Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нешто многу потрајно од уметноста

Нешто многу потрајно од уметноста

Нешто многу потрајно од уметноста

Раскажала Ракел Коивисто

Во 1950 год., мојот концепт за споменик на загинатите во Втората светска војна победи на еден државен натпревар. Следната година, кога мојот голем гранитен споменик беше свечено откриен во Тусула (Финска), јас не бев таму. Да ви објаснам зошто.

РОДЕНА сум во 1917 год., како најмала во семејство со осум деца, во едно селце во јужна Финска. Иако бевме сиромашни, бев среќна и се чувствував безбедно. Моите родители беа разумни и богобојазливи луѓе, и нѐ поучија да ги цениме духовните работи. Татко ми имаше купено една Библија која сите многу ја ценевме.

Како дете, имав обичај да правам мали статуи од дрво. Роднините мислеа дека тие статуи се нешто посебно и ме поттикнаа да се запишам на уметност. Тоа и го сторив — се запишав на факултетот за индустриска уметност во Хелсинки. Јас, едно обично селанче, бев фасцинирана од оваа престижна школа, која беше средиште на финската уметност, и целосно ѝ се посветив. Кога дипломирав во 1947 год., бев уверена дека можам да оставам нешто со трајна вредност во овој свет.

Пресвртница

Потоа моите цели нагло се сменија. Еден ден, мојата сестра Ауне дојде кај мене и возбудено извика: „Ја најдов вистината!“ Некој ѝ ја дал книгата „Нека Бог биде вистинит“ (“Let God Be True”), која ја издаваа Јеховините сведоци. Јас воопшто не бев импресионирана. Нешто подоцна ја забележав истата книга и кај една поранешна колешка од факултет. Кога почнав да зборувам со потценување за книгата, таа остро ми одврати: „Немој да се смееш! Оваа книга ќе ти помогне да ја разбереш Библијата“. Ја набавив таа книга и ја прочитав речиси во еден здив. И, навистина веќе не ми беше смешно. Всушност, се уверив дека Сведоците ја имаат вистината. Освен тоа, сфатив дека Јехова Бог ми нуди нешто што уметноста не можеше да ми го понуди — вечен живот.

Кога првпат се запознав со Сведоците, тие не ме поканија на состанок. Затоа си помислив дека состаноците се само за членовите. Сепак, решив да прашам дали би можела и јас да дојдам. Бев пресреќна кога дознав дека на состаноците може да доаѓа кој сака. Тие ја зајакнаа мојата вера, и јас решив да му го посветам својот живот на Јехова. Оваа одлука ја покажав јавно на 19 ноември 1950 год., кога се крстив заедно со мојата сестра. На наша голема радост, со текот на времето, четирите други сестри, како и нашите драги родители, исто така станаа Сведоци.

Каква кариера да изберам?

Додека ја проучував Библијата со Сведоците, напредував и во мојата уметничка кариера. Откако дипломирав на факултетот за уметност, работев како асистент на професорот по вајарство. Потоа, како што спомнав во почетокот, мојот концепт за споменик на загинатите во Втората светска војна победи на државниот натпревар. Предложив да се вика „Патот на оние што не се вратија“, во склад со моето изменето гледиште за војната (Исаија 2:4; Матеј 26:52). Кога оваа статуа — висока околу 5 метри — беше свечено откриена, јас не бев присутна бидејќи ова откривање беше проследено со патриотска церемонија, која не беше во склад со моите библиски уверувања.

Како што мојот углед на уметник сѐ повеќе растеше, станував позната и ми беа понудени многу добри работни места. Но, размислував сериозно за тоа што ми е најважно во животот. Иако си ја сакав работата, мојата желба да им помагам на другите во духовен поглед беше многу посилна. Од таа причина, во 1953 год. почнав да служам како пионер (назив за полновремените проповедници кај Јеховините сведоци).

Понекогаш некој ќе кажеше дека мојот талент ќе остане неискористен. Но, мене ми беше јасно дека секој личен дострел што можев да го постигнам како вајар, ќе биде само привремено. Дури и спомениците од гранит со текот на времето пропаѓаат. Но, како пионер, можев да искористам најголем дел од времето за да им помагам на другите да тргнат по патот што води во вечен живот (Јован 17:3). Сепак, не престанав целосно со вајарството. Одвреме-навреме правев мали статуи за своја душа и ги продавав за да се издржувам.

Преселба на село

Во 1957 год., по четири години пионерска служба во Хелсинки, подружницата на Јеховините сведоци во Финска ме додели да служам во Јаласјерви, селско подрачје во областа Јужна Остроботнија. Таму требаше да ѝ се придружам на Ања Кето, која беше 17 години помала од мене. Иако не ја познавав Ања, спремно ја прифатив задачата и се преселив кај неа. Бидејќи двете бевме единствените Сведоци на тоа подрачје, скоро секогаш одевме заедно во служба. Наскоро станавме неразделни пријателки.

Оваа преселба во Јаласјерви за мене значеше враќање кон селскиот начин на живот, сличен на животот што го водев 20 години пред тоа, пред да влезам во уметничките кругови во главниот град. Зимите беа особено тешки, а понекогаш моравме да газиме низ снег што беше длабок до половината. Живеевме во мала колиба која воопшто не беше луксузна. Вода црпевме од блискиот извор, а повремено и водата што ја внесувавме внатре смрзнуваше преку ноќ. Но, имавме сѐ што ни беше потребно (1. Тимотеј 6:8). Тоа беа среќни денови, исполнети со активност.

Зафатени со корисни активности

Меѓутоа, во почетокот се чинеше дека залудно се трудиме бидејќи мештаните имаа предрасуди кон нас. За да им помогнеме да разберат какво е нашето дело, решивме да им прикажеме филмови направени од Јеховините сведоци, како што беа Општеството на новиот свет во акција и Среќата на општеството на новиот свет. Овие филмови им помогнаа подобро да нѐ запознаат нас и нашата организација, и да видат дека нашите активности придонесуваат за позитивни промени кај луѓето низ целиот свет. Мнозина доаѓаа да ги гледаат овие филмови.

Во една прилика, Еро Мурајнен, патувачки надгледник на Јеховините сведоци, го пушти филмот Општеството на новиот свет во акција во просторијата на една месна заедница. Салата беше толку полна што едвај најдов место да стојам во најоддалеченото ќоше. Морав да стојам на една нога и тоа потпрена со грбот на ѕид, бидејќи на подот немаше место каде да ја спуштам другата нога. Откако заврши филмот, мнозина ни пријдоа и побараа да ги посетиме.

Користевме и голем касетофон да пуштаме снимени библиски говори на фармите. Еднаш се договоривме со едно семејство да слушаме таков говор во нивната куќа во 19 часот, а ги поканивме и сите други селани да дојдат. Рано тоа утро, тргнавме со нашите велосипеди да проповедаме во едно село оддалечено околу 25 километри, мислејќи дека ќе се вратиме пред да падне вечерта. Но, кога тргнавме да си одиме, видовме дека од дождот патот беше претворен во река кал.

На крајот, на велосипедите се налепи толку многу кал што тркалата не можеа да се вртат, и моравме до дома да ги носиме в раце. Поради сето ова, не можевме да појдеме на закажаното сѐ до доцна таа вечер. Го понесовме тешкиот касетофон и стигнавме таму дури во 22 часот. Бевме скоро сто посто сигурни дека нема да има никој. Но, на наше изненадување, куќата беше преполна со селани кои сѐ уште нѐ чекаа! По предавањето, се разврза жива дискусија. Кога конечно стигнавме дома во ситните утрински часови, бевме мртви уморни, но пресреќни!

Бидејќи селата беа многу оддалечени едно од друго, Сведоците од таа област ни помогнаа да купиме кола — една стара руска марка. Тоа многу ни го олесни проповедањето. Подоцна, нашата кола стана прочуена бидејќи бискупот, при својата посета во таа епархија, им кажал на верниците да не нѐ пуштаат во своите домови. Тој им кажал да внимаваат на две жени со сина кола. Овие предупредувања веднаш имаа силно влијание врз луѓето. Тие сакаа да знаат кои се овие две жени и зошто се толку опасни! Нивната љубопитност водеше до многу добри разговори за Библијата. Навистина се покажаа точни зборовите на Исаија: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“ (Исаија 54:17).

Со време, нашиот труд роди плод. Почнавме да одржуваме седмични состаноци со мала група заинтересирани лица. Нашата група постепено растеше, и во 1962 год. беше оформено собрание од 18 Сведоци, од кои повеќето беа жени. Две години потоа, јас и Ања бевме префрлени во општината Улистаро, во истата област.

Инспирација од околината

На нашата нова задача, уживавме во убавината и спокојот на селскиот предел, но особено ни беа драги луѓето. Повеќето беа гостољубиви и пријателски настроени. Точно, мнозина од нив беа многу побожни и патриоти, и понекогаш луто ќе нѐ одбиеја, но имаше други кои покажуваа големо ценење за Библијата. Многупати кога ќе ја отворевме Библијата, жените престануваа да работат за да слушаат, а мажите ги вадеа шапките, кои инаку им беа како залепени за главата. Понекогаш, кога ја проучувавме Библијата, целото семејство, па дури и соседите седеа и слушаа.

Искрените, чесни луѓе што ги среќавав во службата ми беа инспирација за вајање. Кога имав време, земав малку глина и правев фигури. Бидејќи отсекогаш ме фасцинираа пријатните и хумористичните карактерни црти кај луѓето, правев речиси само човечки фигури. Многу од нив претставуваа жени како работат низ дома. Во врска со моите уметнички дела, во статијата што излезе во едно списание стоеше: „Од нив зрачи топлината на земјата и спокојство, зрачи и хумор и опуштеност... Креативната сила зад овие фигури е срдечната љубов кон луѓето, како и богатите уметнички вештини“. Сепак, внимавав уметноста да не ми стане најважна. Цврсто се држев за мојата одлука полновремено да му служам на Јехова.

Во 1973 год., ми беше понудена работа што во никој случај не можев да ја одбијам. Бев замолена да извајам еден голем релјеф од глина за новата рецепција на финската подружница на Јеховините сведоци во Ванда. Темата избрана за ова дело беше Псалм 96:11-13. Бев пресреќна што можев да ги искористам своите вештини за да го славам Јехова!

Додека служев како пионер, главно се занимавав со уметност за своја душа, па затоа бев изненадена кога во доцните 1970-ти години добив пензија која обично им следува на уметниците. Се разбира, ја ценев таа парична поддршка, но си помислив: ‚Зарем ова е сѐ што ќе добиев како награда ако целиот живот го посветев на уметноста? Само уште некоја пара за да ми се најде на стари години?‘ Колку малку беше тоа во споредба со наградата вечен живот! (1. Тимотеј 6:12).

Назад во градот

Во 1974 год. доживеавме голема промена во животот и во службата. Бевме доделени во Турку, еден голем град. Во тоа време таму се градеа многу нови станови, и поради големиот прилив на луѓе имаше потреба од објавители на Царството. Во почетокот не бевме пресреќни со преселбата во градот. Се чинеше потешко да им се проповеда на градските жители, и многу од нив реагираа рамнодушно. Но, постепено се навикнавме на тоа ново подрачје, и најдовме мнозина што многу ги ценеа библиските вистини.

Низ годините, јас и Ања имавме чест да им помогнеме на повеќе од 40 лица да му го посветат својот живот на Јехова. Каква радост ни носат овие духовни деца! (3. Јованово 4). Во последниве години, здравјето не ме служи баш најдобро, но ја чувствувам уште повеќе помошта од Јехова, а и од мојата мила Ања, со која пионерев толку време (Колошаните 4:11; Псалм 55:22). Мислам дека, кога се запознавме со Ања пред речиси 50 години, ниту една од нас не помислуваше дека цел живот ќе останеме заедно во пионерската служба.

Една позната изрека гласи: „Животот е краток, но уметноста е вечна“. Но, оваа изрека не ми беше мото во животот. Јас се согласувам со она што го рекол апостол Павле во 2. Коринќаните 4:18: „Она што се гледа е привремено, а она што не се гледа е вечно“. Сета радост што ја доживеав како уметник, односно радоста од „она што се гледа“, беше само привремена. Таа во никој случај не може да се спореди со радостите што ми ги донесе службата за Јехова. Освен тоа, таквата радост не носи вечен живот. Многу сум среќна што го посветив својот живот на „она што не се гледа“, т.е. на она што има многу потрајна вредност од уметноста!

[Слика на страница 19]

Работам на мојот гранитен споменик

[Слика на страница 21]

Со Ања (лево) во 1957 год.

[Слика на страница 22]

Со Ања (десно) денес