Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Величествениот Меконг

Величествениот Меконг

Величествениот Меконг

РЕКАТА Меконг се извива низ шест азиски земји, и од неа зависат околу 100 милиони луѓе од речиси 100 староседелски и етнички групи. На оваа река годишно се ловат 1,3 милиони тони риба — четирипати повеќе од уловот што се вади од Северното Море! Должината на реката изнесува 4.350 километри и таа е најдолгата река во југоисточна Азија. А бидејќи тече низ повеќе земји, има многу имиња од кои најпознатото — Меконг — е изведено од тајландското име Мае Нам Конг.

Од својот извор високо на Хималаите, Меконг јурнува разиграно спуштајќи се низ планински падини и нурнувајќи се во длабоки клисури. Додека да излезе од Кина, каде што се вика Ланцанг, веќе има поминато речиси половина од својата вкупна должина и се има спуштено неверојатни 4.500 метри. Во втората половина, која е пониска, се спушта само 500 метри. Како резултат на тоа, овој дел од реката е многу помирен. Откако ќе излезе од Кина, реката служи како граница помеѓу Мјанмар и Лаос, а сочинува и голем дел од границата помеѓу Лаос и Тајланд. Во Камбоџа реката се дели и во Виетнам тече како два ракава, кои потоа образуваат делта и се влеваат во Јужното Кинеско Море.

Кон крајот на 1860-те, Французите се обидоа да најдат пловен пат угоре по Меконг до Кина. Но, нивните надежи беа разбиени кога наидоа на брзаците во близина на градот Краче во Камбоџа и на една страшна низа водопади наречени Водопадите Кон, во јужен Лаос. Низ овие водопади се слева повеќе вода отколку низ кој и да било друг водопад во светот, па дури и двапати повеќе отколку низ Нијагарините Водопади, кои лежат од двете страни на границата помеѓу Канада и Соединетите Држави.

Река што значи живот

Меконг е многу важен за економијата на југоисточна Азија. И Вијангчан, главниот град на Лаос, и Пном Пен, главниот град на Камбоџа, се пристанишни градови на оваа река. Низводно, Меконг е од огромно значење за животот на луѓето во Виетнам. Таму реката се дели на неколку ракави кои образуваат делта од 25.000 квадратни километри, со отприлика 3.200 километри водни патишта. Ова изобилство вода ги наводнува нивите и оризовите полиња и ги наѓубрува со скапоцен речен нанос, што им овозможува на земјоделците да собираат три жетви ориз годишно. Всушност, по Тајланд, Виетнам е втор извозник во светот на оваа популарна храна, која е основна во исхраната на голем број луѓе.

Се проценува дека во Меконг има 1.200 видови риба, а некои од нив, како и ракчиња, се одгледуваат за комерцијални цели. Една популарна локална риба, тројниот риел, е славна од една посебна причина — камбоџанската валута, риелот, го добила името по неа. Во Меконг живее и еден вид сом кој сега е загрозен. Овој вид може да порасне и до 2,75 метри. Во 2005 година, рибарите фатија еден сом од 290 килограми, кој е веројатно најголемата слатководна риба што некогаш е најдена во светот! Друг загрозен вид, барем што се однесува до Меконг, е иравади делфинот. Истражувачите велат дека во оваа река можеби има помалку од 100 вакви делфини.

Освен што обезбедува храна за милиони луѓе, Меконг служи и како пловен пат за бродови и чамци од сите големини — мали чамци што пренесуваат патници, поголеми бродови што пренесуваат разни стоки и товарни бродови што патуваат до и од отворено море. Реката е и туристичка атракција. Многу туристи сакаат да ги поминат Водопадите Кон за да одат во Вијангчан. Овој град, кој е познат по своите канали, пагоди и куќи на колци, веќе 1.000 години е центар на трговијата, политиката и религијата. Од Вијангчан, може да се тргне во авантура нагоре по реката до Луанг Прабанг. Овој пристанишен град со векови бил главен град на една држава што опфаќала делови од Тајланд и Лаос, а едно време, вклучувајќи го и периодот на француското владеење, бил кралска престолнина на Лаос. Во овој историски град сѐ уште се чувствува француското колонијално влијание.

Во поново време, по течението на Меконг се случуваат загрижувачки промени. Некои од тие промени се рибарење што го уништува живиот свет, сечење на шумите и изградба на огромни хидроелектрични брани. На многу луѓе што го гледаат сето ова, им се чини дека ситуацијата излегува од контрола. Но, има надеж.

Библијата ветува дека нашиот грижлив Творец, со посредство на своето Царство, ќе се вмеша во работите на луѓето (Даниел 2:44; 7:13, 14; Матеј 6:10). Под водството на таа совршена светска влада, целата Земја ќе биде обновена и реките, симболично кажано, ќе „плескаат со рацете“ од голема радост (Псалм 98:7-9). И величествениот Меконг нека се придружи во тој аплауз!

[Карта на страница 24]

(Види во публикацијата)

КИНА

МЈАНМАР

ЛАОС

ТАЈЛАНД

КАМБОЏА

ВИЕТНАМ

Меконг

[Слика на страница 24]

Оризови полиња, делтата на Меконг

[Слика на страница 24]

Во Меконг живеат околу 1.200 видови риба

[Слика на страница 25]

Пазар на река (Виетнам)

[Извори на слики на страница 24]

Оризови полиња: ©Jordi Camí/age fotostock; рибарење: ©Stuart Pearce/World Pictures/age fotostock; заднина: © Chris Sattlberger/Panos Pictures

[Извори на слики на страница 25]

Пазар: ©Lorne Resnick/age fotostock; жена ©Stuart Pearce/World Pictures/age fotostock