Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто веруваме во Творец

Зошто веруваме во Творец

Зошто веруваме во Творец

Многу стручњаци од разни научни полиња можат да видат од природата дека постои интелигентен Творец. Ним не им е логично да веруваат дека сложената комплексност на животот на Земјата е чиста случајност. Затоа, повеќе научници и истражувачи веруваат во постоењето на Творец.

Некои од нив станале Јеховини сведоци. Тие се уверени дека Богот за кого пишува во Библијата е Создателот и Конструкторот на материјалниот универзум. Зошто дошле до таков заклучок? Разбудете се! интервјуираше неколкумина од нив. Можеби ќе те интересираат нивните одговори. *

„Незамислива комплексност на животот“

КРАТКА БИОГРАФИЈА НА ВОЛФ-ЕКЕХАРД ЛОНИГ

Во последниве 28 години се занимавам со научна работа на полето на генетските мутации кај растенијата. Од тие 28 години, 21 работам во Институтот за истражување на одгледување растенија Макс Планк, во Келн (Германија). Исто така, речиси три децении служам како старешина во едно христијанско собрание на Јеховините сведоци.

Бидејќи вршам емпириски истражувања во генетиката и изучувам биолошки теми како што се физиологија и морфологија, доаѓам во контакт со огромната и честопати незамислива комплексност на животот. Изучувајќи ги овие теми, уште повеќе се уверив дека животот, дури и во најосновните облици, мора да го создал некој интелигентен творец.

Научната заедница е сосем свесна за тоа колкава комплексност постои во живите творби. Но, овие фасцинантни факти обично се изнесуваат во контекст што ја поддржува еволуцијата. Меѓутоа, според моето мислење, доказите што се изнесуваат против она што го вели библискиот запис за создавањето, пропаѓаат кога ќе се подложат на научно испитување. Јас веќе со децении испитувам такви докази. По долго и внимателно изучување на живите суштества и откако увидов колку совршено се ускладени законите што владеат во универзумот за да може да има живот на Земјата, морам да верувам во постоењето на Творец.

„За сѐ што гледам околу себе има причина“

КРАТКА БИОГРАФИЈА НА БАЈРОН ЛЕОН МЕДОУЗ:

Живеам во Соединетите Држави и работам за НАСА, во одделот за ласерска физика. Моментално сум вклучен во проектот за усовршување на технологијата со која ќе се подобри способноста за набљудување на глобалната клима, временските фактори и други појави што се случуваат на нашата планета. Служам како старешина во едно од собранијата на Јеховините сведоци во областа Килмарнок (Вирџинија).

При моите истражувања, често ги користам принципите на физиката. Се трудам да сфатам како и зошто се случуваат некои работи. Во мојата струка наоѓам јасни докази дека за сѐ што гледам околу себе има причина. Сметам дека и од научна гледна точка е разумно да прифатиме дека Бог е првобитниот причинител на сѐ во природата. Законите во природата се премногу стабилни за да не верувам дека ги воспоставил некој Организатор, Творец.

Ако овој заклучок е толку очигледен, тогаш зошто толку многу научници веруваат во еволуција? Дали можеби еволуционистите ги засноваат своите докази на однапред донесени претпоставки? Тоа не е нешто необично за научниците. Но набљудувањата, колку и да се убедливи, не гарантираат точен заклучок. На пример, еден истражувач на полето на ласерската физика може да тврди дека светлината е бран, сличен на звучниот бран, зашто таа честопати и се однесува како бран. Но, неговиот заклучок не е целосен зашто доказите уште потврдуваат дека светлината се однесува и како група честички, познати како фотони. Слично на ова, оние што тврдат дека еволуцијата е факт, ги засноваат своите заклучоци само на дел од доказите, и дозволуваат нивните претпоставки да влијаат врз тоа како ќе гледаат на доказите.

Ме чуди тоа што сите ја прифаќаат теоријата за еволуција како факт, кога самите „стручњаци“ за еволуција водат полемики за тоа како наводно се случила еволуцијата. На пример, ќе ја прифатиш ли аритметиката како докажан факт ако некои стручњаци велат дека 2 плус 2 е 4, додека други велат дека збирот е 3 или можеби 6? Ако улогата на науката е да го прифати само она што може да се докаже, испита и повтори, тогаш теоријата дека целиот живот еволуирал од заеднички предок не е научен факт.

„Не може да се добие нешто од ништо“

КРАТКА БИОГРАФИЈА НА КЕНЕТ ЛОЈД ТАНАКА:

Јас сум геолог и моментално работам во американскиот Државен завод за геолошки истражувања во Флагстаф (Аризона). Речиси три децении учествувам во научни истражувања на различни полиња на геологијата, вклучувајќи ја и геологијата на планетите. Многу статии со мои истражувања и геолошки карти на Марс се објавени во признати научни списанија. Како Јеховин сведок, поминувам околу 70 часа секој месец поттикнувајќи ги луѓето да ја читаат Библијата.

Бев поучуван да верувам во еволуцијата, но не можев да прифатам дека огромната енергија што била потребна за да се создаде универзумот можела да се создаде без моќен Творец. Не може да се добие нешто од ништо. Цврст доказ за постоењето на Творец наоѓам и во самата Библија. Оваа книга дава безброј примери за научни факти токму од мојата струка. Некои од тие факти се дека Земјата има облик на сфера и дека е обесена „на ништо“ (Јов 26:7; Исаија 40:22). Овие факти биле запишани во Библијата долго пред да бидат докажани со испитувањата на луѓето.

Да размислиме само за тоа како сме создадени. Обдарени сме со сетилна перцепција, со самосвесност, со способност за интелигентно размислување и за комуникација и со чувства. Особено имаме дарба да почувствуваме љубов, да бидеме благодарни за неа и да покажеме љубов. Еволуцијата не може да објасни како се родиле овие прекрасни особини во човекот.

Запрашај се: ‚Колку веродостојни и сигурни се изворите на информации кои се користат како поткрепа за еволуцијата?‘ Геолошкиот запис е некомплетен, сложен и збунува. Еволуционистите не успеаја убедливо да ги докажат еволутивните процеси користејќи научни методи во лабораторија. И иако научниците обично користат добри техники за истражување со цел да соберат податоци, честопати, кога ги толкуваат своите откритија, врз нив влијаат себичните мотиви. Научниците се познати по тоа што, кога податоците не се уверливи или кога се противречни, ги застапуваат своите сопствени мислења. При тоа важна улога играат нивната кариера и нивното чувство на самопочит.

И како научник и како изучувач на Библијата, ја барам целата вистина, што ги опфаќа сите познати факти и искуства за да дојдам до најточното разбирање. За мене, најголема смисла има верувањето во Творец.

„Клетката дава очигледен доказ за создавање“

КРАТКА БИОГРАФИЈА НА ПОЛА КИНЧЕЛО:

Веќе неколку години работам како истражувач на полето на клеточната и молекуларната биологија и микробиологија. Моментално работам на Универзитетот Емори во Атланта (Џорџија, САД). Исто така работам како волонтер и ги поучувам за Библијата луѓето од руската заедница.

Како дел од моето образование по биологија, четири години посветив на изучување на клетката и нејзините составни делови. Колку повеќе учев за ДНК, РНК, протеините и текот на метаболизмот, толку повосхитена бев од сложеноста, организираноста и прецизноста со кои сето тоа се одвива. И, иако бев воодушевена од огромното знаење што го стекнал човекот за клетката, уште повеќе ме восхитуваше помислата уште колку многу има да се учи. Една причина зошто верувам во Бог е тоа што клетката дава очигледен доказ за создавање.

Проучувајќи ја Библијата, дознав кој е Творецот — Јехова Бог. Уверена сум дека тој не само што е интелигентен Творец, туку е и нежен и милостив Татко, кој се грижи за мене. Библијата објаснува која е смислата на животот и ни дава надеж за среќна иднина.

Учениците, кои на училиште учат за еволуцијата, можеби не се сигурни во што да веруваат. Тоа навистина може да ги збуни. Ако веруваат во Бог, верата ќе им биде ставена на испит. Но, можат успешно да го поминат тој испит ако ги истражат многуте зачудувачки работи во природата што нѐ опкружува и ако продолжат да учат за Творецот и за неговите особини. Јас, лично, го правам тоа, и сум дошла до заклучок дека библискиот запис за создавање е точен и дека не ѝ противречи на науката.

„Прекрасната едноставност на законите“

КРАТКА БИОГРАФИЈА НА ЕНРИКЕ ХЕРНАНДЕЗ ЛЕМУС:

Јас сум полновремен проповедник кај Јеховините сведоци. Исто така сум и теоретски физичар и работам на Државниот универзитет на Мексико. Моментално работам на изнаоѓање можно термодинамичко објаснување на појавата што е позната како гравотермална катастрофа, што е, всушност, механизам за растење на ѕвездите. Исто така се имам занимавано и со сложеноста на ДНК комбинациите.

дноставно, животот е премногу комплициран за да може да настане случајно. На пример, да го разгледаме огромното количество информации што ги содржи молекулот на ДНК. Математичката веројатност само еден хромозом да настане случајно е помала од 1 спрема 9 билиони, нешто што е толку неверојатно што може да се смета за невозможно. Мислам дека е неразумно да се верува дека неинтелигентни сили можеле да создадат, не само еден хромозом, туку целата таа комплексност што постои во живите суштества.

Освен тоа, кога го изучувам крајно сложеното функционирање на материјата, од микроскопско ниво па сѐ до движењето на огромните ѕвездени маглини во вселената, ме восхитува прекрасната едноставност на законите што го контролираат нивното движење. За мене, овие закони се многу повеќе отколку дело на еден Врвен Математичар — тие се како потпис на еден Врвен Уметник.

Луѓето честопати се изненадени кога ќе им кажам дека сум Јеховин сведок. Понекогаш ме прашуваат како може да верувам во Бог. Нивната реакција е логична, зашто повеќето религии не ги поттикнуваат своите верници да бараат доказ за она за што се поучени или да истражуваат во врска со своите верувања. Меѓутоа, Библијата нѐ поттикнува да ја користиме својата „способност за расудување“ (Изреки 3:21). Сите докази што ги наоѓаме во природата и кои укажуваат на создавање, заедно со доказите од Библијата, ме уверуваат дека Бог не само што постои, туку е и заинтересиран за нашите молитви.

[Фуснота]

^ пас. 3 Гледиштата што ги изнесуваат овие стручњаци не мора да значи дека се исти и со гледиштата на нивните работодавци.

[Извор на слика на страница 22]

Марс во позадина: со љубезна дозвола на USGS Astrogeology Research Program, http://astrogeology.usgs.gov