Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да го одбранам моето верување во создавањето?

Како да го одбранам моето верување во создавањето?

Младите прашуваат...

Како да го одбранам моето верување во создавањето?

„Кога во класот се зборуваше за еволуцијата, сѐ беше спротивно од она што го знаев дотогаш. Таа беше прикажана како докажан факт, и тоа малку ме заплаши“ (Рајан, 18).

„Кога имав 12-тина години, мојата наставничка беше закоравен еволуционист. Дури и го имаше залепено знакот на Дарвин на својот автомобил! Затоа се колебав отворено да кажам дека верувам во создавањето“ (Тајлер, 19).

„Се уплашив кога наставничката по општествени науки рече дека следниот час ќе учиме за еволуцијата. Знаев дека ќе треба да објаснам што мислам јас по тоа спорно прашање“(Рејкел, 14).

МОЖЕБИ и тебе, како на Рајан, Тајлер и Рејкел, ти е незгодно кога во одделението ќе се поведе разговор за еволуцијата. Ти веруваш дека Бог ‚создал сѐ‘ (Откровение 4:11). Насекаде околу себе гледаш докази дека некоја интелигентна личност осмислила сѐ. Но, учебниците велат дека сме настанале по пат на еволуција, а истото го вели и твојот наставник. Тогаш, кој си ти да се расправаш со „стручњаците“? И како ќе реагираат другите во класот ако почнеш да зборуваш за... Бог?

Ако те загрижуваат ваквите прашања, не се вознемирувај! Не веруваш во создавањето само ти. Факт е дека дури и некои научници не ја прифаќаат теоријата за еволуција. Истото е случај и со многу наставници. Во Соединетите Држави, 4 од секои 5 ученици веруваат во Творец — и покрај она што го велат учебниците!

Сепак, можеби ќе прашаш: ‚Што да кажам ако треба да го одбранам моето верување во создавањето?‘ Биди уверен дека, дури и ако си плашлив, ти можеш да го изнесеш своето гледиште. Меѓутоа, ќе треба малку да се подготвиш за ова.

Преиспитај се во што веруваш!

Ако твоите родители се христијани, можеби веруваш во создавањето само затоа што тие те учеле така. Но сега, како што растеш, сакаш да го обожаваш Бог „користејќи го својот разум“, поставувајќи цврст темел за своите верувања (Римјаните 12:1). Павле ги охрабрил христијаните од првиот век ‚сѐ да испитуваат‘ (1. Солуњаните 5:21). Како можеш да го направиш тоа во поглед на создавањето?

Прво, размисли за она што го напишал Павле во врска со Бог: „Неговите невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20). Имај ги на ум овие зборови и добро размисли за човечкото тело, за Земјата, за бескрајната вселена или за морските длабочини. Размисли и за чудесниот свет на инсектите, на растенијата и на животните — за секое поле што те интересира тебе. Потоа, „користејќи го својот разум“, запрашај се: ‚Врз основа на што сум убеден дека постои Творец?‘

За да одговори на ова прашање, 14-годишниот Сем посочува на човечкото тело. „Толку е сложено“, вели тој, „и сите негови органи толку добро функционираат во склад еден со друг. Не е можно човечкото тело да настанало по пат на еволуција!“ Холи, која има 16 години, се согласува со тоа. „Откако се откри дека имам дијабетес“, вели таа, „научив многу за тоа како функционира телото. На пример, ме воодушевува тоа како панкреасот — еден мал орган што се наоѓа зад желудникот — врши толку голема работа со тоа што ја одржува работата на крвта и на другите органи“.

Други млади гледаат на оваа работа од поинаква гледна точка. „За мене“, вели 19-годишниот Џеред, „најголемиот доказ е тоа што сме духовни личности, како и тоа што имаме осет за убаво и желба да учиме. Овие особини не ни се неопходни за да преживееме, како што би нѐ уверувала еволуцијата. Единственото објаснување што ми е логично е тоа дека на Земјата нѐ создал некој што сакал да уживаме во животот.“ Тајлер, спомнат во почетокот, дошол до сличен заклучок. „Кога ќе размислам за тоа каква улога играат растенијата во одржувањето на животот и за тоа колку сложена градба имаат, уверен сум дека постои Творец.“

Полесно е отворено да зборуваш за создавањето ако добро си размислил на таа тема и ако вистински си уверен во него. Затоа, исто како Сем, Холи, Џеред и Тајлер, одвој си време да размислуваш за чудесните работи што ги создал Бог. Тогаш, „слушај“ што ти „кажуваат“ тие. Без сомнение, ќе дојдеш до истиот заклучок како апостол Павле — дека ‚по она што е создадено се распознава‘ не само дека постои Бог туку и какви особини има. *

Дознај што навистина учи Библијата

Освен тоа што подлабоко ќе размислиш за сѐ што создал Бог, за да го одбраниш своето верување во создавањето треба да знаеш и што навистина учи Библијата во врска со таа тема. Нема потреба да се расправаш за работи за кои Библијата не вели ништо конкретно. Да разгледаме неколку примери.

◼ Во моите учебници стои дека Земјата и Сончевиот систем постојат милијарди години. Библијата не вели ништо за староста на Земјата и на Сончевиот систем. Она што е запишано во неа е во склад со мислењето дека вселената постоела милијарди години пред да започне првиот „ден“ на создавање (1. Мојсеева 1:1, 2).

◼ Мојот наставник вели дека не е можно Земјата да била создадена само за шест дена. Библијата не вели дека секој од шесте „дена“ на создавање траел дословни 24 часа. Повеќе информации во врска со тоа можеш да најдеш на страници 18-20 од ова списание.

◼ Во нашето одделение се дискутираше за неколку примери за тоа како животните и луѓето постепено се менувале. Библијата вели дека Бог ги создал живите суштества „според својот вид“ (1. Мојсеева 1:20, 21). Таа не ја поткрепува идејата дека животот настанал од нежива материја или дека Бог го започнал процесот на еволуција само од една единствена клетка. Сепак, секој ‚вид‘ содржи потенцијал за голема разнообразност. Значи, според Библијата, можно е да настанат промени во рамките на секој ‚вид‘.

Биди убеден во она што го веруваш!

Нема причина да ти биде незгодно или да се срамиш затоа што веруваш во создавањето. Кога ќе се земат предвид доказите, сосема е разумно — всушност, научно е — да веруваме дека нѐ создала некоја интелигентна личност. На крајот на краиштата, за да се верува во еволуцијата — а не во создавањето — треба огромна вера и чуда без чудотворец. Всушност, откако ќе ги прочиташ и другите статии од овој број на Разбудете се!, сигурно ќе се увериш дека доказите се во прилог на создавањето. А кога добро ќе размислиш за оваа работа користејќи здрав разум и логика, ќе се чувствуваш уште посигурен да ги браниш своите верувања пред другите ученици.

До таков заклучок дошла и Рејкел, која веќе ја спомнавме. „Ми требаа неколку дена за да сфатам дека не треба да молчам во врска со моите верувања“, вели таа. „На наставничката ѝ ја дадов книгата Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?, во која потцртав некои делови што сакав да ѝ ги посочам. Подоцна таа ми рече дека книгата ѝ помогнала да гледа на еволуцијата од сосема нов агол и дека во иднина ќе ги земе предвид тие информации кога ќе предава лекции на таа тема!“

Повеќе статии од рубриката „Младите прашуваат...“ можеш да најдеш на Веб-страницата www.watchtower.org/ype

[Фуснота]

^ пас. 14 На многу млади им користело да го разгледаат материјалот во книгите Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање? и Постои ли Творец кој се грижи за тебе? Двете се издадени од Јеховините сведоци.

ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

◼ Како можеш на училиште лесно да го изнесеш своето верување во создавањето?

◼ Како можеш да покажеш ценење за Оној што создал сѐ? (Дела 17:26, 27).

[Рамка на страница 27]

„ОГРОМНИ ДОКАЗИ“

„Што би му рекле на некој млад човек што бил воспитан да верува во Творец, но на училиште учи за еволуцијата?“ Ова прашање му било поставено на еден микробиолог, кој е Јеховин сведок. Како гласел одговорот? „Тоа треба да го сметаш за можност да си докажеш себеси дека постои Бог — не само затоа што така те поучиле твоите родители туку затоа што ти си ги испитал доказите и самиот си дошол до таков заклучок. Понекогаш, кога од наставниците се бара да ја ‚докажат‘ еволуцијата, сфаќаат дека не можат да ја докажат, и сфаќаат дека ја прифаќаат таа теорија едноставно затоа што така биле научени. И ти можеш да паднеш во истата замка во врска со твоето верување во Творец. Затоа, вреди да си докажеш себеси дека Бог навистина постои. Доказите се огромни. Не е тешко да ги најдеш.“

[Рамка/слика на страница 28]

ШТО ТЕ УВЕРУВА ТЕБЕ?

Наведи три работи што те уверуваат тебе дека постои Творец:

1. ․․․․․

2. ․․․․․

3. ․․․․․