„Мали вовчиња“ што светкаат во мракот
„Мали вовчиња“ што светкаат во мракот
◼ Во една мирна квечерина во внатрешноста на Бразил, едно малечко „вовче“ излегува од под гнилото лисје распослано по шумското тло. Две црвени „предни светла“ му го осветлуваат патот, а 11 пара жолто-зелени светла го осветлуваат од страните. Мораме да признаеме, ова не е обичен воз. Тоа е 70 милиметри долга ларва на еден инсект од фамилијата Phengodidae, што живее во Северна и во Јужна Америка. Бидејќи женките, кои остануваат во облик на ларва, личат на вагони што се осветлени однатре, честопати се наречени железнички црви. Бразилските селани ги викаат мали вовчиња.
Во текот на денот, оваа ларва со темнокафеава боја не се забележува лесно. Но, навечер, таа го најавува своето присуство со своите чудесни светла. Овие светла добиваат енергија од органската супстанција луциферин, која со помош на ензимот луцифераза оксидира и создава студена светлина. Некои од боите на светлата се црвена, портокалова, жолта и зелена.
Црвените предни светла светат речиси нон-стоп — но не и страничните жолто-зелени светла. Истражувањата покажуваат дека предните светла ѝ помагаат на ларвата да најде стоногалки — нејзината омилена храна — додека страничните светла изгледа служат за да ги одвратат грабливците како што се мравките, жабите и пајаците. Како овие светла да им велат на грабливците: „Не сум вкусна. Оди си!“ Од таа причина, страничните светла се палат кога ларвата чувствува опасност. Исто така, светат и кога ларвата напаѓа стоногалки и кога женката ги обвиткува своите јајца. Во нормални околности, страничните светла стануваат сѐ посветли и посветли, а потоа се затемнуваат — и сето тоа за само неколку секунди — повторувајќи го овој циклус сѐ додека не помине опасноста.
Да, дури и под гнилото лисје на шумското тло може да се најде зачудувачка убавина, која нѐ потсетува на зборовите со кои псалмистот го фалел Творецот: „Полна е земјата со твоите творби“ (Псалм 104:24).
[Извор на слика на страница 26]
Robert F. Sisson / National Geographic Image Collection