Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каде оди овој свет?

Каде оди овој свет?

Каде оди овој свет?

БИБЛИЈАТА го прорекла денешниов морален распад уште многу одамна, опишувајќи го со следниве зборови: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари... непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите... сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог, и на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“ (2. Тимотеј 3:1-5).

Можеби ќе се согласиш дека ова библиско пророштво претставува точен опис на светот во кој живееме денес. А било запишано пред речиси 2.000 години! Пророштвото започнува со зборовите: „Во последните денови“. Што значи изразот „последните денови“?

‚Последни денови‘ на што?

Изразот „последните денови“ денес се користи многу често. Тој е дел од насловот на стотици книги, и тоа пишувани само на англиски јазик. Да видиме, на пример, што стои во една неодамна објавена книга со наслов Последните денови на невиноста — Америка во војна, 1917/1918 (The Last Days of Innocence —America at War, 1917-1918). Во предговорот е јасно наведено дека, кога во книгата се користи изразот „последните денови“, се мисли на еден конкретен период во кој дошло до огромен пад на моралот.

Во предговорот се објаснува: „Во 1914 год., земјата доживеа поголеми и побрзи промени од кога и да било порано во историјата“. И навистина, во 1914 год., светот го зафати една светска војна каква што немало никогаш порано. Книгата вели: „Ова беше тотална војна во која не се судри војска со војска, туку народ со народ“. Како што ќе видиме, оваа војна избувна на самиот почеток од периодот што Библијата го нарекува „последните денови“.

Библијата учи дека, пред конечно да му дојде крајот на овој свет, луѓето ќе живеат во еден специфичен период, кој е наречен „последните денови“. Таа вели дека и порано постоел еден свет на кој му бил ставен крај: „Тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода“. Кога се случило ова, и кој е светот кој бил уништен? Тоа бил древниот ‚безбожен свет‘ што постоел во времето на Ное. Слично нешто ќе се случи и со денешниов свет — и него го чека крај. Сепак, оние што му служат на Бог ќе го преживеат тој крај, исто како што преживеале Ное и неговото семејство (2. Петрово 2:5; 3:6; 1. Мојсеева 7:21-24; 1. Јованово 2:17).

Што кажал Исус за крајот

Исус Христос исто така зборувал за „деновите на Ное“, за времето кога ‚дошол потопот и ги однел сите‘. Тој ги споредил условите што постоеле пред Потопот — токму пред крајот на тој свет — со условите што ќе преовладуваат во времето кое тој го нарекол ‚свршеток на овој поредок‘ (Матеј 24:3, 37-39). Некои други преводи на Библијата овде го користат изразот „свршетокот на светот“ или „свршетокот на векот“ (Превод на МПЦ, Д-р Душан Константинов).

Исус прорекол каков ќе биде животот на Земјата пред да дојде крајот на овој свет. Во врска со војните, Исус рекол: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство“. Историчарите забележуваат дека ова се исполнува од 1914 год. наваму. Затоа, во предговорот на гореспоменатата книга се вели дека 1914 год. го одбележала почетокот на една „тотална војна во која не се судри војска со војска, туку народ со народ“.

Во своето пророштво, Исус го додал и следново: „Ќе има глад и земјотреси на разни места. Сето ова е почеток на болните неволји“. Потоа рекол дека, меѓу другото, и „беззаконието ќе се зголеми“ (Матеј 24:7-14). Нема сомнение, ние гледаме како сето ова се случува во нашево време. Страшниот пад на моралот денес е јасен знак дека се исполнува ова библиско пророштво!

Како треба да живееме во ова време на морална расипаност? Забележи што им напишал апостол Павле на христијаните во Рим во врска со моралниот распад. Тој укажал на ‚срамните сексуални страсти‘ кои преовладуваат кај луѓето, велејќи: „Нивните жени ги заменија природните односи со противприродни, а така и мажите ги оставија природните односи со жената и во својата страст се распалија едни по други, па мажи со мажи го прават она што е срамотно“ (Римјаните 1:26, 27).

Историчарите велат дека, додека човечкото општество во тоа време сѐ повеќе тонело во морална расипаност, „побожноста и пристојното однесување на малите христијански заедници го вознемирувале паганскиот свет кој бил луд по задоволства“. Ова треба да нѐ натера да застанеме и да се прашаме: „Како е со мене и со оние со кои јас избирам да се дружам? Дали се издвојуваме како поинакви, како морално чесни личности за разлика од оние што немаат никаков морал?“ (1. Петрово 4:3, 4).

Битка што ја водиме

Библијата нѐ поучува дека, и покрај неморалот што нѐ опкружува, ние треба да останеме „беспрекорни и недолжни, Божји деца, неизвалкани среде еден расипан и изопачен род“. За да бидеме такви, мора ‚цврсто да се држиме за речта на животот‘ (Филипјаните 2:15, 16). Во последнава изјава е даден клучот за тоа како христијаните можат да останат неизвалкани од моралната расипаност — треба да се држат цврсто за учењата од Божјата реч и да се сложат дека нејзините морални мерила придонесуваат за најдобар начин на живот.

„Богот на овој свет“, Сатана Ѓаволот, се обидува да ги придобие срцата на луѓето (2. Коринќаните 4:4). Според Библијата, тој „се преправа дека е ангел на светлината“. Истото го прават и неговите слуги, оние што му служат така што постапуваат исто како него (2. Коринќаните 11:14, 15). Тие ветуваат слобода и забава, но, како што вели Библијата, и „самите се робови на расипаноста“ (2. Петрово 2:19).

Немој да се залажуваш. Оние што не им обрнуваат внимание на Божјите морални мерила ќе сносат тешки последици. Библискиот псалмист напишал: „Спасението е далеку од злите, зашто не ги бараат [Божјите] уредби“ (Псалм 119:155; Изреки 5:22, 23). Дали сме уверени во ова? Ако да, тогаш да ги заштитиме нашите умови и срца од пропагандата на оние што се залагаат за попустлив морал.

Меѓутоа, мнозина немудро си велат: ‚Ако она што го правам не е против законот, тогаш е во ред‘. Но, не е така. Нашиот небесен Татко со љубов дава морално водство за да те заштити, а не за да ти го направи животот досаден и да те ограничи. Тој „те учи да го правиш она што е за твое добро“ — сака да те чува од проблеми и сака да бидеш среќен во животот. Всушност, Библијата учи дека, служењето на Бог „ветува живот — сегашен и иден“. Тоа е „вистинскиот живот“, вечен живот во неговиот ветен нов свет! (Исаија 48:17, 18; 1. Тимотеј 4:8; 6:19).

Затоа, спореди ги користите од послушноста на библиските учења со болката што на крајот ја чувствуваат сите оние што не им се послушни. Ако ја придобиеме Божјата љубов со тоа што ќе го слушаме, навистина ќе имаме најдобар можен живот! Бог ветува: „Кој ме слуша мене, ќе биде спокоен и ќе живее мирно, и нема да се плаши од зло“ (Изреки 1:33).

Општество со висок морал

Библијата вели дека, кога овој свет ќе помине, „злиот ќе го снема“. Исто така, вели: „Праведниците ќе живеат на земјата и непорочните ќе останат на неа“ (Псалм 37:10, 11; Изреки 2:20-22). Значи, Земјата ќе биде исчистена од сите остатоци на неморалот, како и од луѓето што одбиваат да живеат според корисните поуки на нашиот Творец. Потоа, оние што го сакаат Бог постепено ќе ја претворат целата Земја во рај, сличен на оној во кој Бог ја ставил првата човечка двојка (1. Мојсеева 2:7-9).

Замисли какво уживање ќе биде да се живее на таа исчистена Земја со рајска убавина. Меѓу оние што ќе имаат чест да ја видат ќе бидат и милијарди лица што ќе воскреснат од мртвите. Затоа, радувај се на Божјите ветувања: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“. „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Псалм 37:29; Откровение 21:3, 4).

[Истакната мисла на страница 9]

Кога му дошол крајот на еден свет, преживеале луѓето што се плашеле од Бог

[Слика на страница 10]

Откако ќе биде уништен овој свет, Земјата ќе стане рај