Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кому да му веруваш?

Кому да му веруваш?

Кому да му веруваш?

„Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (ЕВРЕИТЕ 3:4).

СЕ СОГЛАСУВАШ ли со размислувањата на овој библиски писател? Откако бил напишан овој стих, пред околу 2.000 години, човештвото многу напредувало на полето на науката. Дали сѐ уште има луѓе кои мислат дека поради доказите за создавање во природата човек мора да верува во постоењето на Создател, Творец — Бог?

Дури и во индустриски развиените земји, многу луѓе би рекле да. На пример, во Соединетите Држави, една анкета што во 2005 година ја спроведе списанието Newsweek, покажа дека 80 отсто од луѓето „веруваат дека Бог го создал универзумот“. Дали ова се должи на тоа што луѓето не се доволно образовани? Но, дали и некои научници веруваат во Бог? Научното списание Nature во 1997 година извести дека речиси 40 отсто од анкетираните биолози, физичари и математичари веруваат во Бог кој не само што постои туку и ги слуша и одговара на молитвите.

Меѓутоа, други научници воопшто не се согласуваат со тоа. Д-р Херберт А. Хауптман, добитник на Нобелова награда, неодамна на една научна конференција рече дека верувањето во натприродното, особено во Бог, е неспојливо со вистинската наука. „Ваквото верување“, рече тој, „е штетно за доброто на човечкиот род.“ Дури и научниците што веруваат во Бог не можат да се решат да поучуваат дека, според доказите за создавање што се очигледни кај растенијата и животните, мора да има и Создател. Зошто? Откривајќи една причина, Даглас Х. Ервин, палеобиолог од Смитсоновиот институт, вели: „Едно од правилата на науката е: нема место за чуда“.

Може да оставиш другите да ти кажуваат што треба да мислиш и во што треба да веруваш. Или, можеш и самиот да испиташ некои од доказите и да дојдеш до заклучок. Додека читаш за најновите научни откритија што се изнесени на наредните страници, запрашај се: ‚Дали е логично да се заклучи дека нема Творец?‘

[Истакната мисла на страница 3]

Самиот испитај ги доказите

[Рамка на страница 3]

ДАЛИ ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ СЕ КРЕАЦИОНИСТИ?

Јеховините сведоци веруваат во записот за создавањето што е запишан во библиската книга Прва Мојсеева. Меѓутоа, не може да се рече дека се креационисти. Зошто? Прво, многу креационисти веруваат дека универзумот и Земјата и целиот живот на неа биле создадени пред околу 10.000 години, во текот на шест дена од по 24 часа. Но, Библијата не кажува така. * Понатаму, креационистите имаат прифатено многу учења кои не се поткрепени во Библијата. Јеховините сведоци ги темелат своите верски учења исклучително на Божјата реч.

Освен тоа, во некои земји зборот „креационист“ е синоним за фундаменталистичките групи кои активно учествуваат во политиката. Овие групи се обидуваат да убедат разни политичари, судии и педагози да ги прифатат законите и учењата кои се во склад со верските учења на креационистите.

Јеховините сведоци се неутрални во политички поглед. Тие го почитуваат правото на властите да ги донесуваат и да ги спроведуваат законите (Римјаните 13:1-7). Меѓутоа, тие сериозно ја сфаќаат изјавата на Исус дека „не се дел од светот“ (Јован 17:14-16). Додека ја извршуваат својата јавна служба, тие им даваат на луѓето можност да дознаат колкава е ползата од тоа да се живее според Божјите мерила. Но, тие не ја прекршуваат својата христијанска неутралност поддржувајќи ги фундаменталистичките групи кои се обидуваат да воспостават граѓанско право кое би ги присилило другите да ги прифатат библиските мерила (Јован 18:36).

[Фуснота]

^ пас. 11 Види ја статијата „Гледиште на Библијата: Дали науката противречи на извештајот од Прва Мојсеева?“, која се наоѓа на 18. страница од овој број.