Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Најтешкото прашање

Најтешкото прашање

Најтешкото прашање

„ЗОШТО?“ Жално е кога ќе видиш колкав чемер и бол носи овој мал збор. Луѓето честопати го поставуваат ова прашање кога ќе се случи некоја несреќа или трагедија — ураган кој збришал цел регион, оставајќи зад себе смрт и пустош; земјотрес кој срамнил цел град; терористички напад кој го претворил мирното секојдневие во кошмар исполнет со страв и насилство; една несреќа во која е повреден или му е одземен животот на некој наш близок.

За жал, многу често жртви се најневините и најбеспомошните. Во последно време се случуваат многу такви несреќи, па мнозина извикуваат кон Бог: „Зошто?“ Еве неколку примери:

◼ „Зошто ни го направи ова, Боже? Што ти сторивме?“ Новинската агенција Ројтерс извести дека една постара жена од Индија го рекла тоа откако цунамито ѝ го опустошило селото.

◼ „Каде беше Бог? И ако Бог има контрола над сѐ, зошто дозволи да се случи ова?“ Овие прашања беа поставени во еден весник во Тексас (САД), откако еден вооружен човек пукаше во една црква при што рани и уби голем број од верниците што беа внатре.

◼ „Зошто Бог дозволи таа да умре?“ Една жена го поставила ова прашање откако нејзината пријателка починала од рак, оставајќи зад себе маж и пет деца.

Овие луѓе не се единствените што мислат дека Бог, на некој начин, е одговорен за нивните маки. На пример, во врска со природните катастрофи, речиси половина од испитаниците во една анкета на Интернет сметаат дека несреќите, како што се ураганите, се од Бог. Зошто толку многу луѓе мислат така?

Религиозна збрка

Наместо да им дадат задоволителни одговори, верските водачи честопати уште повеќе ги збунуваат луѓето. Да разгледаме само три од одговорите што обично ги даваат.

Прво, многу верски водачи проповедаат дека Бог ги предизвикува природните катастрофи за да ги казни своеглавите луѓе. На пример, во Соединетите Држави, откако Њу Орлеанс (Луизијана) беше разорен од ураганот Катрина, некои свештеници тврдеа дека Бог го казнил градот. Тие укажуваа на распространетата корупција, коцкање и неморал. Некои дури и цитираа од Библијата како доказ, истакнувајќи примери кога Бог ги уништил злобните со потоп или со оган. Меѓутоа, таквите тврдења ја извртуваат Библијата (Види ја рамката „Божји дела?“).

Второ, некои свештеници тврдат дека Бог има свои причини зошто им нанесува неволји на луѓето, но дека ние не можеме да ги сфатиме тие причини. Меѓутоа, многу луѓе не се задоволни со ваквиот одговор. Тие се прашуваат: ‚Зарем може еден Бог што нѐ сака, да направи нешто толку лошо и потоа да не им го даде одговорот на оние на кои очајнички им треба утеха и кои прашуваат „Зошто?“‘ Да, Библијата вели: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).

Трето, некои верски водачи мислат дека Бог можеби воопшто не е семоќен и дека не нѐ сака. Повторно, ваквото објаснување подига сериозни прашања. Дали Оној кој ‚создал сѐ‘ — вклучувајќи го и неизмерно големиот универзум — е неспособен да ги спречи страдањата на оваа планета? (Откровение 4:11). Како може Оној што нѐ обдарил со способноста да сакаме, Оној чија Реч го опишува како олицетворение на љубовта, да биде рамнодушен на човечкото страдање? (1. Мојсеева 1:27; 1. Јованово 4:8).

Се разбира, трите точки што ги спомнавме се само некои од начините на кои луѓето се обидуваат да објаснат зошто Бог го допушта страдањето — прашање што со векови ги мачи луѓето што сакаат да го најдат одговорот. Во следната статија ќе разгледаме што вели Библијата за оваа важна и навремена тема. Како што ќе видиш, разумното, логично објаснување од Библијата ја расчистува сета збрка. Освен тоа, Библијата им дава голема утеха на сите што доживеале несреќи во животот.

[Рамка/слика на страница 4]

Божји дела?

Дали Библијата учи дека Бог е одговорен за природните катастрофи што ги гледаме денес? Во никој случај! Случаите кога Бог уништувал и кои се опишани во Библијата многу се разликуваат од природните катастрофи. На пример, Бог е селективен; тој гледа што се крие во срцата на луѓето и ги уништува само оние што ги смета за злобни (1. Мојсеева 18:23-32). Освен тоа, Бог прво дава предупредувања, со што на праведните им дава можност да се спасат.

Од друга страна, природните катастрофи удираат без предупредување и во нив умираат и страдаат луѓе, без разлика кои се и какви се. Во извесна мера, луѓето уште повеќе ги влошиле овие катастрофи со тоа што ја уништуваат природната средина и градат на места каде што често има земјотреси, поплави и сурова клима.

[Извор на слика]

SENA VIDANAGAMA/AFP/Getty Images

[Слика на страница 4]

Верските водачи даваат разни одговори што збунуваат