Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали науката противречи на извештајот од 1. Мојсеева?

Дали науката противречи на извештајот од 1. Мојсеева?

Гледиште на Библијата

Дали науката противречи на извештајот од 1. Мојсеева?

МНОГУ луѓе тврдат дека науката го побива она што е запишано во библискиот извештај за создавањето. Но, вистинско несогласие постои помеѓу науката и верувањата на таканаречените христијански фундаменталисти, а не Библијата. Некои од тие групи погрешно тврдат дека, според Библијата, сето материјално творештво било создадено пред околу 10.000 години за шест дена од по 24 часа.

Меѓутоа, Библијата не поткрепува еден таков заклучок. Да беше така, многу научни откритија во изминативе стотина години ќе ја побиеја Библијата. Внимателното проучување на она што го пишува во Библијата не открива никаква несогласност со утврдените научни факти. Од истата причина, Јеховините сведоци не се согласуваат со „христијанските“ фундаменталисти и со многу креационисти. Еве што навистина учи Библијата.

Кога бил „почетокот“?

Извештајот од 1. Мојсеева започнува со едноставната, силна изјава: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Библиските изучувачи се согласуваат дека во овој стих се опишува дејство што не се случило додека траеле деновите на создавање, за кои се раскажува од 3. стих натаму. Ова има едно многу длабоко значење. Според уводните зборови од Библијата, вселената, вклучувајќи ја и нашата планета Земја, постоела не се знае колку долго време пред да започнат деновите на создавање.

Геолозите проценуваат дека Земјата е стара приближно 4 милијарди години, а астрономите пресметуваат дека вселената е стара можеби 15 милијарди години. Дали овие откритија — или нивни евентуални доразјаснувања во иднина — се во спротивност со 1. Мојсеева 1:1? Не. Во Библијата не е конкретно кажано колку време постојат „небото и земјата“. Науката не го побива она што стои во библискиот текст.

Колку долго траеле деновите на создавање?

Колку долго траеле деновите на создавање? Дали секој од нив траел дословни 24 часа? Некои тврдат дека, бидејќи Мојсеј — кој ја напишал 1. Мојсеева — го спомнал денот што следел по шесте дена на создавање како пример за седмичната сабота, секој од деновите на создавање мора да траел дословни 24 часа (2. Мојсеева 20:11). Дали она што е кажано во 1. Мојсеева го поткрепува овој заклучок?

Не. Хебрејскиот збор што е преведен со „ден“ може да значи различно времетраење, а не само период од 24 часа. На пример, кога дава преглед на Божјите дела на создавање, Мојсеј се осврнува на сите шест дена на создавање како на еден ден (1. Мојсеева 2:4). Освен тоа, при првиот ден на создавање, ‚Бог светлината ја нарекол „ден“, а темнината ја нарекол „ноќ“‘ (1. Мојсеева 1:5). Овде, само еден дел од периодот од 24 часа е дефиниран со зборот „ден“. Секако, Библијата не дава никаква основа произволно да речеме дека секој ден на создавање бил долг по 24 часа.

Тогаш, колку долги биле деновите на создавање? Она што е кажано во 1. и 2. поглавје од 1. Мојсеева покажува дека се работи за прилично долг временски период.

Творештвата се појавуваат постепено

Мојсеј го напишал својот извештај на хебрејски јазик, и го напишал од гледна точка на некој што стои на површината на Земјата. Овие два податока, како и фактот што вселената постоела пред да започнат деновите на создавање, помагаат да се растера голем дел од полемиките во врска со извештајот за создавање. Како тоа?

Едно внимателно разгледување на извештајот од 1. Мојсеева ни открива дека настаните што започнале во текот на еден „ден“ продолжиле и во еден или повеќе од следните денови. На пример, пред да започне првиот „ден“ на создавање, светлината од Сонцето, кое веќе постоело, не можела да допре до површината на Земјата, веројатно поради густите облаци (Јов 38:9). Во текот на првиот „ден“, оваа пречка почнала да се расчистува, и тогаш дифузната светлина почнала да навлегува низ атмосферата. *

На вториот „ден“, изгледа дека атмосферата продолжила да се расчистува, создавајќи простор помеѓу густите облаци што биле одозгора и океанот одоздола. На четвртиот „ден“, атмосферата постепено се расчистила до тој степен што „на небесниот свод“ се појавиле Сонцето и Месечината (1. Мојсеева 1:14-16). Со други зборови, од гледна точка на некој што е на Земјата, Сонцето и Месечината почнале да се гледаат. Сето тоа се одвивало постепено.

Извештајот од 1. Мојсеева исто така ни кажува дека, како што атмосферата продолжила да се расчистува, на петтиот „ден“ почнале да се појавуваат суштества што летаат — вклучувајќи ги и инсектите и крилестите суштества. Меѓутоа, Библијата покажува дека во текот на шестиот „ден“, Бог сѐ уште ‚ги создавал од земја сите полски диви животни и сите небесни суштества што летаат‘ (1. Мојсеева 2:19).

Јасно, од она што е кажано во Библијата постои веројатност дека некои од поголемите настани во текот на секој „ден“, односно период на создавање, се одвивале постепено, а не одеднаш, и можеби некои од нив продолжиле да се одвиваат и во следните ‚денови‘ на создавање.

По нивните видови

Дали ваквото постепено појавување на растенијата и животните значи дека Бог се послужил со еволуција за да ги создаде различните видови живи суштества? Не. Извештајот јасно покажува дека Бог ги создал сите основни „видови“ на растителен и животински свет (1. Мојсеева 1:11, 12, 20-25). Дали овие првобитни ‚видови‘ растенија и животни биле програмирани да се приспособат на променливите услови во околината? Што ги одредува границите на некој „вид“? Библијата не ни го кажува тоа. Меѓутоа, таа кажува дека живите суштества ‚се намножиле според својот вид‘ (1. Мојсеева 1:21). Од ова се гледа дека има граници во разновидноста во рамките на еден „вид“. И фосилите и денешните истражувања ја поткрепуваат идејата дека основните категории растенија и животни не се промениле многу во текот на долги временски периоди.

Спротивно на она што го тврдат некои фундаменталисти, 1. Мојсеева не кажува дека вселената, вклучувајќи ја и Земјата и сите живи суштества на неа, била создадена за кратко време во релативно блиско минато. Наместо тоа, описот во 1. Мојсеева во врска со создавањето на вселената и појавата на живот на Земјата е во склад со многу неодамнешни научни откритија.

Поради нивните филозофски верувања, многу научници го отфрлаат она што го вели Библијата — дека Бог создал сѐ. Меѓутоа, интересно е тоа што, во древната библиска книга 1. Мојсеева, Мојсеј напишал дека вселената имала почеток и дека животот се појавувал во етапи, постепено, во последователни временски периоди. Како можел Мојсеј да знае такви научно точни податоци пред околу 3.500 години? За тоа има само едно логично објаснување. Оној што има моќ и мудрост да ги создаде небото и Земјата сигурно можел да му ги даде на Мојсеј тие точни податоци. Ова уште повеќе го поткрепува тврдењето на Библијата дека е ‚вдахновена од Бог‘ (2. Тимотеј 3:16).

[Фуснота]

^ пас. 14 Во описот на она што се случило првиот „ден“, хебрејскиот збор што се користи за светлина е ’ор, светлина воопшто; но во врска со четвртиот „ден“, зборот што се користи е ма’ор, и се однесува на извор на светлина.

ДАЛИ СИ СЕ ЗАПРАШАЛ?

◼ Пред колку време Бог ја создал вселената? (1. Мојсеева 1:1).

◼ Дали Земјата била создадена за шест дена од по 24 часа? (1. Мојсеева 2:4).

◼ Како било можно она што го напишал Мојсеј во врска со создавањето на Земјата да биде научно точно? (2. Тимотеј 3:16).

[Истакната мисла на страница 19]

1. Мојсеева не вели дека вселената била создадена за кратко време во релативно блиско минато

[Истакната мисла на страница 20]

„Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1).

[Извор на слика на страница 18]

Вселена: IAC/RGO/David Malin Images

[Извор на слика на страница 20]

Фотографија на NASA