Од Египет до градовите низ целиот свет
Од Египет до градовите низ целиот свет
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
„ОТПАТУВАЛ далеку од земјата од која потекнува“, се вели во италијанското списание Archeo, „и така станал видлив симбол на големата цивилизација што го создала.“ Такви како него одамна го напуштиле Египет и биле пренесени во градови како што се Истанбул, Лондон, Париз, Рим и Њујорк. Посетителите на Рим можат да видат дека тој ги краси повеќето познати плоштади во градот. За што станува збор? За обелискот!
Обелиск е каменен столб со четири страни, кој постепено се стеснува кон врвот и завршува со шилест дел во форма на пирамида. Најстариот обелиск датира од пред речиси 4.000 години. Но, дури и најновиот е стар околу 2.000 години.
Старите Египќани ги ископувале и ги изработувале обелисците од само едно парче карпа, обично црвен гранит. Потоа ги поставувале пред гробници и храмови. Некои од нив се огромни. Најголемиот обелиск што сѐ уште постои е висок 32 метра и тежок околу 455 тони, а се издига на еден плоштад во Рим. Повеќето од нив се украсени со хиероглифи.
Целта на овие споменици била да го прослават богот-сонце Ра. Тие биле подигани во знак на благодарност за неговата заштита и за победите што им ги давал на египетските владетели, но и со намера да го смилостиват за да ги исполни нивните барања. Се смета дека обликот на обелискот потекнува од обликот на пирамидите. Тие ги претставуваат сончевите зраци кои се спуштаат на Земјата за да ја затоплат и да ѝ дадат светлина.
Освен тоа, обелисци се подигале и во чест на фараоните. Во написите што се изрежани на нив, за различни египетски владетели се вели дека се „љубимци на Ра“ или дека се „убави... како Атум“, кој се сметал за бог на сонцето при заоѓање. Во врска со воените вештини на еден фараон, на еден обелиск пишува: „Тој е моќен како Монту [бог на војната], бик што ги гази земјите на туѓинците и ги убива бунтовниците“.
Првите обелисци биле подигнати во египетскиот град Јуну (библискиот Он), име за кое се мисли дека значи „Град на столбот“, и кое веројатно укажува на самите обелисци. Грците го нарекле овој град Хелиополис, што значи „Град на Сонцето“, бидејќи бил главен центар за обожавање на сонцето во Египет. Грчкото име Хелиополис одговара на хебрејскиот назив Вет-Семес, што значи „Дом на Сонцето“.
Во пророчката библиска книга на Еремија се вели дека ‚ќе бидат испокршени столбовите во Вет-Семес, кој е во египетската земја‘. Ова може да се однесува на обелисците во Хелиополис. Бог го осудил идолопоклоничкото обожавање за кое биле користени тие (Еремија 43:10-13).
Ископување и пренесување
Од најголемиот од овие споменици дознаваме како биле правени обелисците. Тој сѐ уште лежи напуштен во близина на Асуан (Египет), каде што бил ископан. Откако ќе избереле соодветен каменен слој и ќе го израмнеле, работниците копале ровови околу карпата од која што требало да се изработи обелиск. Под неа ископувале премини и во нив ставале греди, сѐ додека долната страна не била ослободена. Потоа ова парче карпа, кое тежело околу 1.170 тони — потешко од кој и да било друг каменен блок ископан од древните Египќани — требало да биде одвлечено до Нил и да биде пренесено со товарен сплав по реката до својата цел.
Сепак, на крајот, овој обелиск од Асуан бил напуштен кога работниците сфатиле дека е непоправливо испукан. Да бил завршен, тој ќе бил висок 42 метра, а основата ќе му била 16 квадратни метри. Сѐ уште не се знае како обелисците биле подигани во исправена положба.
Од Египет до Рим
Во 30 год. пр.н.е., Египет станал римска провинција. Со оглед на тоа што многу римски императори
сакале да ја украсат престолнината со споменици на кои сите ќе им се восхитуваат, во Рим биле пренесени дури 50 обелисци. За да се пренесат, морале да се направат специјални огромни бродови наменети само за таа цел. Откако биле донесени во Рим, обелисците и понатаму биле тесно поврзани со обожавањето на сонцето.Кога Римското Царство пропаднало, Рим бил опљачкан. Повеќето обелисци биле соборени и останале да лежат во заборав. Но, разни папи пројавиле интерес повторно да ги подигнат обелисците што биле извадени од урнатините на древниот град. Римокатоличката црква признава дека обелисците му биле „посветени на сонцето од страна на египетскиот цар“ и дека во минатото „им носеле суетна слава на богохулните пагански храмови“.
Повторното поставување на првите обелисци за време на владеењето на папата Сикст V (1585-1590) било проследено со истерување на духови и со благослови, како и со попрскување со света вода и горење темјан. „Ги истерувам од тебе злите духови“, пеел бискупот пред обелискот во Ватикан, „за да го понесеш светиот Крст и да се очистиш од сета паганска нечистотија и од сите закани за духовна расипаност.“
Додека туристите ги разгледуваат обелисците што денес стојат низ Рим, веројатно се чудат на генијалноста што била потребна за да се ископаат, да се пренесат и да се подигнат. Можеби исто толку им е чудно што спомениците кои се користеле при обожавање на сонцето, сега го красат градот на папите — навистина необична комбинација!
[Слика на страница 15]
Луксор (Египет)
[Слика на страница 15]
Рим
[Слика на страница 15]
Њујорк
[Слика на страница 15]
Париз