Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животот во долината на смртта

Животот во долината на смртта

Животот во долината на смртта

ВО 1848 година, во близината на Сакраменто (Калифорнија, САД) било најдено злато. Веќе следната година, околу 80.000 трагачи по богатство нагрнале во оваа држава со надеж дека брзо ќе се збогатат. На 25 декември 1849 година, доселеници од Солт Лејк Сити, со околу 100 запрежни коли, оделе на запад. Една група се одвоила и влегла во, како што денес е позната, Долината на Смртта. Тие се надевале дека овој спржен предел кој е под морското ниво, во близина на границата помеѓу Калифорнија и Невада, ќе им послужи како скратен пат.

Во тоа време од годината, во долината било ладно, но пределот бил доста опасен. Групата се поделила на неколку дружини, и секоја од нив тргнала по различен пат. Една дружина, во која имало и жени и деца, неуспешно се обидела да излезе од долината преку планините на запад. Преморени и без доволно храна, подигнале логор крај еден извор во близина на денешниот Фурнис Крик, а потоа продолжиле до едно езерце што подоцна било наречено Бенетов Бунар. Оттаму, двајца 20-годишници, Вилијам Менли и Џон Роџерс, отишле по помош. Останатите останале да ги чекаат.

Менли и Роџерс мислеле дека ќе стигнат до градот Лос Анџелес за неколку дена. Но, немале претстава дека тој град е околу 300 километри југозападно. По речиси две седмици пешачење, стигнале во долината Сан Фернандо, северно од Лос Анџелес. Таму набавиле сѐ што им било потребно и веднаш тргнале назад.

Кога по 25 дена пристигнале до местото каде што бил логорот, не нашле никакви траги на живот. Менли испукал со пушката во воздух, и еден човек излегол од под една запрежна кола. Подоцна, Менли напишал: „Високо ги крена рацете и силно извика: ‚Момците се вратија. Момците се вратија!‘“ И другите излегле, премногу возбудени за да можат да зборуваат. Благодарение на Менли и Роџерс, преживеале сите, освен еден човек, кој го напуштил логорот сакајќи сам да излезе од долината. Се вели дека, додека оваа дружина со доселеници си заминувала, една жена се свртела назад и рекла: ‚Збогум, Долино на Смртта!‘ Оттогаш, тоа е името на оваа долина.

Земја со екстремни услови

Долината на Смртта, која е долга околу 225 километри и широка помеѓу 8 и 24 километри, е најсушното, најниското и најжешкото место во Северна Америка. Кај Фурнис Крик е измерена температура на воздухот од 57 степени целзиусови, а температурата на површината на земјата има достигнато 94 степени целзиусови — 6 степени под точката на вриење на водата! a

Просечните врнежи на дожд изнесуваат помалку од 5 сантиметри годишно, а некои години и воопшто нема дожд. Најниската точка на целата западна хемисфера — 86 метри под нивото на морето — се наоѓа во оваа долина во близина на едно солено езерце кај Бедвотер. Само 140 километри од оваа точка, се издига 4.418 метри високата планина Витни — највисоката точка во Соединетите Држави, не сметајќи ја Алјаска.

До 1850 година, во долината, кај Солт Спринг, биле најдени мали количини злато. Копачите нашле во оваа област и сребро, бакар и олово. Низ долината почнале да никнуваат рударски гратчиња со живописни имиња како, на пример, Булфрог, Гринвотер, Риолит и Скиду. Но, кога рудата ја снемало, овие напредни гратчиња останале празни. Меѓутоа, во 1880 година, во Долината на Смртта бил најден боракс — бело кристално соединение што се користело во производството на сапун и други производи — и како резултат на тоа, долината го доживеала најуспешниот период на вадење руда во својата историја. До 1888 година, запреги од 18 маски и 2 коња, кои влечеле 5 метри долги двојни коли натоварени со боракс, минувале исцрпувачки пат од 270 километри до градот Мохаве. Но, од јуни до септември немало никакви пратки; било премногу жешко и за луѓето и за животните.

Во 1933 година, Долината на Смртта беше прогласена за државен споменик. Нејзините граници постепено се прошируваа и сега опфаќа 1.3 милиони хектари. Во 1994 година, оваа област стана Национален парк Долина на Смртта — најголемиот национален парк во континенталниот дел од Соединетите Држави.

Во Долината на Смртта врие од живот

Логично е човек да помисли дека во Долината на Смртта нема живот. Сепак, стотици животински видови или минуваат низ оваа долина или живеат во неа. Поради жегата, многу од тие животни се ноќни животни. Најголемите животни се убавите пустински големороги овци, кои одвреме-навреме доаѓаат во долината од околните планини. Други суштества што живеат во долината се јазовци, лилјаци, црвен рис, којоти, пустински лисици, глувци-скокачи, планински лавови, бодликави прасиња, зајаци, смрдливци, диви магариња, гуштери, змии и пустински желки. Од птиците, овде живеат лиски, соколи, чапљи, препелици, гаврани, харадриди, мршојадци и стотици други видови.

Едни од најиздржливите суштества се глувците-скокачи. Тие можат цел живот да го поминат без да се напијат капка вода! Во едно списание се вели: „Сета вода што им е потребна за да преживеат може да се метаболизира во нивното тело од скробот и мастите што ги добиваат од сувите семки што ги јадат“. А нивните бубрези можат да собираат урина петпати повеќе отколку човечките бубрези. Овие мали глодари што живеат во дупки ја избегнуваат дневната жега така што се хранат навечер.

Во долината растат преку илјада растенија. Шошоните, Индијанци кои над илјада години живеат во долината, ги користат тамошните растенија за храна и за изработка на предмети за домаќинството. Ако знаеш што да бараш, велат тие, ќе најдеш изобилство храна во Долината на Смртта.

Кога пустината ќе расцвета

Одвреме-навреме, Долината на Смртта блеснува во величествените бои на полското цвеќе. Ова цвеќе расте од безбројното семе што лежи неактивно во почвата — понекогаш и со децении — чекајќи ја вистинската комбинација на дожд и температура за да почне да ’рти. „Има години кога нема ни еден цвет“, вели ботаничарот Тим Кроасан од управата на Националниот парк.

Но, во текот на зимата 2004/2005 година, во Долината на Смртта заврна најголемото количество дожд што некогаш е забележано — трипати повеќе од нормално. Како резултат на тоа, расцветаа преку 50 различни видови полско цвеќе, меѓу кои и ралици, јорговани, орхидеи, булки, јаглики, сончогледи и врбинки. Како што рече една туристка, целата долина мирисаше на цвеќарница. Се разбира, цветовите ги привлекуваат пчелите и други инсекти. Па така, кога Долината на Смртта ќе процвета, во неа се слуша зуењето на безброј мали крилца.

Ако некогаш решиш да отидеш во оваа долина во која владеат екстремни услови, погрижи се да имаш издржливо возило и многу вода со себе. А, ако дојдеш кога таму се и пчелите, понеси си го фото-апаратот. Роднините и пријателите ќе се зачудат кога ќе им покажеш на сликите дека во Долината на Смртта врие од живот.

[Фуснота]

a Досега, највисоката температура во светот е измерена во Либија во 1922 година и изнесува 58 степени целзиусови. Меѓутоа, во поглед на вкупните летни температури, Долината на Смртта е најжешкото место на Земјата.

[Истакната мисла на страница 15]

Најсушното, најниското и најжешкото место во Северна Америка

[Рамка/слики на страница 17]

Риби во пустината!

Четири видови убави мали риби од родот Cyprinodon живеат во Долината на смртта. Во зима, овие риби што се долги шест сантиметри и имаат сребрена боја, не се активни туку лежат во калливото дно на потоците и вировите. Потоа, кога пролетното сонце ќе ја згрее водата, стануваат активни и се парат. Мажјаците ја менуваат бојата во разни нијанси на сина што се прелеваат една во друга, и жестоко ја бранат својата територија од другите мажјаци. Но, летната врела жега наскоро го исушува поголемиот дел од водата и овие риби масовно умираат. Оние што ќе преживеат мораат да живеат во вода која е многу солена и може да достигне температура до 44 степени целзиусови.

[Извори на слики]

Рибите горе: © Neil Mishalov--www.mishalov.com; рибата долу: Donald W. Sada, Desert Research Institute

[Карти на страница 14]

(Види во публикацијата)

Соединетите Американски Држави

Калифорнија

Национален парк Долина на Смртта

[Извор на слика на страница 15]

Маски: Со љубезна дозвола на The Bancroft Library/University of California, Berkeley

[Извори на слики на страница 16]

Магариња: © Joseph C. Dovala/age fotostock; панорамска слика горе: © Neil Mishalov--www.mishalov.com; цвеќиња: Photo by David McNew/Getty Images