Интервју со еден биохемичар
Интервју со еден биохемичар
ВО 1996 година, Мајкл Џ. Бехе, сега професор по биохемија на Универзитетот Лихај во Пенсилванија (САД), ја издаде својата книга Црната кутија на Дарвин — биохемиски предизвик за еволуцијата (Darwin’s Black Box—The Biochemical Challenge to Evolution). Во Разбудете се! од 8 август 1997 година, имаше серија статии под наслов „Како сме дошле овде? Случајно или намерно?“, кои се осврнаа на книгата на Бехе. Во текот на оваа една деценија откако беше објавена Црната кутија на Дарвин, еволуционистите мака мачат да ги побијат аргументите на Бехе. Критичарите го обвинуваат за тоа што дозволил неговите верски убедувања — тој е римокатолик — да му го засенат научното просудување. Други, пак, тврдат дека неговите аргументи не се научни. Разбудете се! го интервјуираше професорот Бехе за да дознае зошто неговите идеи предизвикаа толку полемики.
РАЗБУДЕТЕ СЕ!: ЗОШТО СМЕТАТЕ ДЕКА ЖИВОТОТ ДАВА ДОКАЗИ ДЕКА БИЛ СОЗДАДЕН ОД ИНТЕЛИГЕНТЕН ТВОРЕЦ?
ПРОФЕСОР БЕХЕ: Секогаш кога ќе видиме како различни делови се организирани да извршуваат сложени функции, заклучуваме дека биле создадени. Да ги земеме за пример машините што ги користиме секој ден — косилка, автомобил, или дури и поедноставните работи. Еден пример што јас сакам да го користам е стапицата за глувци. Ќе заклучите дека некој ја направил затоа што гледате како нејзините различни делови се подредени така, што извршуваат функција со која ќе се фати глушецот.
Денес науката е доволно напредната за да го открие најосновното ниво на живот. И, на наше големо изненадување, на молекуларно ниво, научниците открија сложена машинерија што одлично функционира. На пример, во живите клетки има мали молекуларни „камиони“ што ги пренесуваат материите од едната страна на клетката до другата. Има и ситни молекуларни „патокази“ што им кажуваат на овие „камиони“ дали да свртат лево или десно. Некои клетки имаат и молекуларни „надворешни мотори“ што ги движат клетките низ течност. Во други околности, кога ќе видат толку сложени работи да функционираат совршено, луѓето би заклучиле дека некој ги создал тие работи. Што и да тврди Дарвиновата теорија на еволуцијата, немаме друго објаснување за ваквата сложеност. Бидејќи сите сме увиделе дека таму каде што постои ваква организираност, мора да постои и некој што ја осмислил, оправдано е мислењето дека и овие молекуларни системи ги создал некој интелигентен творец.
РАЗБУДЕТЕ СЕ!: СПОРЕД ВАС, ЗОШТО ПОВЕЌЕТО ВАШИ КОЛЕГИ НЕ СЕ СОГЛАСУВААТ СО ВАШИОТ ЗАКЛУЧОК ВО ВРСКА СО ПОСТОЕЊЕТО НА ИНТЕЛИГЕНТЕН ТВОРЕЦ?
ПРОФЕСОР БЕХЕ: Многу научници не се согласуваат со моите заклучоци затоа што сфаќаат дека идејата за интелигентен творец укажува на нешто што е над
науката — нешто што излегува од границите на физичкиот свет. На мнозина не им е пријатно поради овој заклучок. Меѓутоа, јас секогаш бев поучуван дека науката треба да ги следи доказите, сеедно каде водат тие. За мене е кукавичлук да отстапиш од нешто што е толку цврсто поткрепено со докази само затоа што мислиш дека заклучокот повлекува несакани филозофски импликации.РАЗБУДЕТЕ СЕ!: КАКО ИМ ОДГОВАРАТЕ НА КРИТИЧАРИТЕ КОИ ТВРДАТ ДЕКА, ДА СЕ ПРИФАТИ ИДЕЈАТА ЗА ИНТЕЛИГЕНТЕН ТВОРЕЦ Е ДОКАЗ ЗА НЕЗНАЕЊЕ?
ПРОФЕСОР БЕХЕ: Заклучокот дека сѐ во природата е создадено не е резултат на незнаење. Тој не е резултат на она што не го знаеме; тој е резултат на она што го знаеме. Кога, пред 150 години, Дарвин ја објави својата книга Потекло на видовите, животот изгледаше едноставен. Научниците мислеа дека клетката е толку едноставна што може едноставно спонтано да избие од морската кал. Но, оттогаш науката откри дека клетките се страшно сложени, многу посложени од машините во нашиот свет во овој 21 век. Таа сложеност, која совршено функционира, укажува дека сѐ било создадено со цел.
РАЗБУДЕТЕ СЕ!: ДАЛИ НАУКАТА ИМА НАЈДЕНО НЕКАКОВ ДОКАЗ СО КОЈ СЕ ПОТВРДУВА ДЕКА ЕВОЛУЦИЈАТА, ПРЕКУ ПРИРОДНА СЕЛЕКЦИЈА, МОЖЕЛА ДА ГИ СОЗДАДЕ СЛОЖЕНИТЕ МОЛЕКУЛАРНИ МАШИНИ ЗА КОИ ЗБОРУВАТЕ?
ПРОФЕСОР БЕХЕ: Ако проверите во научните книги, ќе видите дека никој не направил сериозен обид — експериментален обид или детален научен модел — кој објаснува како настанале тие молекуларни машини со помош на процесите што ги спомнува Дарвин. Ова се случува и покрај фактот што во овие десет години откако е објавена мојата книга, многу научни организации, како што се Државната академија на науките и американското Здружение за унапредување на науката, упатија итни молби до своите членови да направат сѐ што можат за да ја побијат идејата дека живиот свет околу нас дава докази дека е создаден од интелигентен творец.
РАЗБУДЕТЕ СЕ!: ШТО ИМ ОДГОВАРАТЕ НА ОНИЕ ШТО УКАЖУВААТ НА КАРАКТЕРИСТИКИ НА РАСТЕНИЈАТА ИЛИ ЖИВОТНИТЕ ЗА КОИ ТВРДАТ ДЕКА НЕ СЕ ДОБРО СОЗДАДЕНИ?
ПРОФЕСОР БЕХЕ: Само поради тоа што не знаеме зошто некој организам има одредена карактеристика, не значи дека таа карактеристика нема важна улога. На пример, едно време се мислеше дека таканаречените спечени органи се доказ дека човечкото тело и другите организми се лошо создадени. На пример, едно време се сметаше дека слепото црево и крајниците се спечени органи и обично се вадеа со оперативен зафат. Но, потоа се откри дека овие органи играат важна улога во имунолошкиот систем и веќе не се сметаат за спечени органи.
Друг фактор што не треба да се изостави е дека во биологијата, извесни работи навистина се случуваат случајно. Но, само затоа што мојата кола има вдлабнатина или ми е дупната гумата не значи дека колата или гумата не биле создадени. Слично на тоа, фактот што во биологијата некои работи се случуваат случајно, не значи дека високоразвиената, сложена молекуларна машинерија на живиот свет настанала случајно. Тоа едноставно нема логика.
[Истакната мисла на страница 12]
„За мене е кукавичлук да отстапиш од нешто што е толку цврсто поткрепено со докази само затоа што мислиш дека заклучокот повлекува несакани филозофски импликации“