Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Полен — прав што значи живот

Полен — прав што значи живот

Полен — прав што значи живот

КОГА пристигнува пролетта, пчелките се развреднуваат и воздухот се исполнува со полен. Но, се чини дека, за луѓето што страдаат од алергии, поленот не е благослов, туку проклетство. Сепак, пред да заклучиме дека поленот е само проклетство на природата, би било добро да размислиме за улогата што ја има овој уникатен прав. Можеби ќе се изненадиме кога ќе дознаеме колку многу нашиот живот зависи од него.

Што точно е поленот? Една енциклопедија објаснува: „Поленот се состои од ситни зрнца што се создаваат во машките органи на цветните и иглолисните растенија“ (The World Book Encyclopedia). Едноставно кажано, растенијата создаваат полен за да се размножуваат. Како што знаеме, кај луѓето, јајце-клетката кај жената мора да биде оплодена со сперма од мажот за да се создаде дете. На сличен начин, на женскиот полов орган кај цвеќето (толчникот) му треба поленот од машкиот полов орган (прашникот) за да се опраши и да роди плод. *

Поленовите зрнца се толку ситни што едвај се гледаат со голо око, но добро можат да се видат под микроскоп. Всушност, ако ги набљудуваме под микроскоп, ќе забележиме дека поленовите зрнца на секој одделен вид растение имаат уникатна големина и форма. Бидејќи поленот не се распаѓа лесно, интересно е тоа што научниците честопати можат да го проучуваат уникатниот „отпечаток“ што поленовите зрнца го оставиле во ископаните седименти. На тој начин можат да утврдат кои растенија луѓето ги одгледувале пред многу векови. Важно е дека, поради специфичните обележја на секој вид полен, цветовите го препознаваат само поленот од својот сопствен вид.

Како патува поленот

Поленот на многу растенија, кој паѓа од ресите или шишарките кога ќе ги заниша ветрот, се пренесува низ воздухот. Поленот на некои водни растенија се пренесува и преку водата. Бидејќи опрашувањето по пат на воздух некогаш успева, а некогаш не, дрвјата и растенијата што се опрашуваат на ваков начин создаваат астрономски количини полен. * На луѓето што страдаат од алергија на поленов прав, овие огромни количини полен во воздухот им создаваат прилично големи проблеми.

Иако ветрот делотворно помага да се опрашат многу видови дрвја и треви, на цветните растенија што не растат во толку голем број на едно место им е потребен поефикасен систем на опрашување. Како се пренесува поленот од овие растенија до други слични растенија што се оддалечени со километри од нив? Преку еден многу делотворен систем на испорака во кој се вклучени лилјаците, птиците и инсектите! Се разбира, тие не го пренесуваат поленот од едно до друго цвеќе без да наплатат за своите услуги.

Во замена за услугата, цвеќињата им го нудат на овие опрашувачи својот нектар — вкусен производ на кој тие не можат да му одолеат. Кога ќе се наведне да сркне нектар, гостинот неминовно ќе налепи прилично многу полен на своето тело. Потоа, кога ќе замине да бара нектар на друго место, тој ќе го пренесе поленот на следното цвеќе.

Инсектите помагаат да се заврши најголемиот дел од опрашувањето, особено во земјите каде што преовладува умерена клима. Додека секојдневно се хранат со нектар и со полен, тие слетуваат на безброј цвеќиња. * Професор Меј Беренбаум објаснува: „Веројатно најважниот придонес што го даваат инсектите за здравјето и доброто на човекот е токму оној за кој им се оддава мало признание — опрашувањето“. Овошните дрвја обично имаат цветови кои треба да бидат оплодени со вкрстено опрашување за да дадат голем род. Значи, сосема е јасно колку пренесувањето на поленот е важно за нашата благосостојба.

Како ги привлекуваат опрашувачите

Цвеќињата треба да ги привлечат можните опрашувачи, а и да ги нахранат. Како го прават ова? Така што можеби ќе им понудат топло местенце каде што тие ќе си прилегнат на сонцето. Освен тоа, цвеќињата ги „рекламираат“ поленот и нектарот така што ги привлекуваат „муштериите“ со својот пријатен изглед и мирис. Исто така, многу цвеќиња нудат корисни патокази во облик на точки и пруги. На овој начин, гостите знаат како да стигнат до нектарот.

Разните видови цвеќиња ги привлекуваат опрашувачите на најразлични начини. Некои испуштаат многу непријатен мирис на гниење кој ги привлекува мувите. Други се служат со измама за опрашувањето да биде успешно. На пример, орхидеите од видот Ophrys apifera личат на пчели и со тоа ги привлекуваат кај себе пчелите што сакаат да се парат. Некои цвеќиња ги заробуваат инсектите и ги пуштаат дури откако инсектите ќе ги опрашат. „Во ниту една друга работа во растителното царство не постои толкава точност, прецизност и генијалност каква што постои во оваа животоважна работа — да се осигура опрашувањето“, пишува ботаничарот Малколм Вилкинс.

Ако Творецот не се погрижил растенијата да бидат привлечни, и на тој начин да го осигури опрашувањето, милиони растенија немало да се размножуваат. Во врска со резултатите од овој извонреден процес, Исус рекол: „Гледајте ги полските кринови како растат! Ниту се мачат ниту предат, но ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не беше облечен како еден од нив“ (Матеј 6:25, 28, 29).

Благодарение на опрашувањето, растенијата цветаат и ја произведуваат храната без која не можеме да живееме. Точно, поленот можеби ни создава непријатности на некои од нас, но, сепак, треба да сме им благодарни на вредните опрашувачи кои го разнесуваат тој прав што значи живот. Богатите приноси во голема мера зависат од овој чудесен природен процес кој сведочи за извонредната умешност на нашиот Творец.

[Фусноти]

^ пас. 3 Опрашувањето може да биде вкрстено (со полен од некое друго растение од истиот вид) или самоопрашување (со полен од истото тоа растение). Меѓутоа, вкрстеното опрашување придонесува за разновидност, и затоа таквите растенија се поздрави и поиздржливи.

^ пас. 6 На пример, само една реса од бреза може да испушти над пет милиони зрнца полен, а една просечна бреза има неколку илјади реси.

^ пас. 9 За да направат еден килограм мед, пчелите треба да појдат околу десет милиони пати до различни цветови.

[Рамка/слики на страници 16 и 17]

Опрашувачи

МУВИ И БУБАЧКИ

Кога станува збор за опрашувањето, на овие инсекти не им се оддава должно признание. Но, ако уживаш да јадеш чоколадо, треба да ѝ бидеш благодарен на една мала мува која врши многу важна задача со тоа што ги опрашува цветовите на дрвото од кое се добива какао.

ЛИЛЈАЦИ И ОПОСУМИ

Лилјаците помагаат во опрашувањето на некои од највеличествените дрвја во светот, како што се капокот и баобабот. Некои видови лилјаци не само што се хранат со нектарот туку и ги јадат плодовите и го разнесуваат семето, и на тој начин прават двојна услуга. Во Австралија, еден вид мали торбари, познати како опосуми, се хранат со нектарот од цвеќињата. Додека го прават тоа, на нивното крзно се лепи поленот кој го пренесуваат од цвет на цвет.

ПЕПЕРУТКИ И МОЛЦИ

Овие убави инсекти главно се хранат со нектар, собирајќи го поленот додека летаат од еден цвет на друг. Опстанокот на некои убави орхидеи во потполност зависи од успешното опрашување за кое помагаат молците.

КОЛИБРИ

Оваа шарена птичка постојано лета од цвет на цвет и пие нектар, при што поленот ѝ се лепи на пердувчињата на челото и на градите.

ПЧЕЛИ И ОСИ

Влакнестите телца на пчелите собираат полен исто толку лесно колку што се насобира прашина на очила, и затоа пчелите се идеални за опрашување. Само еден бумбар од родот Bombus, кој е еден вид социјална пчела, може да понесе до 15.000 зрнца полен. Благодарение на тоа што во 19 век биле донесени такви бумбари од Англија, на полињата во Нов Зеланд сега во изобилство расте детелина, која е главен извор на храна за домашните животни во земјата.

Пчелата е најважниот опрашувач во светот. Обично се концентрира на само еден вид цвеќе кое го има во изобилство близу до местото каде што живее. Ентомологот Кристофер о‘Тул смета дека „дури до 30 отсто од сета храна на луѓето директно или индиректно зависи од опрашувањето кое се врши со помош на пчелите“. Пчелите помагаат да се опраши бадемот, јаболкото, сливата, црешата и кивито. Земјоделците им плаќаат на пчеларите за услугите што ги добиваат од секоја кошница пчели.

[Слика на страница 18]

Орхидеја од видот Ophrys apifera