Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Светиот експеримент“ на квекерите

„Светиот експеримент“ на квекерите

„Светиот експеримент“ на квекерите

ВО ЈУЛИ 1656 година, бродот Swallow од Барбадос на Карибите пристигна во Бостон (Масачусетс), во денешните Соединети Американски Држави. Ричард Белингам, заменик гувернер на колонијата Масачусетс, наредил патничките Мери Фишер и Ен Остин да бидат задржани на бродот. Меѓу нивните работи нашле 100 книги за кои се велело дека содржат „расипани, еретички и богохулни учења“.

Книгите биле запалени на плоштадот. Потоа жените биле фрлени в затвор, соблечени голи и биле прегледани да не имаат на телото некој знак дека се вештерки. Прозорецот во нивната ќелија бил запечатен, и поминале пет седмици во темница. Секој што ќе се осмелел да зборува со нив ризикувал да биде казнет со пет фунти. На крајот, Мери Фишер и Ен Остин биле вратени на Барбадос.

Еден историчар од тоа време ги прашал властите: „Зошто доаѓањето на овие две жени толку ве потресе, небаре страшна војска ви ги нападнала границите?“ Тие две „опасни“ жени, всушност, биле првите квекерски мисионери што пристигнале во Северна Америка. Кои биле квекерите, и зошто биле сметани за опасни?

Друштвото на пријатели

Квекерите, или верското Друштво на пријатели, се појавиле во 17 век во Англија. Друштвото на пријатели го основал Џорџ Фокс (1624-1691), син на ткајачка роден во Лестершајр. Откако наводно чул еден глас преку чудо, Фокс заклучил дека може да комуницира директно со Бог и да добива просветлување без никакво посредство на човек. Во книгата Верска историја на американскиот народ (A Religious History of the American People) се вели: „Според традицијата, како датум за основањето на Друштвото на пријатели се смета 1652 година“.

Како дошло до тоа Пријателите да бидат наречени квекери (на англиски, зборот „квекери“ доаѓа од еден глагол што значи „трепери, се тресе“)? Една книга вели дека тие „се треселе пред да добијат божествени откровенија“. Во друга книга се вели дека тие „трепереле од страхопочит поради бескрајната чистота и величество на Бог“. Целта на квекерите им била да ја најдат религиозната вистина и да го вратат првобитното христијанство.

Тврделе дека добиваат водство од светиот дух, од библиските пророци, од Христовите апостоли и од внатрешната „светлина“, или „глас“ на наводната духовна вистина. Според тоа, собирите, всушност, биле периоди кога сите молчеле и во текот на кои секој поединец барал водство од Бог. Секој што ќе добиел порака од Бог можел да зборува. a

Квекерите се застапувале за правда, за непоколеблива чесност, за едноставен живот, и биле против насилство. Исто така, верувале дека сите христијани, вклучувајќи ги и жените, треба да учествуваат во службата. Бидејќи ги отфрлиле установените верски организации, раскошот и обредите, и бидејќи тврделе дека ги води еден внатрешен глас а не некоја свештеничка класа, луѓето почнале да се плашат и да се сомневаат во нив. Но, она што најмногу ги загрижувало луѓето била нивната мисионерска ревност, која предизвикувала гнев и напади од толпите и интервенција од страна на властите.

Во Англија, квекерите биле прогонувани и затворани, а во Нова Англија биле забранети, па дури и убивани. На пример, помеѓу 1659 и 1661 година, мисионерите Мери Дајер, Вилијам Ледра, Вилијам Робинсон и Мармадјук Стивенсон биле обесени во Бостон. Други биле ставени во окови, биле жигосани или камшикувани. На некои им биле отсечени ушите. Еден човек по име Вилијам Бренд добил 117 удари по гол грб со јаже премачкано со катран. Но, и покрај ваквата суровост, бројот на квекерите растел.

Вилијам Пен и „светиот експеримент“

Од 1681 година, животот на квекерите во Северна Америка ненадејно се сменил. Во еден, како што го нарекле, „свет експеримент“ во државништвото, Вилијам Пен (1644-1718), млад Англичанец кој се преобратил во квекер, основал колонија која се темелела на идеалите на квекерите, кои управувале со неа. Пен, кој бил пацифист и син на британски адмирал, претходно бил во затвор затоа што проповедал и пишувал за своите верувања.

За да отплати еден долг што го имал кон таткото на Пен, англискиот крал му доделил на Пен големо подрачје во Северна Америка. Со една кралска повелба, Пен добил речиси неограничена власт над новата колонија, која ја нарекол Пенсилванија, што значи „Шумите на Пен“, во спомен на адмиралот Пен. Таму, луѓето од сите вери ќе имале верска слобода.

Пен најпрво го испратил во Америка својот роднина Вилијам Маркам, како свој застапник кој требало да ја придобие лојалноста на неколкуте Европејци што живееле во границите на новата колонија и да купи земја од Индијанците. Во 1682 година, Пен тргнал по реката Делавер и за првпат ја видел својата колонија. Склучил чесна спогодба со домородното население во Шакмаксон (сега Кенсингтон, дел од Филаделфија). Потоа, на помалку од 16 километри од Шакмаксон, го направил планот и ѝ дал име на една нова населба која ја нарекол Филаделфија, што значи „братска љубов“. Таа населба брзо растела.

Пен се вратил во Англија и раскажувал за новата колонија со намера да ги поттикне луѓето да се преселат таму. Опишал дека во новата колонија има убава земја и шуми, прекрасна река, диви животни и крзно. Ветил дека новата влада ќе спроведува верска трпеливост и мирољубив соживот. Сите биле добредојдени — трговци, сиромашни и идеалисти желни да помогнат да се воспостави добра влада.

Надежта дека ќе ги остават зад себе социјалните и политичките проблеми во Европа, ги привлекла квекерите од Англија и од Северна Ирска. Од областа околу Рајна во Европа дошле менонитите и сличните групи. Првите доселеници биле претежно квекери, а Пен изјавил дека колонијата има почеток кој ветува многу. Во 1683 година напишал: „Се одржаа две законодавни заседанија... и едногласно беа донесени најмалку седумдесет закони“. Меѓутоа, општото чувство на оптимизам не траело долго.

Експериментот полека откажува

Повелбата што важела во колонијата на Пен на сите им гарантирала слобода на определба. Така, кога насилството се сметало за неопходно за да се зачуваат редот и мирот, пацифизмот на квекерите претставувал проблем — проблем кој со текот на времето станувал сѐ поголем. Отпрвин, Пен го избегнал проблемот со тоа што за заменици поставил лица што не биле квекери и кои, како што рекол, требало да бидат „строги со нашите ближни кога тоа е потребно“. Во 1689 година, можноста од војна со Франција уште повеќе ги довела во прашање начелата на квекерите.

Згора на сето тоа, пристигнале голем број нови доселеници, од кои повеќето не биле квекери, и кои насила им ја одземале земјата на Индијанците. Така, бидејќи квекерите станале малцинство, односите со домородните народи станувале сѐ позаострени.

Последниот удар за политичката власт на квекерите дошол кога гувернерот и неговиот совет им објавиле војна на племињата Делавер и Шони во 1756 година. Како реакција на тоа, квекерите се повлекле од владата, со што му ставиле крај на својот режим. Така, по околу 75 години, завршил „светиот експеримент“ во државништвото на Пен.

Со текот на времето, како што квекерите станувале сѐ побогати, нивната верска ревност почнала да слабее. Квекерот Семјуел Фотергил рекол: „Бидејќи биле сѐ понаклонети кон овој свет, [квекерските доселеници] не можеле да ги поучат своите деца за начелата што самите тие ги заборавиле“. Со текот на времето, се појавиле и секти.

Пен и неговите следбеници можеби имале благородни цели и привремен успех; но, или не го разбрале или го игнорирале учењето на Исус дека тој и неговите ученици „не се дел од светот“ (Јован 17:16). Според тоа, колку и да е добронамерен, во суштина, секој потфат кој се обидува да ја меша религијата со политиката на светот, нема благослов од Бог ниту од неговиот Син (Јаков 4:4; 1. Јованово 5:19). Затоа не може ни да успее (Псалм 127:1).

[Фуснота]

a Денес, многу квекерски цркви имаат платен свештеник кој ги води службите на поорганизиран начин.

[Рамка на страница 12]

„МОЕТО ЦАРСТВО НЕ Е ДЕЛ ОД ОВОЈ СВЕТ“

Зошто Исус ги кажал овие зборови што се запишани во Јован 18:36? Одговорот ќе ни стане јасен кога ќе разбереме што е Божјето Царство. Божјето Царство, кое било главна тема во поучувањето на Исус е ‚всушност, една светска влада која ќе ја води Исус Христос (Исаија 9:6, 7; Лука 4:43). Царството нема да користи човечки влади туку ќе ги отстрани сите и ќе стане единствената влада на Земјата (Даниел 2:44; 7:13,  14). Исус го спомнал ова во пример молитвата, кога рекол: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Послушните поданици на тоа Царство ќе имаат живот каков што чесните луѓе, како Вилијам Пен, никогаш не би можеле да го овозможат — тие ќе имаат совршено здравје и вечен живот во мирољубиви рајски услови (Лука 23:43; Откровение 21:3, 4).

[Слика на страница 10]

Собир на квекери во Филаделфија, 1800-те

[Слика на страница 10]

Квекерката Мери Дајер ја водат на погубување во колонијата Масачусетс Беј

[Слика на страница 11]

Квекери заминуваат од Англија, 1600-те

[Слика на страница 11]

Вилијам Пен склучува спогодба со Индијанците, 1682 година

[Извор на слика на страница 10]

Двете слики: © North Wind Picture Archives

[Извори на слики на страница 11]

Чамци: © North Wind Picture Archives; спогодба Brown Brothers