Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто паѓам во несвест?

Зошто паѓам во несвест?

Зошто паѓам во несвест?

Лекарот сакаше да ми го измери очниот притисок — постапка при која го допира очното јаболко со еден инструмент. Знаев што ќе се случи. Секогаш е така. Истото ми се случува и кога медицинската сестра ме боцка за да ми земе крв. Понекогаш и кога само зборувам за повреди, ми се случува истата работа — се онесвестувам.

Според еден извештај од Британија, околу 3 отсто од нас честопати се онесвестуваат во некоја од ситуациите што ги наведовме погоре. Ако и тебе ти се случува вакво нешто, можеби се трудиш на некој начин да го спречиш, но залудно. Можеби си се обидел да отидеш во тоалетот за да не се онесвестиш пред сите. Но, тоа не е баш добра идеја. Може да се онесвестиш ненадејно додека одиш кон тоалетот и да се повредиш. Бидејќи мене често ми се случуваше да паднам во несвест, решив да испитам која е причината за ова.

Откако разговарав со еден услужлив лекар и побарав информации во неколку книги, открив дека овие напади се нарекуваат вазовагусна реакција. * Се смета дека е нарушување во работата на еден систем во организмот кој го регулира дотокот на крвта како, на пример, кога ја менуваш положбата од седење во стоење.

Во некои околности, кога можеби ќе видиш крв или си на преглед за очите, твојот автономен нервен систем реагира како да лежиш, иако ти всушност седиш или стоиш. Обично во почетокот срцето забрзано ти чука затоа што си вознемирен. Потоа пулсот нагло ти забавува и крвните садови во твоите нозе се шират. Како последица од ова, дотокот на крв се зголемува во нозете, а се намалува во главата. Бидејќи на мозокот му недостасува кислород, ти паѓаш во несвест. Како би можел да го спречиш ова?

Би можел да го свртиш погледот на друга страна кога ти земаат крв, или да легнеш на кревет. Како што спомнавме, честопати може да се препознае кога ќе дојде до вазовагусна реакција. Затоа, обично има време нешто да сториш пред да се онесвестиш. Многу лекари препорачуваат да легнеш и да ги кренеш нозете потпирајќи ги на стол или на ѕид. Ова спречува сета крв да ти отиде во нив, и така ќе можеш да спречиш потполно да се изгубиш. Веројатно ќе се чувствуваш подобро за само неколку минути.

Ако овие информации ти помогнат како што ми помогнаа мене, ќе успееш да ги препознаеш знаците на можна вазовагусна реакција. Така ќе можеш веднаш да преземеш нешто за да ја спречиш. (Приложено.)

[Фуснота]

^ пас. 4 „Вазовагусно“ се однесува на дејството врз крвните садови на еден долг нерв наречен вагус. Овој збор потекнува од латинскиот збор вагус, што значи „кривулест“.

[Истакната мисла на страница 28]

Можеби ќе ти биде подобро ако лежиш во текот на некоја медицинска постапка