеам да преживеам“, вели тој. „Колку брзо сфатив дека грешам! Ветрот дуваше и дождот се истури со неопислива жестина. За многу кратко време, ветрот го откорна покривот на куќата. Потоа нивото на водата почна да се крева со огромна брзина — три метри за три часа! Толку брзо растеше што морав да се качам на вториот кат. Навистина се исплашив зашто ветрот бесно завиваше и изгледаше дека ѕидовите секој миг ќе се срушат. Таванот почна да паѓа. Морав веднаш да решам како да излезам од таму.

Помислив дека ќе мора да скокнам во разбеснетите води. Но, брановите беа многу опасни. Ветрот ја креваше пената од високите бранови низ блиските улици. Знаев дека, ако скокнам во водата, најверојатно ќе се удавам.“

На крајот, Џо успеал да се качи во спасувачки чамец и бил префрлен до еден мост. Оттаму можел да види како насекаде во водата под него пловат мртви тела и измет. Една ноќ преспал врз багажникот на една кола. Потоа со хеликоптер и со автобус бил префрлен до градскиот управен центар на Њу Орлеанс. „Луѓето таму беа многу фини со мене“, вели тој. „Во еден момент бев потполно зашеметен. Во главата ми одѕвонуваше само една мисла: ‚Каде ќе можам пак да најдам шише вода?‘“

Гледајќи наназад, Џо сфаќа дека сето ова можел да го избегне. „Ја научив лекцијата“, вели тој. „Следниот пат кога ќе речат ‚Евакуација!‘, прв ќе бегам од таму!“

Ги игнорирала предупредувањата, побарала спас на едно дрво

Во градовите Билокси и Галфпорт, на брегот на Мисисипи, беше причинета огромна материјална штета а имаше и многу човечки жртви. Според The New York Times од 31 август 2005 година, Винсент Крил, претставник за односи со јавност на Билокси, изјавил: „Многу луѓе ја игнорираа наредбата за евакуација, бидејќи тие, или нивните домови, успеаја да го поминат ураганот Камил [во 1969 година]“. Се сметаше дека Катрина ќе биде со помал интензитет од Камил, но како што забележува Крил, Катрина ‚подигна незапирлив висок воден ѕид сличен на цунами‘.

Меѓу локалните жители што ги игнорирале предупредувањата била и Инел, која скоро цел живот живее во Билокси. Таа вели: „Низ годините имаме преживеано многу бури. Затоа не бев претерано загрижена за Катрина“. Откако ги прибрала кај себе 88-годишната свекрва, синот, ќерката и зетот — како и двете кучиња и трите мачки — решиле да не излегуваат од куќата, која била цврста градба. Бурата го погоди Билокси на 29 август, во околу 10 часот наутро. Инел се сеќава: „Забележав дека почна да влегува вода во една од спалните во задниот дел на куќата. Потоа почна да навлегува насекаде. Решивме да се качиме на таванот сметајќи дека таму ќе биде посигурно. Но, водата не престана да се крева. Моравме да излеземе од таванската просторија за да не останеме заробени внатре. Но, каде да се оди?

Син ми направи дупка во мрежата на еден прозорец, па моравме да се нурнеме за да се протнеме низ него и да испливаме на површината на водата надвор. Потоа успеавме да се одржуваме над водата држејќи се за работ на покривот. Тројца од нас отидоа на десната страна од куќата, а ќерка ми отиде на левата. Во близина видов големо дрво. Јас, син ми и свекрва ми отпливавме до дрвото и цврсто се фативме за него. Тогаш слушнав како ќерка ми силно вика: „Мамо! Мамо!“ Зет ми, кој излезе последен од таванската просторија, отплива кон неа да ја спаси. Двајцата успеаја да се качат во еден чамец што обично ни стоеше во дворот, а сега пловеше во близина на куќата. Ме викаа да влезам во чамецот. Не сакав да ризикувам да се пуштам во разбрануваната вода. Се чувствував сигурно на дрвото, и не сакав да мрднам од таму.

Од местото каде што се држев за дрвото, можев да видам како водата тече надолу по улицата и прави вртлози околу целата куќа. Почнав да размислувам во каква ситуација се најдов, и сфатив дека беше многу неразумно што не ги послушав предупредувањата за евакуација.

Конечно водата почна да опаѓа, и сите успеавме да се качиме во чамецот. Помина едно противпожарно возило и нѐ префрли до болницата. Бевме пресреќни што останавме живи!“

Плановите за евакуација на Сведоците

Последиците од Катрина се почувствуваа по должината на целиот Мексикански Залив, каде што беа уништени илјадници домови од Луизијана па на исток сѐ до Алабама. Но, ураганите не се ништо ново во тој дел од Соединетите Држави. Затоа, Јеховините сведоци веќе неколку години имаат подготвено планови за евакуација. Секоја година, обично некаде во јуни, пред да почне сезоната на бурите, Сведоците во 21 собрание во поширокото подрачје на Њу Орлеанс го прегледуваат планот за евакуација во случај на катастрофа. Затоа повеќето од тамошните Сведоци знаеја што да прават ако дојде до катастрофа. Како беше спроведен планот кога започна ураганот Катрина?

Веднаш штом градските власти издадоа налог за евакуација, старешините од секое собрание стапија во контакт со другите членови на собранијата за да ги поттикнат да го напуштат градот. Мнозина успеаја сами да се организираат да заминат со семејството или со пријателите. За постарите и за болните беше обезбеден посебен превоз и им беше дадена додатна помош. Џон, член на еден од одборите за помош при катастрофи што ги имаат формирано Сведоците, изјави: „Уверен сум дека тоа што работевме според овој план спаси многу животи“. На тој начин, повеќето од Јеховините сведоци можеа да заминат од градот пред да почне бурата. За да им даде моментална практична помош на погодените подрачја, подружницата на Јеховините сведоци што се грижи за САД оформи одбори за итна помош.

Пронаоѓање на Сведоците во Астродомот

Околу 16.000 лица, главно од Луизијана, побараа засолниште во Астродомот во Хјустон (Тексас), каде што им беа дадени храна, вода, и покрив над глава. Членови на одборот за итна помош во Хјустон дознаа дека некои Сведоци се во тоа огромно мноштво луѓе. Но, како да ги пронајдат?

Рано наутро во петокот, на 2 септември, една група старешини од Сведоците пристигна во Астродомот за да ги побара своите браќа кои моментално престојуваа во ова засолниште. Беа длабоко потресени од глетката на илјадници мажи, жени, млади, деца и бебиња кои беа распрснати низ огромниот стадион. Стадионот за рагби беше прекриен со илјадници полски креветчиња, додека огромен број луѓе стрпливо чекаа на решение на своите проблеми. Луѓето чекаа во долги редици за да ја добијат потребната медицинска помош, а медицинските лица брзаа да ги однесат пациентите со коли за брза помош.

„Се чувствував како да сум среде камп за бегалци“, возбудено изјави Семјуел, еден од старешините што ги бараа своите соверници во Астродомот. Како да пронајдат неколку Сведоци во ова огромно мноштво? Старешините почнаа да ги бараат така што одеа напред-назад низ редовите со голем натпис на кој пишуваше да се јават оние што се Сведоци. Откако цели три часа безуспешно бараа на овој начин, сфатија дека ќе мора да најдат некое попрактично решение. Ги замолија лицата од Црвен крст да го дадат следново соопштение на службениот разглас: „Ги молиме сите крстени Јеховини сведоци да се јават кај скалите во источниот дел на партерот“.

Конечно, Сведоците почнаа да доаѓаат еден по еден со големи насмевки на лицата. Семјуел објаснува: „Очите им беа полни со солзи и бликаа од радост. Силно нѐ гушкаа и ни ги стискаа рацете. Се плашеа да нѐ пуштат за да не нѐ изгубат во мноштвото“. Во петокот и во саботата, беа пронајдени 24 Сведоци кои потоа беа префрлени во центарот за прифаќање на Сведоците.

Повеќето немаа никакви материјални работи освен нечистата облека што ја носеа на себе. Една од нив имаше само една мала кутија, со големина на кутија за чевли, во која чуваше некои важни документи — единственото нешто што успеала да го спаси од страшната бура.

Во Астродомот, многу луѓе сфатија дека старешините што ги бараа своите браќа се Јеховини сведоци и им пријдоа, барајќи Библии и библиска литература. Беа побарани повеќе од 220 Библии. Сведоците исто така им го нудеа на луѓето Разбудете се! од 22 јули 2005 година (срп.), во чии уводни статии беше разгледана многу соодветната тема „Дали претстојат сѐ поголеми природни катастрофи?“

Некои се враќаат дома

Меѓу оние што ја преживеаја бурата беше и долгогодишниот дописник и главен уредник на една телевизија во Њу Орлеанс. Поради својата професија, тој бил сведок на многу катастрофи во минатото. Сега се вратил во својот дом во областа Џеферсон (Луизијана), за да види што може да спаси од него. „Бев во шок“, вели тој. „Сѐ беше потполно уништено и изгледаше страшно. На телевизија можевме да видиме како водата го пробива насипот и се излева од каналите. Но, и силните ветрови исто така предизвикале огромна штета. Мојата зграда беше целосно уништена. Насекаде само мувла, распаѓање и смрдеа. Просто неверојатно е колку смрди. Одвратно е, едноставно одвратно. Но, барем ние сме сѐ уште живи.“

Алан, што беше спомнат во почетокот, на крајот се вратил дома во Метејри, населба во западен Њу Орлеанс. Бурата имаше предизвикано огромни штети. „Глетката беше многу болна, просто шокантна“, вели тој. „Како да беше фрлена атомска бомба врз градот. Едно е да слушаш за тоа на вести или да го гледаш на телевизија. Но, сосема поинакво е чувството да одиш или да се возиш низ своето соседство и да видиш со свои очи колку голема е штетата и колку целосно е уништувањето. Тешко е да се поверува дека такво нешто е можно.

На пример, миризбата — мириса на расипано месо, на смрт. Многу продавници беа потполно уништени или поплавени. На секое ќоше имаше полиција или војници. Личеше на воена зона.“

Акции за помош

Градот, државата и федералните власти спроведоа акции за помош. Во ова предводеше агенцијата ФЕМА (Сојузна агенција за елементарни непогоди). И други организации презедоа чекори да им дадат помош на илјадниците жртви. Со камиони беа донесени тони храна, облека и вода во подрачјата уништени од бурата. Наскоро ФЕМА почна да потпишува чекови и да дава друга неопходна финансиска помош за да им помогне на луѓето да ги преживеат првите неколку дена или седмици по бурата. Што правеа Јеховините сведоци во меѓувреме?

Ја проценуваат штетата и почнуваат поправките

Веднаш по бурата, Сведоците испратија во опустошените подрачја екипи за да ја проценат штетата и да утврдат колку домови на Сведоци и колку Сали на Царството се оштетени или уништени. Како можеа да се справат со таква огромна задача? Водечкото тело на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк, одобри да се формираат одбори за помош под надзор на Одборот на подружницата на Соединетите Држави. Како резултат на тоа, Регионалните одбори за изградба од многу делови на САД беа замолени да почнат со поправките и изградбата. * Што постигнаа?

До 17 февруари 2006 година, групата за помош од Лонг Бич (Мисисипи) извести дека во тоа подрачје, од 632-та дома на Сведоци што беа оштетени, 531 беа целосно реновирани, со што остана да бидат поправени уште 101 дом. Сведоците им помагаа и на своите соседи кои не се Јеховини сведоци. Покривите на 17 Сали на Царството беа тешко оштетени, и до средината на февруари беа ставени нови покриви на 16 од нив. А што постигна одборот во Батон Руж (Луизијана)?

Оваа група се грижи за подрачјето на Луизијана, во која ураганот Катрина предизвика најголема штета. Од 2.700-те домови на Сведоци на кои требаше да се направат поправки, до средината на февруари беше завршена работа на 1.119 од нив, што значи дека овој одбор за помош сѐ уште го чека огромна работа. И овде им беше помогнато на соседи и семејства кои имаа огромна потреба од помош. Беа тешко оштетени 50 Сали на Царството. До февруари беа поправени 25 од нив. Во Тексас, групата во Хјустон требаше да поправи 871 дом, кои беа оштетени од ураганот Рита во септември. До 20 февруари, 830 од нив беа завршени.

Поуки од Катрина

Илјадници луѓе што ѝ се најдоа на патот на Катрина научија отрезнувачка лекција за тоа колку е важно да им се обрне внимание на предупредувањата. Навистина, многу од нив сега се сложуваат со Џо, кој беше цитиран погоре: „Следниот пат кога ќе речат ‚Евакуација!‘, прв ќе бегам од таму!“

Јеховините сведоци продолжуваат да им даваат помош на жртвите во регионот на Мексиканскиот Залив (Галатите 6:10). Но, тие не даваат само хуманитарна помош. Напротив, главното дело на Јеховините сведоци — кое се извршува во 235 земји насекаде во светот — е да огласат едно предупредување што е многу поважно од предупредувањето за каква и да било претстојна бура. Во Библијата е проречено дека наскоро Бог ќе му стави крај на овој безбожен свет, и дека ќе ја исчисти нашата Земја и ќе ја обнови да биде како што тој имал намера да изгледа кога ја создал. Ако сакаш да дознаеш што вели Библијата за тоа време на суд, можеш слободно да стапиш во контакт со Јеховините сведоци во твоето место или да пишеш на соодветната адреса наведена на 5. страница од ова списание (Марко 13:10; 2. Тимотеј 3:1-5; Откровение 14:6, 7; 16:14-16).

[Фуснота]

^ Регионалните одбори за изградба се состојат од екипи на Јеховините сведоци — доброволци — кои имаат прилично искуство во градење и реновирање на Сали на Царството. Во Соединетите Држави има околу 100 вакви групи, а има уште многу други насекаде во светот.

[Слика на страници 14 и 15]

Сателитска снимка на окото на ураганот Катрина

[Извор на слика]

NOAA

[Слика на страница 15]

Поплавениот Њу Орлеанс

[Извор на слика]

AP Photo/David J. Phillip

[Слики на страница 15]

Ураганот Катрина уништи објекти и однесе многу животи

[Извор на слика]

AP Photo/Ben Sklar

[Слика на страници 16 и 17]

Во Астродомот во Хјустон (Тексас), беа прибрани околу 16.000 евакуирани лица

[Слики на страница 17]

Христијанските старешини ги бараа Сведоците меѓу евакуираните

[Слика на страница 18]

Сведоците беа многу благодарни што им беа поправени куќите

[Слика на страница 18]

Доброволци поправаат еден тешко оштетен покрив

[Слика на страница 18]

Доброволци обезбедија и храна

[Слика на страница 19]

Алан