Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Спасен од сите мои неволји

Спасен од сите мои неволји

Спасен од сите мои неволји

Раскажал Жан-Клод Франсоа

Бидејќи сакав да ја следам мојата совест, која беше изострена според Библијата, седум години поминав во повеќе различни затвори. И покрај страдањата што ги претрпев, сметав дека сум благословен човек. Да ви објаснам зошто.

РОДЕН сум во градот Алжир (Алжир), на 9 јануари 1937 година. Во тоа време Франција управуваше со Алжир, а татко ми беше офицер во француската армија. Поради работата, патуваше во Египет, Ирак, Либан и Сирија, понекогаш и со месеци, што му оставаше малку време за нас, неговите пет деца.

Јас го сакав училиштето и имав добри оценки. Но, низ главата ми се вртеа прашања како: ‚Зошто умираме, и како може да има злоба ако Бог е семоќен и добар?‘ Не најдов задоволувачки одговори. Исто така, многу сакав да дознаам како настанал животот. Дарвиновата теорија за еволуцијата ми изгледаше како единственото прифатливо објаснување, па затоа, со текот на времето, станав атеист.

Конечно ги наоѓам одговорите!

Во 1954 година, еден пријател по име Жорж, кој стана Јеховин сведок, ми ја даде брошурката Еволуцијата наспроти Новиот свет (Evolution Versus the New World), издадена од Јеховините сведоци. Ја прочитав во еден здив. Освен што во брошурката беа изнесени пропустите на теоријата за еволуцијата, во неа беше кажано дека фосилните остатоци го потврдуваат записот од Прва Мојсеева, во кој се вели дека Бог ги создал сите живи суштества „според нивните видови“ (1. Мојсеева 1:12, 25). Но, прашањето во врска со злобата сѐ уште ми се вртеше низ глава.

Жорж беше пионер, или полновремен проповедник, и многу време посветуваше на тоа да ги поучи другите за Библијата, книга што јас никогаш ја немав прочитано. Дали Жорж ќе можеше да ми одговори на прашањата? Отидов во неговиот мал стан, каде што живееше со други пионери, и на многу од моите прашања добив одговор од Библијата. Потоа, почнав систематски да ја проучувам Библијата, во што многу уживав. Оттогаш, никогаш не сум престанал да копам во Божјата реч, барајќи ги нејзините скапоцени вистини кои ни ја зајакнуваат верата (Изреки 2:1-5).

Почнав да одам и на христијанските состаноци, кои се одржуваа во подрумот на еден ресторан во центарот на Алжир. Сведоците срдечно ме поздравуваа, и по некое време почнав редовно да одам на состаноците. Кога беше дадено известување во врска со еден состанок што требаше да се одржи на едно одредено место, решив да одам и јас. Кога пристигнав, дознав дека Сведоците се собрале за да одат во служба од куќа до куќа (Дела 20:20). Сепак останав, и така првпат видов што значи службата.

Кога по третпат отидов да проповедам, сам разговарав со луѓето. На една врата не можев да го најдам библискиот стих што го цитирав. „Момче“, ми рече станарот, „учи ги другите кога ќе бидеш способен за тоа“, и ми ја затвори вратата. Нанервиран, седнав на една клупа и почнав да го барам стихот. Кога по неколку минути го најдов, се вратив и му го покажав на човекот.

На 4 март 1956 година, се крстив како знак на тоа дека сум му се заветувал на Бог. Шест месеци подоцна, морав да донесам важна одлука — дали ќе служам како општ пионер или ќе прифатам да работам како учител во внатрешноста на Алжир, што ќе ми остави помалку време за служба? Одлучив да служам како пионер.

Татко ми збесна поради мојата одлука. Ми стави нож под грло и ми нареди секоја вечер да си доаѓам дома. Ми рече и да не чекам да ме храни, иако имав намера да си плаќам за сите мои трошоци. Така, наутро излегував од дома гладен, ручав нешто надвор, а навечер, пред да се вратам дома, јадев сендвич со другите пионери.

Бегаме од бомбите и куршумите

Во тоа време, во Алжир се водеше војна за независност од Франција, и главниот град, Алжир, беше мета на постојани бомбашки напади и жестоки одмазди. Еден месец имаше над 100 експлозии. Бомбите беа поставувани во автобуси, во барови и на стадиони. Не беше лесно да се проповеда. Луѓето се плашеа да ја отворат вратата, а често имаше и полициски час, легитимирање и претреси.

Во недела, на 30 септември 1956 година, додека јас и неколкумина други пионери го средувавме местото каде што ги одржувавме состаноците, во ресторанот над нас експлодира бомба, при што десетици луѓе беа убиени и осакатени. За среќа, никој од нас долу во подрумот не беше повреден. Во декември, јас и една сестра проповедавме на една прометна улица кога покрај нас пројури еден автомобил од чии отворени прозорци се истури дожд од куршуми накај толпата. Потрчавме накај една врата. Таму, ја бутнав сестрата на земјата па и јас се фрлив до неа. Куршумите ни летаа над главите. После овој настан, сите бевме многу повнимателни кога проповедавме.

Останувам неутрален

На 1 март 1957 година, бев повикан да служам во војска. Бидејќи како христијанин совеста не ми дозволува да користам оружје, се молев да бидам храбар кога ќе разговарам со властите. Исто така, се молев да не се соочам со татко ми. На мое големо олеснување, ми беше кажано дека треба да се јавам во градот Лил (Франција), далеку од дома.

Шест дена подоцна, пристигнав во тврдината во Лил која датира од 17 век, времето на кралот Луј XIV. Користејќи ја Библијата, им го објаснив мојот неутрален став на воените офицери, а тие ме ставија во затвор. Едно утро, стражарите ме извлекоа од ќелијата, ме претресоа и ми најдоа една мала Библија. Потоа ме натераа да лежам со лицето в снег, ми ја фрлија Библијата покрај мене, ми притиснаа кундак назад на главата и ме држеа така 30-тина минути. Откако завршија, на моја голема радост, ми дозволија да си ја задржам Библијата, и таа и ден-денес стои на мојата полица. Меѓутоа, од малтретирањето што го претрпев тој ден, со години имав грчеви во стомакот.

Неколку дена подоцна, заповедникот ми прочита некои делови од едно писмо што го добил од татко ми. „Мора да го натерате да попушти. Скршете му го духот ако мора“, стоеше во писмото. Бидејќи не сакав да попуштам, офицерот ме фрли во една темна ќелија каде што спиев на штица и се покривав со едно мало ќебе. Во ќелијата немаше тоалет, па нужда вршев во ќошот. Не можев да се мијам, да ги мијам забите или да си ја мијам чинијата. По две седмици, бев испратен во Френ, затвор во Париз.

Во текот на следните шест години, четирипати бев осудуван и сменив 14 затвори. Една зима бев во Фонтевро, манастир од 12 век во долината на Лоара, кој се користеше како затвор. Кога пристигнав таму, ми беше одземено сѐ што имав. Бидејќи упорно барав да ми ја дадат Библијата, стражарите ме ставија во самица во која останав цел месец. Таму се врати и силно ме погоди мојот друг непријател — студот — па почнав да плукам крв.

Тогаш бев префрлен во затвор каде што имаше почовечни услови — Шато де Туркан, во близина на Сомир, каде што затворениците им работеа низ дома на пензионирани државни службеници. Меѓу затворениците беше и Ахмет Бен Бела, идниот претседател на Република Алжир. Неколку месеци му сведочев. „Ти си роден во Алжир“, ми рече еднаш, „и овде си затоа што си одбил да кренеш оружје против Алжирци.“ Ме почитуваше поради мојот став.

Зајакнат да издржам други искушенија

Здравјето ми се влоши. Добив туберкулоза и бев испратен во санаториум на југот на Франција, каде што со месеци не станав од кревет. Лекарот ми предложи да ми направат операција и да ми го извадат заболениот бел дроб, и јас се согласив но под услов да ‚се воздржам од крв‘ (Дела 15:29). Тој се налути и одби да ме оперира. Тогаш, веќе шест години бев во затвор.

Морав да си заминам од санаториумот на сред зима, облечен само во она што го носев на себе. Но, како што Јехова го испратил Онисифор да му помогне на апостол Павле, сега ми прати помошник и мене — брат Адолф Гаратони, кој ме прими кај себе и ‚ме зајакна‘ (Колошаните 4:11; 2. Тимотеј 1:16-18). Со негова помош и со помош на еден лекар во јужна Франција, здравјето полека ми се подобруваше.

Во тоа време, имав големи трошоци и морав да најдам пари за да ги покријам. Не бев сигурен како ќе успеам во тоа. Тогаш, кај мене дојде една непозната личност. „Јас сум адвокат“, ми рече. „Претседателот на Алжир, г-н Бен Бела, ме испрати да Ви го дадам ова.“ Ми даде еден плик во кој имаше и повеќе од доволно пари за да си ги покријам трошоците. Од сѐ срце му се заблагодарив на Јехова, оној „што ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2).

Прекрасна служба и убава партнерка

Откако излегов од затвор повторно почнав со полновремена служба. Во собранието Мелен, во близина на Париз, запознав една 35-годишна вдовица, Андре Морел. Нејзиниот прв сопруг, кој исто така бил Сведок, загинал во сообраќајна несреќа. Се венчавме на 26 септември 1964 година. На 1 август 1965 година, добивме задача да служиме како специјални пионери. Иако Андре немаше добро здравје, 28 години помина во полновремената служба!

Во 1967 година, бев назначен за покраински надгледник, патувачки слуга кој ги посетува и ги охрабрува собранијата на Јеховините сведоци. Служевме во јужна Франција, од Бордо до Монако, и една година во Париз. Поради нашето здравје, патувачката служба не беше лесна, но со помош од Јехова, им служевме на браќата 20 години, до 1986 година, кога повторно станавме специјални пионери.

Мојот живот денес

Сега имам речиси 70 години и постојано гледам дека Јехова секогаш им дава сила на своите слуги да издржат разни искушенија. Се разбира, дел од таа сила добивам кога ја проучуваме неговата вдахновена Реч, која секоја година се трудам да ја прочитам од почеток до крај (Исаија 40:28-31; Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16).

Јас и Андре сме охрабрени кога ќе видиме дека луѓето реагираат на добрата вест и му го заветуваат својот живот на Јехова. Да, низ годините, видовме како 70 лица со кои ја проучувавме Библијата го направија токму тоа, со што ни донесоа неизмерна и вечна радост. Кога размислувам за нашиот живот, ми се чини како псалмистот да зборувал за нас кога напишал: „Овој страдалник повика, и Јехова го слушна. Од сите негови неволји го спаси“ (Псалм 34:6).

[Слика на страница 21]

Во затвор во Шато де Туркан, во близина на Сомур

[Слики на страница 23]

Со мојата сопруга во 1967 година и денес