Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто секогаш ме споредуваат со другите?

Зошто секогаш ме споредуваат со другите?

Младите прашуваат...

Зошто секогаш ме споредуваат со другите?

„Многу ме нервира кога родителите или професорите ме споредуваат со другите“(Марија). *

„Кога ме споредуваат со други, мислам дека не сум доволно добра. Јас и без тоа сакам да бидам како оној со кого ме споредуваат“ (Ани).

НА УЧИЛИШТЕ, професорот ти префрла дека не ти оди толку добро математика како на некој твој соученик. Дома родителот те кара затоа што не си уреден како сестра ти. Некој ти вели: „Мајка ти беше многу убава на твои години!“ Звучи како зајадлива забелешка што те тера да се прашаш дали тој што ти ја дал мисли дека мајка ти била убава, а ти си грда. Просто ти доаѓа да викнеш: „Не можат ли луѓето еднаш да ме видат мене? Зошто секогаш мора да ме споредуваат со некој друг?“

Зошто толку боли кога некој нѐ споредува со другите? Има ли воопшто нешто добро во тоа? Како може да ти биде полесно кога те споредуваат со некого?

Зошто споредувањето боли?

Една причина зошто споредувањето боли е тоа што понекогаш тој што те споредува ќе те погоди во некоја болна точка. Всушност, можеби ти веќе си го помислил она што тој сега го кажува гласно. На пример, Беки признава: „Ги гледав омилените фаци на училиште и си мислев: ‚Да бев и јас како нив, сите ќе ме сакаа‘“.

Што ги предизвикува овие чувства на несигурност? Па, размисли за она што ти се случува во физички, емоционален и ментален поглед. Можеби твоето тело доживува брзи промени. Односите со родителите веќе не ти се толку едноставни. Веројатно и твојот став кон спротивниот пол драстично се променил. Затоа можеби се прашуваш: ‚Дали се развивам нормално?‘

Можеби си мислиш дека единствен начин да го дознаеш одговорот е да се споредиш со другите млади што минуваат низ истите промени. И токму тоа е стапицата! Ако ти се чини дека ним подобро им оди од тебе, се чувствуваш несигурно. Тогаш, кога некој возрасен ќе рече: ‚Зошто не си како тој-и-тој?‘, можеби се чувствуваш како да ти го потврдил она од кое најмногу се плашиш — дека не си нормален!

Ани посочува на уште една причина зошто споредувањето знае да боли. Таа вели: „Кога луѓето те споредуваат со некој друг, особено со некој што ти е близок, кај тебе може да се јави љубомора и огорченост“. Марија знае добро како е да се бориш со такви чувства. Се чини дека нејзините родители и професори постојано ја споредуваат со нејзината постара сестра. „Ми кажуваат што сѐ направила таа кога била на мои години“, вели Марија. Како се чувствува Марија поради ова? „Се чувствувам како да треба да се натпреварувам со сестра ми. Некогаш дури ја мразам.“

Споредувањето навистина може да има лоши последици. Забележи што се случило со најдобрите пријатели на Исус. Последната вечер пред Исусовата смрт, меѓу апостолите ‚настанала препирка‘. Зошто? Всушност, тие се споредувале еден со друг и се расправале „кој од нив би можел да биде најголем“ (Лука 22:24). Нема збор, понекогаш споредувањето може да биде штетно. Но, дали секогаш е погрешно да нѐ споредуваат со некој друг?

Добрата страна на споредувањето

Размисли за младиот Даниел и за неговите тројца еврејски пријатели, за кои зборува Библијата. Овие младичи не сакале да јадат од избраните јадења на вавилонскиот цар кои биле забранети со Божјиот закон (3. Мојсеева 11:4-8). За да го убеди својот чувар да им помогне, Даниел му предложил да ги испита. Побарал од чуварот да им дозволи десет дена да јадат храна која ја дозволувал Божјот закон, а потоа да ги спореди со другите млади на царскиот двор. Каков бил резултатот?

Библијата објаснува: „По десет дена нивните лица беа поубави и пополни од лицата на сите други момчиња што јадеа од избраните царски јадења“ (Даниел 1:6-16). Забележи дека исходот не бил добар затоа што Даниел и неговите пријатели биле сами по себе подобри од другите млади. Напротив, тоа било така главно затоа што младите Евреи решиле да бидат послушни на законите што Бог му ги дал на својот народ.

Дали си и ти во ситуација слична на онаа во која се нашле овие млади Евреи? Ако живееш според библиските морални начела, ти се разликуваш од другите млади. Некои луѓе што ќе ги видат тие разлики можеби ќе се чудат и ќе „зборуваат срамно“ за тебе (1. Петрово 4:3, 4). Но, ќе има и такви што ќе ги видат добрите резултати од твоето убаво однесување и можеби дури ќе посакаат да дознаат нешто повеќе за Јехова (1. Петрово 2:12). Во таков случај е добро што те споредувале со другите.

Има и друга корист од споредувањето. На пример, можеби ти си мислиш дека доволно работиш низ дома — барем кога се споредуваш со брат ти или сестра ти. Но, можеби твоите родители не го мислат истото. За да ти помогнат да го исправиш своето размислување, тие можеби ќе ти посочат некој пример од Библијата и ќе те замолат да ги споредиш својот став и постапки со ставот и постапките на таа библиска личност.

На пример, може да те потсетат дека, иако бил наречен Господар и Учител, Исус спремно им ги измил нозете на своите ученици (Јован 13:12-15). Потоа можеби ќе те поттикнат и ти да бидеш понизен и вреден како Исус. Всушност, Библијата ги поттикнува сите христијани, и млади и стари, постојано да се споредуваат со Христос и да се трудат ‚во сѐ да одат по неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21). Ваквото споредување ќе ни помогне да останеме понизни и да развиваме особини што му се допаѓаат на Јехова.

Како да се справиш со негативните споредби

Се разбира, може да се изнервираш и да се обесхрабриш кога негативно те споредуваат со брат ти или со сестра ти, или пак, со некој твој врсник. Како да се справиш со ова? „Разбирањето го спречува човекот да се гневи“, рекол мудриот цар Соломон (Изреки 19:11). Како може разбирањето да ти помогне? Иако можеби не мислиш така, веројатно оној што те споредува — на пример, родителот или професорот — го прави тоа со најдобра намера. Кети вели: „Кога некој ме споредува со другите, се прашувам: ‚На кој начин сака да ми помогне?‘“ Кети сфатила дека, кога гледа позитивно на оваа работа, тоа ѝ помага да не се обесхрабри и да не се лути.

Но, што ако си мислиш дека тебе постојано те споредуваат со другите? На пример, можеби ти се чини дека мајка ти или татко ти секогаш те споредува на негативен начин со твојот брат или сестра. Тогаш не би било лошо да разговараш со нив и со почит да им објасниш какви чувства предизвикува тоа споредување кај тебе. Можеби тие не се свесни колку негативно влијае врз тебе тоа што те споредуваат со другите.

Меѓутоа, не заборавај дека има „време за зборување“, но и „време за молчење“ (Проповедник 3:7). Наместо да избувнеш од лутина кога следниот пат некој ќе те спореди со некого, почекај прво да се смириш, па потоа зборувај со родителот или со оној што ја кажал негативната споредба. Ако постапиш така, твоите зборови ќе имаат многу подобар ефект (Изреки 16:23).

Честопати можеш да ја намалиш болката што ја предизвикува негативното споредување ако си свесен за своите јаки страни. Апостол Павле му рекол на Тимотеј: „Никој нека не те потценува поради твојата младост“ (1. Тимотеј 4:12). Тимотеј бил релативно млад кога бил именуван да служи како христијански надгледник. Од таа причина можеби некои го споредувале со другите мажи кои биле постари и поискусни, и го претставувале во лошо светло. Но, таквите негативни споредби биле неосновани. Иако бил млад, Тимотеј стекнал доста големо искуство додека патувал со Павле. Научил делотворно да ја користи Божјата реч и искрено се грижел за своите духовни браќа и сестри (1. Коринќаните 4:17; Филипјаните 2:19, 20).

Затоа, кога следниот пат ќе бидеш мета на некоја негативна споредба, прашај се: ‚Дали оваа критика е на место?‘ Ако има вистина во она што некој ти го рекол, обиди се да научиш нешто од тоа. Но, ако споредбата е општа — на пример, од типот „Зошто не си како брат ти?“ — обиди се да гледаш на неа објективно. Дај сѐ од себе за да извлечеш поука од неа.

Јехова Бог не ја оценува твојата вредност така што те споредува со некој друг несовршен човек (Галатите 6:4). Тој гледа зад надворешниот изглед и сфаќа каков си во срцето (1. Самоилова 16:7). Всушност, Јехова не гледа само каква личност си сега туку и каков се трудиш да бидеш (Евреите 4:12, 13). Тој не очекува да не грешиш и го бара доброто кај тебе (Псалм 130:3, 4). Самото тоа што ги знаеш овие факти ќе ти помогне да ти биде полесно кога те споредуваат со другите.

[Фуснота]

^ пас. 3 Имињата се сменети.

ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

◼ Какви споредби обично те нервираат?

◼ Ако родителите постојано те споредуваат со некого, како ќе се справиш со тоа?

[Истакната мисла на страница 12]

„Наместо да ми спомне нечие име и да ми каже ‚Треба да си како тој-и-тој‘, би ми било многу полесно оној што ме советува прво да ги пофали моите добри страни, а потоа љубезно да ми помогне да увидам каде грешам“ (Натали).

[Слика на страница 13]

Можеби би било добро со почит да објасниш како се чувствуваш кога некој те споредува со другите