Поглед во светот
Поглед во светот
◼ Во последнава деценија, повеќе од 40 милиони земјоделци во Кина го загубија своето земјиште како резултат на брзата урбанизација (CHINA DAILY, КИНА).
◼ Во 2005 год., во целиот свет се водеа 28 војни и имаше 11 други воени судири (VITAL SIGNS 2006-2007, WORLDWATCH INSTITUTE).
◼ Еден тим од Технолошкиот институт во Токио изведе успешен пробен лет на ултралесно летало со човечки пилот. Леталото тежеше помалку од 55 килограми, а за летање користеше обични батерии. За 59 секунди, овој авион прелета 391 метар (MAINICHI DAILY NEWS, ЈАПОНИЈА).
◼ „Четириесет отсто од машките и 57 отсто од женските“ корисници на Интернет во Холандија на возраст од 12 до 20 години, кои посетиле некоја од таканаречените „блог-страници“ со помош на веб-камера, известиле дека „од нив било побарано да се соблечат или да изведат некој сексуален акт пред веб-камерата“ (RUTGERS NISSO GROEP, ХОЛАНДИЈА).
Може ли да се стане зависник од видеоигри?
„Реакциите во мозокот кај луѓето што претерано играат компјутерски игри се слични на реакциите кај зависниците од алкохол и канабис.“ Ова го изјави психологот Ралф Талеман, раководител на една група за истражување на зависности, во склоп на Универзитетската болница Шаритѐ во Берлин (Германија). Се смета дека стимулацијата од претерано играње компјутерски игри доведува до зголемено лачење на допамин во мозокот на играчот, што кај него создава многу пријатно чувство кое на крајот може да предизвика „зависност“. Според една анкета, ова се случува кај повеќе од 10 отсто од оние што играат видеоигри.
Богатите честопати се „несигурни и вознемирени“
„Милионерите се чувствуваат несигурни и вознемирени“, вели пекиншкиот весник China Daily, откако беше спроведена анкета меѓу лица од источна и јужна Кина, чие богатство во просек изнесува околу 2,2 милијарди јуани (220 милиони евра). Истражувачите што го проучуваа „ставот [на богатите] кон верата, бракот, животот, кариерата и парите“ открија дека „повеќето милионери ги сакаат и ги мразат парите истовремено“. Некои од испитаниците изјавија дека, освен висока положба во општеството и чувство на успех, „парите главно им донеле само нервози“.
Работењето на фарма им помага на душевно болните
Над 100 стручњаци од 14 земји неодамна се состанаа во Ставангер (Норвешка) да дознаат нешто повеќе за таканаречената Зелена нега, концепт за лекување на пациенти со комбинација од работење на фарма, поука и здравствена нега. Според радио-телевизијата НРК, лица кои со години биле душевно болни веќе не морале да лежат во болница откако почнале да работат на некоја фарма. Ваквото работење е „здраво и за умот и за телото“. Повеќе од 600 традиционални фарми во Норвешка соработуваат со Зелена нега, за што добиваат додатен надоместок.
Нова употреба на црковните камбанарии
„Црквите во Нова Англија (САД) најдоа решение за сѐ помалиот буџет: да им ги изнајмуваат своите идилични камбанарии на мобилните оператори што бараат високи места каде што можат да ги постават своите антени“, се вели во списанието Newsweek. Во станбените подрачја, законски е одредено на кои места можат да се постават антените што примаат и предаваат пораки од мобилните телефони, а и на жителите не им се допаѓаат таквите антени што им го грдат соседството. Затоа мобилните оператори ја кријат својата опрема во црковните камбанарии. Претседателот на една консултантска фирма за цркви вели: „Во првата црква [која послужи за ваква цел] сега имаат инсталирано антени три мобилни оператори, и таа добива по 74.000 долари годишно за изнајмување на простор што и онака никој не го користеше“.