Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Величествен монолит

Величествен монолит

Величествен монолит

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КАНАДА

СО ВЕКОВИ стоел како веродостоен патоказ за рибарите и за морепловците. Поетите, писателите и уметниците му подариле бесмртност. А една енциклопедија го опишува како „таинствен и фасцинантен“. Долга околу 430 метри, широка околу 90 метри и висока над 88 метри, карпата Персе се издига величествено на источниот врв на полуостровот Гаспе, среде светкавите сини води на Атлантскиот Океан, во заливот Св. Лоренс.

Порано смелите мештани се искачувале по оваа стрмна карпа за да соберат јајца од птичјите гнезда. Но, со цел да се зачува и да се заштити овој монолит, како и птиците што бараат засолниште во неговите висови, во 1985 год. владата на Квебек му даде статус на резерват за птици — и на монолитот Персе, и на блискиот остров Бонавентура. На островот Бонавентура се наоѓа втората по големина колонија во светот каде што се размножува северната блуна.

Некои тврдат дека многу одамна монолитот Персе бил поврзан со копното и дека можеби имал четири лака. Но, денес постои само еден лак — широк повеќе од 30 метри — во делот од карпата кој гледа на отворено море. Кога има осека, до оваа карпа може да се стигне од копното по еден песочен премин. Во тој период од околу четири часа, оние со храбри срца одат пешки до подножјето на карпата, од каде што, по 15-тина минути шлапкање и тетеравење низ водата околу неа, се стигнува до лакот.

За тие авантуристи, едно предупредување. Еден посетител, кој успеал да стигне газејќи по камените плочи до местото каде што се наоѓа лакот, раскажува: „На секои неколку минути се слуша како се одронуваат камења и паѓаат во морето со застрашувачки звук, како да се мали бомби. Некои камења паѓаат еден врз друг и звучат како истрели од пиштол.

Како што забележале повеќето посетители, монолитот Персе може да се пофали со убавина која остава без здив. Но, тој е само една од многуте величествени глетки што може да се видат на нашава прекрасна планета. Колку бројни и разновидни се тие! Кога ги гледаш, можеби и ти си поттикнат да ‚застанеш и да размислиш за Божјите чудесни дела‘ (Јов 37:14).

[Извор на слика на страница 23]

© Mike Grandmaison Photography