Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто Бог ги допушта страдањата?

Зошто Бог ги допушта страдањата?

Зошто Бог ги допушта страдањата?

ПОНЕКОГАШ, по некоја тешка загуба, некој ќе праша: „Зошто?“ Но, не прашува само за да добие одговор, туку и утеха која во тие моменти му е многу потребна. Дали Библијата дава таква утеха? Да разгледаме три важни библиски вистини поврзани со оваа тема.

Прво, не е погрешно да се прашуваш зошто Бог ги допушта страдањата. Некои луѓе се плашат дека ако постават такво прашање, тоа би значело дека немаат вера во Бог или дека не го почитуваат. Напротив, многу други луѓе го поставуваат ова прашање со чисти мотиви. Верниот пророк Авакум го прашал Бог: „Зошто даваш да гледам таква ужасна неправда? Зошто дозволуваш насилството, беззаконието, криминалот и суровоста да се шират насекаде?“ (Авакум 1:3, Contemporary English Version). Јехова Бог не го прекорил Авакум. Напротив, дозволил прашањата на овој верен човек да бидат запишани за да можеме и ние да ги читаме (Римјаните 15:4).

Второ, важно е да сфатиш дека Бог сочувствува со тебе кога си во тешка ситуација. Тој не е далечен и таинствен; тој „ја сака правдата“ и ја мрази злобата и страдањето што таа го предизвикува (Псалм 37:28; Изреки 6:16-19). Во времето на Ное, Бог ‚го доболело во срцето‘ поради насилството што било раширено на Земјата (1. Мојсеева 6:5, 6). Бог не се сменил; тој го чувствува истото и за она што се случува денес (Малахија 3:6).

Трето, Бог никогаш не го предизвикува злото. Библијата многу јасно го кажува ова. Оние што му припишуваат на Бог работи како убиства и тероризам, само го клеветат. Забележи што стои во Јов 34:10: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ Слично, во Јаков 1:13 се вели: „Никој, кога ќе се најде во искушение, нека не вели: ‚Бог ме искушува‘. Зашто, Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“. Ако си претрпел некое зло, биди сигурен дека Бог не го предизвикал.

Кој владее со светот?

По сево ова, сѐ уште останува прашањето: ‚Ако Бог нѐ сака, ако е праведен и моќен, тогаш зошто има толку многу злоба околу нас?‘ Најпрвин треба да се расчисти едно општоприфатено, погрешно мислење. Многу луѓе мислат дека Семоќниот Бог владее со овој свет и дека има директна контрола над сѐ. „Ниеден атом или молекул не е надвор од неговата контрола“, рекол директорот на една теолошка школа. Дали Библијата навистина го вели тоа?

Не. Мнозина се изненадени кога ќе дознаат што, всушност, вели Библијата во врска со тоа кој владее со светот. На пример, во 1. Јованово 5:19 се вели: „Целиот свет е под власта на Злобниот“. Кој е Злобниот што е спомнат овде? Исус Христос открил дека тоа е Сатана Ѓаволот, кого го нарекол „владетелот на светот“ (Јован 14:30). Па, зарем ова не е логично? Сатана е суров, ги мами и ги мрази луѓето — особини кои се причина за поголемиот дел од страдањата што луѓето ги трпат денес. Но, зошто Бог му дозволува на Сатана да владее?

Спорно прашање подигнато во Еден

Како би се чувствувал еден грижлив и добар родител кога јавно би бил обвинет дека ги лаже своите деца, дека ја злоупотребува својата власт над нив и дека им скратува нешто добро? Зарем би ги побил тие клевети со тоа што физички ќе го нападне оној што го обвинува? Нормално дека не! Всушност, кога би постапил така, може дури и би им дал поголема тежина на обвиненијата.

Оваа споредба помага да се објасни на кој начин постапил Јехова Бог кога против него било подигнато едно обвинение во почетокот на човечката историја, на едно место наречено Еден. Таму Бог им кажал на првите луѓе, Адам и Ева, каква прекрасна задача има за своите деца на Земјата. Тие требало да ја наполнат Земјата, да ја потчинат и целата да ја претворат во рај (1. Мојсеева 1:28). Освен тоа, стотици милиони духовни синови на Бог со големо интересирање сакале да видат како ќе се оствари оваа возбудлива задача (Јов 38:4, 7; Даниел 7:10).

Бидејќи е дарежлив Бог, Јехова им дал на Адам и на Ева како дом една прекрасна градина во која имало секакви вкусни плодови. Само едно дрво им било забрането — „дрвото на спознанието на доброто и злото“. Со тоа што немало да јадат од ова дрво, Адам и Ева ќе покажеле дека имаат потполна доверба во својот Татко, признавајќи дека тој има право да одлучи што е добро а што лошо за неговите деца (1. Мојсеева 2:16, 17).

Но, за жал, еден од Божјите духовни синови, поттикнат од желбата да биде обожаван, ѝ рекол на Ева дека ако јаде од забранетиот плод, нема да умре (1. Мојсеева 2:17; 3:1-5). Со тоа, овој злобен ангел, Сатана, отворено му се спротивставил на Бог, нарекувајќи го лажливец! Сатана уште го обвинил Бог дека крие од Адам и Ева некои работи што е многу важно да ги знаат. Тој индиректно рекол дека луѓето треба самите да одлучуваат што е добро а што лошо. Едноставно кажано, Сатана го обвинил Бог дека не е праведен Владетел и Татко и укажал дека тој, Сатана, би бил подобар.

Откако ги кажал тие подмолни и злобни лаги, овој ангел станал Сатана Ѓаволот. Овие имиња значат „Противник“ и „Клеветник“. Што направиле Адам и Ева? Тие се здружиле со Сатана и му свртеле грб на Бог (1. Мојсеева 3:6).

Јехова можел да ги убие бунтовниците на лице место. Но, како што спомнавме во примерот, обвиненијата не можеле да бидат расчистени со одмазда. Да не заборавиме дека, кога Сатана го обвинил Бог, тие обвиненија ги чуле и милиони ангели. Всушност, не е откриено колку, но сепак значаен број ангели подоцна му се придружиле на Сатана во бунтот, со што станале демони (Марко 1:34; 2. Петрово 2:4; Јуда 6).

Зошто Бог не презел нешто?

Со тоа што ги навел Адам и Ева да изберат да бидат независни од својот Творец, всушност, Сатана формирал едно семејство кое не било вистински независно туку било под негова власт. Свесно или несвесно, ова семејство, под влијание на својот „татко“, Ѓаволот, почнало самото да си избира цели и мерила на однесување (Јован 8:44). Но, дали тој начин на живот ќе им донесел вистинска слобода и трајна среќа? Јехова многу добро знаел дека тоа нема да се случи. Сепак, им дозволил на бунтовниците да бидат независни, зашто само така ќе можело еднаш засекогаш да се решат спорните прашања што биле подигнати во Еден.

Оттогаш минале 6.000 години, а човештвото создало еден светски поредок и испробало разни начини на владеење и разни норми на однесување. Дали си задоволен од резултатот? Дали човечкото семејство навистина живее среќно, мирољубиво и обединето? Очигледно, одговорот е не! Наместо тоа, човештвото го измачуваат војни, глад, природни катастрофи, болести и смрт, а сето тоа носи „ништожност“, „болка“ и ‚воздивнувања‘, токму како што и вели Библијата (Римјаните 8:19-22; Проповедник 8:9).

Но, некои можеби ќе прашаат: ‚Зошто Бог не ги спречи несреќите?‘ Всушност, тоа не би било праведно, зашто ќе фрли сенка врз спорното прашање и ќе изгледа дека бунтот против Бог не носи никакви последици. Затоа, Јехова не дејствува притаено за да ги спречи сите злосторства и несреќи кои, директно или индиректно, се последица од непослушноста кон него. a Јехова никогаш не би учествувал во опасната лага дека светот на Сатана може да успее, дека ја пронашол формулата за среќа! Сепак, Јехова не е рамнодушен на она што се случува. Всушност, тој е многу активен, како што ќе видиме сега.

„Мојот Татко работи сѐ досега“

Овие зборови на Исус покажуваат дека Бог не седи без да прави нешто и само да гледа што се случува наоколу (Јован 5:17). Напротив, уште од побуната во Еден, тој е многу зафатен. На пример, ги вдахновил писателите на Библијата да го запишат неговото ветување дека во иднина едно „потомство“ ќе му ја смачка главата на Сатана и на сите што се со него (1. Мојсеева 3:15). Освен тоа, преку ова Потомство Бог ќе формира една влада, небесно Царство, кое ќе донесе благослови за послушните луѓе и ќе им стави крај на сите причини за страдање, па дури и на смртта (1. Мојсеева 22:18; Псалм 46:9; 72:16; Исаија 25:8; 33:24; Даниел 7:13, 14).

Како еден чекор во исполнувањето на тие прекрасни ветувања, Јехова го испратил на Земјата Оној што ќе го претставувал првенствениот Владетел на тоа Царство. Тоа не бил никој друг туку Исус Христос, Божјиот Син (Галатите 3:16). Во склад со намерата што Бог ја имал со него, Исус се сконцентрирал на тоа да поучува за Божјето Царство (Лука 4:43). Всушност, Исус покажал што ќе направи кога ќе биде Цар на тоа Царство. Нахранил илјадници гладни луѓе, лекувал болни, воскреснувал мртви, па дури и покажал дека има контрола над природните сили кога смирил една силна бура (Матеј 14:14-21; Марко 4:37-39; Јован 11:43, 44). Во врска со Исус, Библијата вели: „Колку и да има Божји ветувања, преку него станаа ‚да‘“ (2. Коринќаните 1:20).

Оние што го слушаат Исус и излегуваат „од светот“ — поредокот кој е отуѓен од Бог и со кој владее Сатана — се добредојдени во Јеховиното семејство (Јован 15:19). Во светското семејство на вистински христијани владеат љубовта и мирот и за него е карактеристично тоа што е решено да ја искорени секоја трага на нетрпеливост и расизам во своите редови (Малахија 3:17, 18; Јован 13:34, 35).

Наместо да го поддржуваат сегашниот свет, вистинските христијани го поддржуваат и го објавуваат Божјето Царство, бидејќи се послушни на заповедта што е запишана во Матеј 24:14. Размисли за следново: Кој ја проповеда ‚добрата вест за царството‘ низ целиот свет? Кој одбива, како едно светско духовно братство, да учествува во војните и во државните и племенските спорови? И кој дозволува Божјата реч да ги води во постапките, сеедно дали високиот морал од неа е популарен или не? (1. Јованово 5:3). Мнозина забележуваат дека тоа го прават само Јеховините сведоци. Те молиме, самиот испитај ги доказите.

Одлучи се за Божјата влада!

Човештвото, кое е отуѓено од Бог и заведено од Сатана, има создадено еден светски поредок кој донесува само повеќе беда и безнадежност. Ја уништува дури и самата Земја! Јехова, од друга страна, има воспоставено една небесна влада која на милиони луѓе им го има сменето животот на подобро и која на секого од нив му дава сигурна надеж (1. Тимотеј 4:10). Што ќе избереш?

Сега е време да одлучиш, зашто Бог нема да им дозволи на Сатана и на неговиот злобен свет да постојат во недоглед. Првобитната намера на Бог — да ја направи оваа Земја рај — никогаш не се променила. За да го оствари тоа, неговото Царство и поданиците на тоа Царство ќе стануваат сѐ појаки, додека светот под власта на Сатана ќе доживува сѐ поголеми „болни неволји“ сѐ додека Бог не му стави крај (Матеј 24:3, 7, 8). Ако и ти некогаш искрено си го прашувал Бог „Зошто?“, слушај го што има да ти каже така, што ќе имаш доверба во библиската порака за утеха и надеж. Уште сега, твоите солзи можат да станат солзи радосници (Матеј 5:4; Откровение 21:3, 4).

[Фуснота]

a Иако Бог понекогаш се мешал во работите на луѓето, тој не го правел тоа за да го поддржи сегашниов поредок. Напротив, се вмешувал кога се работело за исполнување на неговата намера (Лука 17:26-30; Римјаните 9:17-24).

[Слики на страница 7]

Дали си задоволен со резултатите од човечкото владеење?

[Извори на слики]

Бебе: © J. B. Russell/Panos Pictures; уплакана жена: © Paul Lowe/Panos Pictures

[Слика на страници 8 и 9]

Исус ќе го обнови рајот  — дури и мртвите ќе ги врати во живот