Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Бојадисување — некогаш и денес

Бојадисување — некогаш и денес

Бојадисување — некогаш и денес

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА

ДАЛИ си забележал дека боите влијаат врз нашите емоции? Затоа, не е чудо што луѓето одамна решиле да прават ткаенини во различни бои, и тоа го постигнале со процесот на бојадисување.

Кога купуваме облека или мебел, или купуваме ткаенини за да сошиеме облека или за тапацирање, не сакаме тие да ја изгубат бојата или да избледат. За да дознаеме кои постапки се потребни за ткаенините да добијат трајна боја и како се развиле традиционалните методи на бојадисување, го посетивме Музејот за бои на Здружението на бојаџии и колористи во Бредфорд (северна Англија). * Таму видовме примероци од некои необични супстанции кои се користеле за бојадисување низ вековите.

Бои што се користеле во минатото

Сѐ до втората половина на 19 век, сите супстанции што се користеле да се бојадисуваат ткаенини биле природни и се добивале од растенија, инсекти или од ракови и школки. На пример, од растението српица се добивала сина боја (1)‚ од растението жолтеникава резеда се добивала жолта боја (2)‚ а од броштот, односно броќот, се добивала црвена боја. Црната боја се добивала од дрвото хематоксилон, а од еден вид лишај, Roccella tinctoria, се добивала виолетова боја. Од мекотелецот мурекс се добивала многу скапата пурпурна боја, позната како тирски, или царски, пурпур (3). Со оваа боја ги бојадисувале облеките на римските цареви.

Долго пред римските цареви, угледните и богати луѓе носеле облека бојадисана со природни супстанции (Естира 8:15). На пример, црвените бои се добивале од женките на хермесните вошки (4). По сѐ изгледа, од нив се добивала светлоцрвената боја која се користела за опремата во светиот шатор во Израел, како и за облеката на првосвештеникот (2. Мојсеева 28:5; 36:8).

Постапки за бојадисување

Од експонатите во Музејот за бои може да се види дека повеќето постапки за бојадисување не се состојат само од потопување на преѓа или ткаенина во раствор со боја, туку се далеку посложени. Во повеќето случаи, во една фаза од бојадисувањето се користи хемиска супстанција која ја впиваат и ткаенината и бојата. Во оваа фаза, бојата се сврзува со ткаенината и повеќе не се раствора во вода. За оваа цел се користат најразлични супстанции, а некои од нив се опасни за ракување.

При некои постапки за бојадисување се создаваат непријатни мириси. Една од нив е долгата и сложена постапка што се користела за производство на таканаречената турска црвена боја. Со неа се бојадисувал памук кој станувал јарко црвен и не избелувал на сонце, при перење или со белење. Едно време, оваа постапка се состоела од 38 фази и траела и до четири месеци! Некои од најубавите ткаенини изложени во музејот се обоени со турска црвена боја (5).

Појавата на вештачки бои

Се смета дека првата боја добиена по вештачки пат ја измислил Вилијам Хенри Перкин во 1856 год. На еден од експонатите е објаснето како Перкин ја открил светлата пурпурна боја. До крајот на 19 век, биле добиени многу други сјајни синтетички бои. Денес се произведуваат над 8.000 видови вештачки бои (6). Единствените природни бои што сѐ уште се употребуваат се бојата од дрвото хематоксилон, како и црвената боја која се добива од штитести вошки, наречена кошинел.

Во Галеријата за бои и текстил при Музејот за бои се објаснети специјалните постапки со кои денес се бојадисуваат синтетички материјали, како што е вештачката свила. Вискозата, најпопуларниот вид вештачка свила што се користи денес, првпат била произведена за широк пазар во 1905 год. Бидејќи таа има сличен хемиски состав како памукот, можела да биде бојадисана со повеќето од боите достапни во тоа време. Сепак, морало да се произведат неколку нови видови бои со кои можат да се бојадисуваат посовремените синтетички материјали како што се вештачките свили, полиестерот, најлонот и акрилот.

Добивање на трајни бои

Кога купуваме облека или ткаенина, сакаме тие да не избледуваат. Сепак, повеќето ткаенини избледуваат од сонцето или од постојаното перење, особено ако се користат детергенти. Понекогаш ткаенините можат да ја променат бојата поради потење, или кога се перат со друга облека. Колку перења ќе издржи бојата зависи од тоа колку цврсто молекулите на бојата се сврзани со влакната на ткаенината. Постојаното перење и детергентите кои се наменети за отстранување дамки, ја одделуваат фарбата од влакната и така се губи бојата. Производителите на фарби ги тестираат своите производи за да видат дали сонцето, перењето, детергентите и потењето влијаат врз бојата во рамките на дозволените граници.

Нашата обиколка ни помогна да станеме посвесни за тоа од какви ткаенини е направена нашата облека. Но, особено научивме многу за добро смислените постапки што се користат за нашата облека да има трајна боја, и покрај честото перење.

[Фуснота]

^ пас. 4 Ова здружение се занимава со научно истражување на боите.

[Извор на слика на страница 24]

Фотографии 1-4: Со љубезна дозвола на Музејот за бои во Бредфорд (www.colour-experience.org)

[Извори на слики на страница 25]

Фотографија 5: Со љубезна дозвола на Музејот за бои во Бредфорд (www.colour-experience.org); фотографија 6: Clariant International Ltd., Швајцарија