Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Фотографија — од почетокот до денес

Фотографија — од почетокот до денес

Фотографија — од почетокот до денес

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШВЕДСКА

Според легендата, гостите на италијанскиот физичар џамбатиста дела порта (1535?-1615) Биле шокирани. на ѕидот пред нив се движеле слики на мали превртени луѓе. Гостите ги фатила паника и брзо истрчале од собата. Дела Порта бил изведен на суд под обвинение дека се занимава со магии!

ТОА му била наградата за обидот да ги забавува гостите претставувајќи им ја за првпат „камера обскура“ или „темна комора“ (буквално на латински: „темна соба“). Принципот на кој работи фотографскиот апарат е едноставен, но резултатите се неверојатни. Како работи тој?

Кога светлината ќе влезе во темна кутија или во темна просторија низ мало дупче, на спротивниот ѕид се проектира превртена слика на она што се наоѓа надвор. Она што го виделе гостите на Дела Порта биле само актери што изведувале претстава надвор од собата. Темната комора била претходник на современиот фотоапарат. Денес можеби и ти си еден од милионите луѓе што имаат ваков апарат, или барем користеле евтин фотоапарат за еднократна употреба, кој може да се најде на секој чекор.

Темната комора не била ништо ново во времето на Дела Порта. Аристотел (384-322 пр.н.е.) го увидел принципот на кој подоцна ќе работи фотографскиот апарат. Во десеттиот век, арапскиот изучувач Алхазен детално го опишал, а во 15-тиот век сликарот Леонардо да Винчи пишувал за тоа во своите белешки. Со пронаоѓањето на оптичката леќа во 16-тиот век, се зголемила прецизноста на фотоапаратот, а многу уметници ја користеле за точно да ја доловат перспективата и размерот. Но, и покрај многуте обиди, сѐ до 19 век не можеле да се направат трајни слики.

Првиот фотограф во светот

Францускиот физичар Жозеф Нисефор Ниепс веројатно почнал да бара начин да направи трајни фотографии уште во 1816 година. Но, вистински успех постигнал дури кога експериментирал со литографија и открил дека може да користи една супстанција осетлива на светлина, наречена јудејски битумен. Некаде кон средината на 1820-тите, тој ставил една калајна плоча обложена со битумен во темна комора свртена кон еден прозорец на неговиот имот и ја оставил изложена на светлина осум часа. Дури и најнеискусниот аматер фотограф денес не би се гордеел со матната слика на зграда, дрво и амбар што ја добил, но Ниепс имал причина да биде горд. Неговата слика веројатно е првата трајна фотографија што била направена!

За да го развие уште повеќе овој метод, во 1829 година, Ниепс почнал да соработува со еден енергичен бизнисмен по име Луј Дагер. Во годините по смртта на Ниепс во 1833, Дагер постигнал значаен напредок. Тој користел сребрен јодид за да ги обложи бакарните плочи. Овој материјал бил поосетлив на светлина од битуменот. Дагер случајно открил дека, кога ја премачкува плочата со пареа од жива откако била изложена на светлина, неразвиената слика станувала јасна. Така многу се намалило времето што било потребно за да се изложува плочата на светлина. Кога Дагер подоцна открил дека сликата не потемнува ако плочата се измие со солен раствор, фотографијата била спремна да го освои светот со брзината на светлината.

Претставена му е на светот

Кога изумот на Дагер, наречен дагеротипија, бил објавен во 1839 година, наишол на воодушевување. Изучувачот Хелмут Герншајм го пишува следново во својата книга Историја на фотографијата (The History of Photography): „Можеби ниеден друг изум не ја пленил фантазијата на јавноста до толкав степен и не го освоил светот со толку секавична брзина како дагеротипијата“. Еден очевидец на официјалното презентирање на овој изум напишал: „Еден час подоцна, сите оптики беа преплавени со луѓе, но не можеа да соберат доволно справи за да ги задоволат барањата на цела армија од идни дагеротиписти; по неколку дена, на сите плоштади во Париз можеа да се видат темни кутии на три ногалки поставени пред црквите и палатите. Сите физичари, хемичари и учени луѓе од престолнината полираа сребрени плочи, па дури и побогатите трговци едвај можеа да се лишат од задоволството да жртвуваат дел од своите пари во името на напредокот, трошејќи ги на јод и пареа од жива“. Парискиот печат брзо го нарече тоа лудило дагеротипоманија.

Извонредните својства на дагеротипијата го навеле британскиот научник Џон Хершел да напише: „Нема да претераме ако ја наречеме чудо“. Некои му припишале на овој изум дури и магична моќ.

Но, овој изум не го прифатиле сите со раширени раце. Во 1856 година, кралот на Неапол ја забранил фотографијата, веројатно затоа што се сметало дека е поврзана со „урокливо око“. Кога ја видел дагеротипијата, францускиот сликар Пол Деларош извикнал: „Од денес сликарството е мртво!“ Овој изум предизвикал голема вознемиреност меѓу сликарите бидејќи сметале дека тој претставува закана за нивната професија со која заработувале за живот. Еден коментатор ги изразил стравовите на некои луѓе кога рекол: „Уверливата сличност на фотографијата со реалноста што ја гледаме би можела да го поништи чувството за убавина кај човекот“. Освен тоа, фотографиите биле критикувани дури и за тоа што се убедливо реални, со што ги распрснале дотогашните илузии за убавината и младоста.

Дагер против Талбот

Вилијам Хенри Фокс Талбот, англиски физичар, верувал дека тој ја изумил фотографијата и затоа бил изненаден кога бил обелоденет изумот на Дагер. Талбот ставал листови хартија обложени со сребрен хлорид во темна комора. Добиениот негатив го обложувал со восок за да биде проѕирен, го ставал врз друга обложена хартија, а потоа го изложувал на сончева светлина, и така добивал слика.

Иако процесот на Талбот во почетокот не бил толку популарен и имал полош квалитет, сепак ветувал повеќе. Овозможил да се направат повеќе фотографии од еден единствен негатив, а фотографиите од хартија биле поевтини и полесно се ракувало со нив за разлика од кршливите дагеротипии. Современата фотографија сѐ уште се заснова на процесот на Талбот, додека дагеротипијата, и покрај популарноста што ја имала во почетокот, на крајот излегла од употреба.

Меѓутоа, Ниепс, Дагер и Талбот не биле единствените соперници за титулата „татко“ на фотографијата. По објавувањето на изумот на Дагер во 1839 година, најмалку 24 луѓе — од Норвешка на север до Бразил на југ — тврделе дека ја измислиле фотографијата.

Фотографијата предизвикува драстични промени

Еден општествен реформатор, Јаков Август Рис, веднаш сфатил дека фотографијата ќе даде одлична можност вниманието на јавноста да се сврти кон сиромаштијата и страдањето. Во 1880 година почнал навечер да прави фотографии во гетата на Њујорк Сити користејќи како блиц запален магнезиумов прав во тава — метод што бил доста ризичен. Двапати ја запалил куќата во која работел, а еднаш се запалила и неговата облека. Се смета дека неговите фотографии се една од причините што претседателот Теодор Рузвелт покренал многу општествени реформи кога станал претседател на САД. А убедливата моќ на низата живописни фотографии од Вилијам Хенри Џексон го навела Конгресот на САД во 1872 година да го прогласи Јелоустон за прв национален парк во светот.

Достапна за секого

Кон крајот на 1880-тите, многу потенцијални фотографи сѐ уште не можеле да се занимаваат со оваа дејност бидејќи било многу скапо и сложено да се прават фотографии. Но, кога во 1888 година Џорџ Истман го изумил кодакот, пренослив фотоапарат кој лесно можел да се користи и содржел филм што се вади и става, бил отворен патот секој да може да стане фотограф.

Откако ќе се исликал филмот, муштеријата го испраќал целиот фотоапарат во фабриката. Таму му го развивале филмот, повторно му ставале филм во апаратот и му го враќале, заедно со развиените фотографии — сето ова за прилично ниска цена. Паролата „Ти само стисни го копчето, а ние ќе го направиме останатото“ навистина не била претерување.

И така, конечно секој можел да слика со апарат. Тоа што денес годишно се прават милијарди фотографии покажува дека популарноста на сликањето никогаш не спласнала. Сега популарноста му ја зголемуваат и дигиталните фотоапарати што даваат слика во мегапиксели. За нив е потребна мала мемориска картичка која може да содржи стотици фотографии. Висококвалитетни фотографии можат да се направат дури и со помош на домашен компјутер и печатач. Едно е сигурно — фотографијата отишла многу напред.

[Слика на страница 20]

Панорамска дагеротипија на Париз (околу 1845 година)

[Слика на страница 20]

Репродукција на веројатно првата фотографија, околу 1826 година

[Слика на страница 20]

Цртеж на темна комора, која ја користеле многу уметници

[Слика на страница 21]

Ниепс

[Слики на страница 23]

Дагеротипија од 1844 година на Луј Дагер, и неговиот фотоапарат

[Слики на страница 23]

Студиото на Вилијам Талбот и неговите фотоапарати (околу 1845 година)

[Слики на страница 23]

Фотографија на Џорџ Истман кој држи фотоапарат Кодак бр. 2, и неговиот фотоапарат бр. 1 со цилиндер на кој се намотува филмот (1890 година)

[Слика на страница 23]

Слика на дел од денешниот национален парк Јелоустон, од В. Х. Џексон (1871 година)

[Слика на страница 23]

Со современите дигитални камери се прават фотографии со мегапиксели

[Извори на слики на страница 20]

Панорама на Париз: фотографија на Bernard Hoffman/Time Life Pictures/Getty Images; фотографија од Ниепс: фотографија на Joseph Niepce/Getty Images; темна комора: Culver Pictures

[Извори на слики на страница 22]

Страница 23: Студиото на Талбот: фотографија на William Henry Fox Talbot & Nicholaas Henneman/Getty Images; фотоапаратот на Талбот: фотографија на Spencer Arnold/Getty Images; Кодак фотографија, Кодак фотоапарат и Дагер фотоапарат: Со љубезна дозвола на George Eastman House; Јелоустон: Library of Congress, Prints & Photographs Division, LC-USZ62-52482