Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

Поглед во светот

Шеесет отсто од децата во Бразил имаат расипани заби веќе во својата трета година. Една од причините за ова е што ноќе пијат благи пијалаци од шише со цуцла, а потоа не си ги мијат забите (FOLHA ONLINE, БРАЗИЛ).

Една четвртина од породувањата во Соединетите Држави сега се вршат со царски рез. Во Њујорк Сити, бројот е петпати поголем од оној во 1980 година. На тој начин полесно може да се направи распоред на пациентките, но ваквата непотребна интервенција сепак носи огромни ризици (THE NEW YORK TIMES, САД).

Во последниве 100 години, просечната температура во Мексико Сити порасна за скоро 4 Целзиусови степени, за разлика од светскиот пораст од 0.6 степени. Стручњаците велат дека за ова се виновни ископачувањето на шумите и урбанизацијата (EL UNIVERSAL, МЕКСИКО).

Повеќе од половина од двојките што стапуваат во брак веќе живеат заедно пред да се земат. За таквите двојки постои двапати поголема веројатност да се разведат од оние што се земаат без пред тоа да живееле заедно (PSYCHOLOGY TODAY, САД).

Работни навики што најмногу нервираат

„На врвот на списокот на работни навики што најмногу нѐ нервираат кај нашите колеги се тоа што гласно разговараат на телефон, го користат телефонскиот спикер и постојано се жалат дека имаат премногу работа“, се известува во Washington Post. Некои други навики што ги лутат колегите се „групирање меѓу вработените, доцнење на работа, зборување со себеси, разговарање со другите преку преградни ѕидови, лоши хигиенски навики и гласно џвакање“. Ваквите лоши навики влијаат и врз продуктивноста на вработениот. Сепак, повеќето од испитаниците вклучени во истражувањето признале дека никогаш не им кажале ништо на колегите што ги нервираат. „Има и зошто“, се вели во весникот. „Затоа што и самите ги прават истите работи.“

Повеќе луѓе ќе живеат во градови

„За две години, една половина од светското население ќе живее во градови“, вели CBC News. Според еден извештај на Обединетите нации, Соединетите Држави имаат највисок процент на луѓе што живеат во градовите — скоро 90 отсто. Пред само 55 години, Њујорк и Токио беа единствените два града кои имаа повеќе од 10 милиони жители. Денес тој број порасна на 20 градови со над 10 милиони жители, меѓу кои се и Џакарта, Мексико Сити, Мумбај и Сао Паоло. Кофи Анан, генералниот секретар на ОН, вели: „Ваквиот нагол пораст налага долгорочни економски и општествени промени во повеќе земји“.

Приговор на совеста

Националниот комитет за човекови права на република Кореја тврди дека приговорот на совеста во врска со воената служба е неотуѓиво право. Овој комитет препорачува ова право да се земе во обѕир на тој начин што ќе им се даде можност на оние што имаат приговор на совеста да служат во некој облик на цивилна служба. Во весникот The Korea Times се вели дека оваа препорака е „спротивна“ на една одлука што неодамна ја донесе уставниот суд, со која се поддржува тековниот воен закон кој не дава никакво ослободување за оние што имаат приговор на совеста. Врховниот суд изјави дека парламентот, а не судовите, треба да го признае ова право со закон. Годишно, од 500 до 700 млади луѓе кои се Јеховини сведоци лежат затвор во Република Кореја, затоа што одбиваат да одат војска. Низ годините, околу 10.000 Сведоци биле затворени од оваа причина.