Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да се држам за библиските мерила?

Зошто да се држам за библиските мерила?

Младите прашуваат...

Зошто да се држам за библиските мерила?

ГОЛЕМ одмор е. Си муабетиш со уште две девојки. Едната од нив цело време мерка еден дечко што е нов во училиштето.

„Знаеш, многу му се допаѓаш“, ти вели таа. „Му се познава по тоа како те гледа. Просто те голта со очите!“

„И знаеш што уште?“, се наведнува и ти шепнува другата. „Нема девојка!“

„Штета што јас имам дечко“, вели првата. „Инаку, би се фатила со него без око да ми трепне!“

Потоа те прашува нешто од што секогаш ти се крева косата на главата.

„А зошто ти немаш дечко?“

Знаеше дека ќе те праша. Всушност, ти би сакала да имаш дечко, но ти било кажано дека е најдобро да имаш врска дури кога ќе бидеш спремна за брак. Да не беше...

„Твојата религија, нели?“, ти вели другата девојка.

‚Како да ми ги прочита мислите‘, си велиш.

„Ти не знаеш ништо друго освен Библијата, Библијата, Библијата“, зајадливо те боцка првата. „Па дај живеј малку!“

Голем број млади христијани се нашле во слична ситуација. А ти? Ти се случило ли да те зафркаваат затоа што се држиш за библиските мерила? Што направи во таа ситуација?

Цврсто ги бранеше своите морални уверувања.

◼ Ти беше незгодно, но ги објасни своите верувања најдобро што можеше.

◼ Си помисли дека твоите школски другари се во право — навистина многу испушташ!

Си размислувал ли некогаш дали навистина вреди човек да се држи за библиските мерила? Една девојка по име Дијана размислувала за тоа. * „Моите врсници можеа да прават сѐ што сакаат“, вели таа. „Изгледаше како да не мораат да поднесат сметка пред никого. Библиските мерила некако ме гушеа. И јас сакав да живеам без ограничувања како другите на училиште.“

Дали е погрешно да ти се јават сомнежи?

Библискиот писател Асаф поминал низ еден период од животот кога се прашувал дали вреди да живее онака како што бара Бог. Тој напишал: „Почнав да им завидувам на фалбаџиите кога гледав како злите живеат во мир“. Дури и рекол: „Навистина, залудно си го исчистив срцето и што си ги измив рацете за да покажам дека сум невин“ (Псалм 73:3, 13).

Очигледно, Јехова Бог разбира дека понекогаш кај луѓето може да се јават сомнежи околу тоа дали вреди да се живее според неговите мерила. Инаку, зошто би го поттикнал Асаф да ги запише своите мисли во Библијата? Сепак, на крајот Асаф сфатил дека нема ништо подобро од тоа да се живее според Божјите закони (Псалм 73:28). Како го сфатил тоа? Па, Асаф бил мудар човек. Тој не дошол до овој заклучок затоа што на своја кожа претрпел нешто лошо, туку затоа што учел од грешките на другите (Псалм 73:16-19). Можеш ли и ти да го направиш истото?

Сурова реалност

И цар Давид научил дека оние што не ги држат Божјите мерила, претрпуваат тешки последици. Но за разлика од Асаф, тој ја научил лекцијата на потешкиот начин. Давид извршил прељуба со жената на еден од своите слуги и потоа се обидел да го скрие тоа. Како последица, ги повредил другите, меѓу кои и Бог, и се јадел однатре (2. Самоилова 11:1 — 12:23). Откако се покајал, Јехова го поттикнал со својот свет дух да ги искаже своите чувства во една песна и се погрижил таа да биде зачувана во Библијата за да можеме и ние да извлечеме поука од неа (Псалм 51:1-19; Римјаните 15:4). Од ова гледаме дека е и мудро и во склад со Библијата да учиме од грешките на другите.

За да го следиш примерот на Асаф и да не ги направиш грешките на Давид, од помош ќе ти биде ако размислиш за зборовите на неколку млади од различни земји кои некое време не се држеле за библиските начела. Поточно кажано, тие имале предбрачни полови односи. Како Давид, и тие се покајале за своите грешки и сега повторно имаат добар однос со Бог (Исаија 1:18; 55:7). Да видиме што имаат тие да ни кажат.

Разбудете се!: Кои работи влијаеја врз твоето размислување и врз твоите постапки?

Дијана: „На училиште сите имаа дечко или девојка, и изгледаа многу среќни. Кога се дружев со нив и ги гледав како се бакнуваат и милуваат, им завидував и се чувствував осамено. Честопати со часови фантазирав за некој дечко што ми се допаѓаше. Тоа уште повеќе ми ја зголемуваше желбата да бидам со него и да направам сѐ што треба за да си ја задоволам таа желба“.

Марко: „Читав книги и гледав програми во кои сексот беше поставен на пиедестал. Мојата љубопитност сѐ повеќе растеше затоа што зборував за секс и со другарите. Потоа, кога ќе бев насамо со некоја девојка, си мислев дека можам да имам физички контакти со неа без да имаме полови односи, дека можам да запрам кога сакам“.

Алек: „Редовно гледав порнографија на Интернет. Почнав да пијам многу алкохол. А одев и на забави со млади кои немаа речиси никакво ценење за библиските морални мерила“.

Теа: „Кога имав 16 години, најважно нешто во животот ми беше да бидам со мојот дечко. Длабоко во себе знаев дека е погрешно да се има полови односи пред брак, но не го мразев тоа. Немав намера да почнам со полови односи пред брак, но чувствата го победија разумот. Едно време, совеста ми беше толку затапена, што не чувствував никаква вина“.

Разбудете се!: Дали поради таквиот начин на живот беше посреќен?

Дијана: „Отпрвин ме обзеде чувство на слобода и бев среќна што конечно се вклопувам во друштвото. Но, ова чувство не траеше долго. Почнав да се чувствувам валкано, ниско, празно. Се јадев однатре што толку лесно си ја продадов невиноста, нешто што никогаш не ќе можам да го вратам. Оттогаш, честопати се прашувам: ‚Што се замислував?‘ И ,Зошто — зошто ги игнорирав Јеховините мерила што тој од љубов ни ги дава?‘“

Марко: „Почнав да се чувствувам како дел од мене да умрел. Се трудев да не обрнувам внимание на тоа како влијаат моите постапки врз другите, но не можев. Ме болеше кога сфатив дека со тоа што гледав мене да ми биде убаво, ги повредував другите. Не можев да спијам. Полека го снема задоволството од сексот и постојано имав чувство на болка и срам“.

Алек: „Сѐ полесно и полесно им се препуштав на погрешните желби. Но во исто време, ме јадеше чувство на вина и бев разочаран од самиот себе“.

Теа: „Реалноста многу брзо ми удри шлаканица. Неморалот ми ја уништи младоста. Мислев дека јас и мојот дечко одлично ќе се забавуваме, ама не беше така. На крајот, и двајцата бевме повредени, се чувствувавме бедно и останавме со скршено срце. Многу ноќи заспивав целата во солзи, жалејќи што не постапив онака како што нѐ учи Јехова“.

Разбудете се!: Каков совет би им дале на младите кои понекогаш помислуваат дека библиските морални мерила ги ограничуваат?

Дијана: „Животот нема да ти биде поубав ако престанеш да ги држиш библиските мерила. Размисли како ќе се чувствува Јехова ако ги слушаш неговите совети. И добро размисли какви ќе бидат последиците ако не ги слушаш. Не заборавај, не се работи само за тебе и за она што ти го сакаш. Твоите постапки ќе влијаат и врз другите. А ако не ги слушаш советите на Бог, ќе си направиш само лошо“.

Марко: „Точно, на прв поглед, животот на другите можеби ти се чини многу интересен. Но, пред да направиш нешто, погледни малку подлабоко. Некои од најскапоцените работи што ти ги дава Јехова се достоинството и невиноста. Ако ги фрлиш во вода овие дарови само затоа што не можеш да се контролираш, тогаш си паднал многу ниско. Разговарај за своите проблеми со родителите и со други зрели луѓе. Ако направиш грешка, не чекај, туку отворено признај и поправи ја. Ако правиш онака како што нѐ советува Јехова, ќе имаш вистински спокој“.

Алек: „Кога си неискусен, си мислиш дека твоите врсници имаат многу возбудлив живот. Нивните мислења ќе влијаат и врз тебе. Затоа мудро избирај ги пријателите. Имај доверба во Јехова и ќе се поштедиш од многу причини за каење“.

Теа: „Немој да си мислиш: ‚Тоа нема да ми се случи мене‘. Еден ден, мајка ми ме седна и отворено ми кажа дека моето однесување на крајот ќе заврши многу болно. Многу бев навредена! Бев уверена дека знам што правам. Но, не знаев. Држи се за Јеховините мерила и дружи се со оние што го прават истото. Така ќе бидеш посреќен“.

Библиските мерила — кафез или заштитна ограда?

Ако врсниците ти се смеат затоа што се трудиш да живееш според библиските мерила, размисли за следниве прашања: ‚Зошто тие не сакаат да живеат според моралните мерила од Библијата? Дали тие ја имаат прочитано Библијата и дали ги испитале добрите резултати што доаѓаат кога ги слушаме Божјите закони? Дали сериозно размислиле кои се последиците кога не се следат тие мерила? Или, пак, само го прават она што го прават сите други?‘

Веројатно познаваш луѓе кои ‚се поведуваат по мнозинството‘ (2. Мојсеева 23:2). Ти сигурно сакаш да донесуваш подобри одлуки. Како можеш да го постигнеш тоа? Послушај го библискиот совет ‚да утврдиш која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено‘ (Римјаните 12:2). Јехова е „среќниот Бог“ и сака и ти да бидеш среќен (1. Тимотеј 1:11; Проповедник 11:9). Мерилата што се запишани во Библијата се за твое добро. Додуша, можеби ќе ги сметаш за кафез кој ти ја одзема слободата. Но, всушност, библиските морални мерила повеќе се како ограда на еден висок мост, која те штити да не паднеш.

Можеш потполно да ѝ веруваш на Библијата. Ако избереш да живееш според нејзините мерила, не само што ќе го израдуваш Јехова, туку и самиот ќе имаш многу користи (Исаија 48:17).

[Фуснота]

^ пас. 17 Имињата во оваа статија се сменети.

ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

◼ Од кои причини може да ти биде тешко да се држиш за библиските мерила?

◼ Зошто треба самиот да се увериш дека за тебе е најдобро да се држиш за Божјите мерила?