Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Деца — жртви на тероризмот

Деца — жртви на тероризмот

Деца — жртви на тероризмот

Можеш да ги видиш по патиштата на северна Уганда — илјадници босоноги деца чекорат во квечерината. Излегуваат од своите селца пред да падне мрак и тргнуваат кон поголемите градови, како Гулу, Китгум и Лира. Штом ќе стигнат таму, се разделуваат и ги снемува по зградите, автобуските станици, парковите и дворовите. По изгрејсонце, пак можеш да ги видиш на пат кон дома. Зошто овие деца имаат ваква необична рутина?

НЕКОИ ги нарекуваат ноќни работници. Но, овие деца не работат трета смена. Излегуваат од дома во самракот бидејќи кога ноќта ќе се спушти над дивината, нивниот дом станува опасно место.

Речиси две децении, герилски групи влегуваат во селата и киднапираат деца. Секоја година тие крадат стотици момчиња и девојчиња и потоа исчезнуваат во густата џунгла. Децата обично се грабнувани ноќе, и за бунтовниците претставуваат непресушен извор на млади војници, амали или робови што ги користат за секс. Ако заробените деца не сакаат да соработуваат, нивните грабнувачи може да им го пресечат носот или усните. А оние што ќе бидат фатени во бегство се соочуваат со неописливо ужасна смрт.

И други млади се жртви на тероризмот. Осакатените тинејџери во Сиера Леоне биле дечиња кои штотуку проодувале кога со големи мачети сурово им биле отсечени рацете и стапалата. Во Авганистан, пак, некои деца си играат со мини во облик на пеперутки и ги губат прстите или очите кога тие шарени „играчки“ експлодираат.

Судбината на други млади жртви на тероризмот е малку поинаква. На пример, во терористичкиот напад во Оклахома Сити (САД) во 1995 година, меѓу 168-те пострадани беа и 19 деца — некои од нив уште во пелени. Како што силен ветар ги гасне треперливите свеќи, оваа бомба за миг ги згасна тие нежни животи. Овој терористички чин им го украде правото да бидат деца, да си играат, да се смеат и да се свијат во топлата прегратка на своите мајки и татковци.

Сите овие работи се случија неодамна но, како што ќе видиме, насилството предизвикано од терористи го измачува човештвото со векови.

[Рамка на страница 3]

ПЛАНИРААТ ШТО ДА ПРАВАТ АКО ГО ИЗГУБАТ ДЕТЕТО

„Утрово, кога го разбудив моето 11-годишно синче, тоа праша: ‚Дали терористичкиот напад денес веќе помина?‘“ Ова го пишува авторот Дејвид Гросман во врска со насилството што ја измачува неговата родна земја. Понатаму тој вели: „Син ми е уплашен“.

Во последниве години толку многу деца загинаа во терористички напади што некои родители планираат што ќе прават ако некое од децата им загине. „Никогаш нема да заборавам што ми кажа еден млад пар во врска со своите планови за иднината“, пишува Гросман. „Ќе се земат и ќе имаат три деца. Не две, туку три. Па така, ако едното од децата им загине, сепак ќе им останат уште две.“

Не кажале што ќе прават ако им загинат две деца — или, пак, сите три. *

[Фуснота]

^ Цитатите од овој дел се земени од книгата Смртта како начин на живот (Death as a Way of Life), од Дејвид Гросман.

[Извор на слика на страница 3]

© Sven Torfinn/ Panos Pictures