Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се контролирам кога трошам?

Како да се контролирам кога трошам?

Младите прашуваат...

Како да се контролирам кога трошам?

„Често се фаќам како размислувам да купам нешто што баш и не ми треба — а што не можам ни да си го дозволам — само затоа што е на попуст“ (Ана, * Бразил).

„Честопати пријателите ме викаат да правиме нешто што ќе чини доста скапо. Сакам да сум со нив и да ми биде убаво. Никој не сака да каже: ‚Извинете, но немам толку пари за да дојдам со вас‘“ (Џоен, Австралија).

ТИ СЕ ЧИНИ ЛИ дека никогаш не ти стигнуваат пари? Кога само би добивал малку поголем џепарлак, би можел да си ја купиш таа игричка што ја сакаш. Кога платата би ти била само малку поголема, би можела да си ги купиш тие чевли што „ти требаат“. Но, наместо да се нервираш затоа што немаш пари, зошто не научиш да се контролираш како ги трошиш парите што, сепак, ти минуваат низ прстите?

Ако си млада личност што сѐ уште живее со своите родители, би можел да чекаш да излезеш од дома, па потоа да научиш како да раководиш со парите. Но, тоа би било како да скокаш од авион без пред тоа да си научил како се користи падобран. Се разбира, додека забрзано паѓаш надолу, можеби некако ќе сфатиш како треба да го отвориш. Но, колку подобро би било да си ги научел основните работи за падобранот уште пред да скокнеш!

На сличен начин, најдобро би било да научиш како да раководиш со парите уште пред да се соочиш со суровите проблеми во животот. Цар Соломон напишал: „Парите се заштита“ (Проповедник 7:12NW). Но, тие ќе те заштитат само ако научиш како исправно да ги трошиш. На тој начин ќе си ја зголемиш самодовербата, а родителите уште повеќе ќе те ценат.

Научи го основното додека си уште дома

Дали некогаш си ги прашал родителите што сѐ е вклучено во одржувањето на едно домаќинство? На пример, дали знаеш колку плаќате секој месец за струја, греење и вода, и колку пари трошите за колата, за храна или да платите кирија? Можеби мислиш дека таквите детали се здодевни. Сепак, не заборавај дека и ти правиш дел од тој трошок. Освен тоа, ако излезеш од дома, и самиот ќе треба да плаќаш за тие работи. Затоа не е лошо да знаеш нешто за тоа. Замоли ги родителите да видиш некои од сметките и слушај ги внимателно додека ти објаснуваат како одвојуваат пари за нив.

„Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои, и разумниот ќе најде мудри совети“, вели една библиска пословица (Пословици 1:5ПСП). Ана, која беше спомната во почетокот, вели: „Татко ми ме научи како да ги распределувам парите, и ми нагласи колку е важно плански да се трошат семејните примања“. Освен тоа, мајка ѝ ја подучила и за други практични работи. „Таа ми покажа колку е важно да ги споредувам цените на производите пред да купам нешто“, вели Ана, и додава: „Мама можеше да прави чуда со малку пари“. Каква корист имала Ана од ова? „Сега сама водам сметка за своите пари“, вели таа. „Внимавам колку трошам и така се чувствувам растоварена и смирена бидејќи немам непотребни долгови.“

Биди свесен за опасностите

Мора да се признае, многу е полесно да се каже како да се контролираат навиките на трошење отколку ова да се примени во пракса, особено ако живееш дома и добиваш џепарлак или самиот заработуваш пари. Зошто? Затоа што најверојатно родителите ги плаќаат повеќето сметки. Затоа, можеби голем дел од твоите пари можеш да си го трошиш како што сакаш. А може навистина да биде забавно да се трошат пари. „Многу лесно трошам пари, и уживам во тоа“, признава Пареш, еден младич од Индија. Сара, која живее во Австралија, има слични чувства. „Многу ми е возбудливо да одам на шопинг“, вели таа.

Исто така, можеби и пријателите ти вршат притисок да трошиш над своите можности. Елена, која има 21 година, вели: „За моите врсници, шопингот е главен облик на забава. Кога излегувам со нив, важи едно непишано правило — мораш да трошиш ако сакаш да се забавуваш“.

Сосема е нормално да сакаш да бидеш прифатен од друштвото. Но, прашај се: ‚Дали трошам пари со нив затоа што можам да си дозволам или затоа што мислам дека морам да го правам тоа?‘ Многу луѓе трошат пари за да си го подигнат рејтингот кај пријателите или колегите. Ова може да ти донесе тешки финансиски проблеми, особено ако имаш кредитна картичка. Финансиската советничка Сузи Орман предупредува: „Ако чувствуваш потреба да ги импресионираш луѓето со она што го имаш наместо со тоа каков си ти како човек, голем е ризикот да заглавиш во долгови на кредитната картичка“.

Наместо да ја испразниш картичката до последна пара, или да си ја потрошиш целата плата на едно излегување, зошто не го направиш она што го советува Елена? Таа вели: „Кога излегувам со пријателите, однапред размислувам и одлучувам колку ќе потрошам. Платата веднаш ми оди на банковна сметка, и вадам од сметката само толку колку што ми треба за тоа излегување. Освен тоа, увидов дека е добро да одам на шопинг само со оние пријатели што внимаваат како ги трошат парите и што ме поттикнуваат да разгледам пред да го купам првото нешто што ќе го видам“ (Пословици 13:20).

Учи кога родителите ќе ти речат не

Дури и ако не добиваш џепарлак или плата, сепак можеш да научиш вредни лекции во врска со парите додека сѐ уште живееш со родителите. На пример, кога ќе им побараш пари или ќе ги замолиш да ти купат нешто, тие можеби ќе речат ‚не‘. Зошто? Една причина е што можеби немаат доволно пари за да ги задоволат твоите желби. Со тоа што ќе го одбијат твоето барање — иако можеби би сакале да го задоволат — твоите родители ти даваат убав пример за самосовладување. А самосовладувањето е неопходно ако сакаш успешно да раководиш со парите.

Да речеме дека родителите можат да си дозволат да ти го дадат она што им го бараш. Сепак, можеби и тогаш ќе ти речат ‚не‘. Можеби си мислиш дека се скржави и затоа ти прават така. Но, размисли: Можеби сакаат да те научат на една важна лекција — дека твојата среќа не зависи од тоа да имаш сѐ што ќе посакаш. Во врска со ова, Библијата вели: „Кој ги сака сребрениците, никогаш ги нема достатно; кој го сака богатството, никогаш не му се доста приходите“ (Проповедник 5:9).

Колку се вистинити овие зборови покажуваат искуствата на многу млади чии родители им купуваат сѐ што тие ќе посакаат. Наскоро младите сфаќаат дека никогаш не се вистински задоволни. Без оглед колку многу работи насобрале, тие секогаш имаат потреба да додадат уште само едно нешто на тој куп што веќе го имаат. Со текот на времето, младите кои очекуваат да им биде задоволено секое барање можат да пораснат во неблагодарни возрасни лица. „Ако некој го разгалува својот слуга од неговата младост, тој подоцна ќе стане неблагодарен“ (Пословици 29:21NW).

Парите се време

Во некои култури е позната изреката: „Времето е пари“. Со ова се истакнува дека луѓето мораат да трошат време за да заработат пари и дека трошењето на време е трошење на пари. Но, точно е и обратното — парите се време. Ако ги трошиш парите, всушност го трошиш времето што ти било потребно да ги заработиш. Научи како да се контролираш кога трошиш пари, и ќе научиш да си го контролираш времето. Во која смисла?

Размисли за она што го рекла Елена. „Кога се контролирам колку пари трошам, контролирам и колку време трошам за да ги заработам“, вели таа. „Кога имам практичен план за трошење и кога се држам за тој план, не мора да работам многу часови за да отплаќам големи долгови. Имам поголема контрола над моето време и над мојот живот“. Зарем не сакаш и ти да имаш таква контрола над својот живот?

[Фуснота]

^ Имињата се променети.

ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

◼ Дали ти е тешко да се контролираш кога трошиш? Зошто?

◼ Зошто не треба многу да ги сакаш парите? (1. Тимотеј 6:9, 10).

[Рамка/слика на страница 12]

ДАЛИ Е РЕШЕНИЕ ДА ИМАШ ПОВЕЌЕ ПАРИ?

Дали твоите проблеми со трошењето би се решиле кога едноставно би имал повеќе пари? „Сите мислиме дека поголемата плата би била решение за финансиските маки, но обично не е така“, вели финансиската советничка Сузи Орман.

Да земеме еден пример: Ако си возел и си изгубил контрола над автомобилот или имаш навика да возиш со затворени очи, дали ќе се чувствуваш посмирено доколку ставиш повеќе гориво во резервоарот? Дали има поголема веројатност да стигнеш без проблеми до твоето одредиште? Слично на ова, ако не научиш да се контролираш кога трошиш, нема да си ја подобриш ситуацијата макар и да заработуваш повеќе.

[Рамка/табела на страница 13]

ПРЕЗЕМИ КОНТРОЛА

Колку пари потроши минатиот месец? На што ги потроши? Не знаеш? Еве како можеш да преземеш контрола над парите што ги трошиш, пред трошењето да преземе контрола над тебе.

Води сметка. Барем во текот на еден месец, запишувај си колку пари си добил и кога си ги добил. Запиши што си купил и колку си платил за тоа. На крајот на месецот, пресметај колку пари вкупно си добил, и колку си потрошил.

Направи план. На чист лист хартија нацртај три колони. Во првата колона напиши ја сумата со која мислиш дека ќе располагаш тој месец. Во втората колона напиши на што мислиш да ги потрошиш парите (запиши ги по име работите што ги имаш наведено на белешката од претходниот месец). Како што одминува месецот, допишувај во третата колона колку пари точно си потрошил на секоја од планираните работи. Исто така, допиши и колку пари си дал за непланирани работи.

Направи ги потребните измени во планот. Ако за некои работи трошиш повеќе од она што си го испланирал и се задолжуваш, измени го планот. Врати го она што го должиш. Држи го трошењето под контрола.

[Табела]

Исечи овде и користи!

Месечен план

Примања Пари планирани Потрошени пари

за трошење

џепарлак храна

плата облека

друго телефон

излегување

прилози

заштеда

друго

 

 

Вкупно Вкупно Вкупно

ден. ден. ден.

[Слика]

Запомни, ако се расфрлаш со пари, го губиш времето што си го потрошил за да ги заработиш

[Слика на страница 11]

Зошто не побараш од родителите да ти покажат како да ги распределуваш парите?