3. Внатрешен склад
Зошто да ѝ веруваме на Библијата
3. Внатрешен склад
Замисли си го следново: Си замолил 40 мажи со различно потекло да напишат една книга, а секој од нив треба да напише еден дел од неа. Тие живеат во различни земји и не се познаваат сите меѓу себе. Некои воопшто не знаат што напишале другите. Мислиш ли дека на крајот книгата ќе биде складна, поврзана?
БИБЛИЈАТА е таква книга. * Иако е напишана под уште понеобични услови отколку оние во примерот, таа има многу впечатлива складност.
Единствени услови. Библијата била пишувана во текот на околу 1.600 години, од 1513 год. пр.н.е. до 98 год. од н.е. Според тоа, мнозина од речиси 40-те писатели живееле во различни векови. Тие имале различни занимања. Некои биле рибари, други биле пастири или цареви, а имало и еден лекар.
Една иста порака. Писателите на Библијата пишувале за една главна тема: како ќе биде оправдано правото на Бог да владее со луѓето и како ќе се исполни неговата намера преку една светска влада, неговото небесно Царство. Оваа тема првпат е спомната во 1. Мојсеева, разработена во наредните книги и заокружена во Откровение. (Види ја статијата „За што зборува Библијата?“ на 19. страница.)
Детали што се поклопуваат. Записите на библиските писатели се поклопуваат дури и во најситните детали, и честопати е очигледно дека ова поклопување не било намерно смислено. Да разгледаме еден пример. Библискиот писател Јован ни кажува дека кога едно големо мноштво луѓе дошле да го слушаат Исус, Исус го прашал Филип од каде да купат леб за да ги нахранат луѓето (Јован 6:1-5). За истиот настан, Лука пишува дека се случил во близината на градот Витсаида. Претходно во својата книга Јован спомнал дека Филип бил од Витсаида (Лука 9:10; Јован 1:44). Според тоа, сосем нормално е што Исус прашал токму човек кој бил од околината. Гледаме дека деталите се поклопуваат, но очигледно е дека писателите не се обидувале намерно да го постигнат тоа. *
Логични разлики. Меѓу некои извештаи сепак има одредени разлики, но зарем не е логично да има такво нешто? Да претпоставиме дека една група луѓе се сведоци на некое злосторство. Ако сите ги кажат истите детали со исти зборови, зарем нема да се посомневаш дека има некаков заговор? Логично е дека изјавите на сведоците малку ќе се разликуваат зашто секој ќе каже нешто од своја гледна точка. Истото е и со библиските писатели.
Да разгледаме еден пример. Дали дента кога умрел Исус носел пурпурна наметка, како што запишале Марко и Јован? (Марко 15:17; Јован 19:2). Или, пак, носел црвена наметка, како што вели Матеј? (Матеј 27:28). Всушност, и едното и другото може да биде точно. Пурпурната боја содржи црвени нијанси. Во зависност од тоа каде стоел некој, прекршувањето на светлината и позадината можеле да придушат некои нијанси од што наметката би изгледала со малку поинаква боја. *
Складноста меѓу записите на библиските писатели, дури и ненамерното поклопување на деталите, е уште една потврда дека можеме да им веруваме.
[Фусноти]
^ пас. 4 Библијата е збирка од 66 книги, или делови, кои почнуваат со 1. Мојсеева и завршуваат со Откровение.
^ пас. 7 Повеќе вакви примери има на 16. и 17. страница од брошурата Книга за сите луѓе, издадена од Јеховините сведоци.
^ пас. 9 Повеќе информации има во 7. поглавје „Дали Библијата си противречи?“ во книгата Библијата — Реч Божја или човечка?, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 7]
Дали наметката на Исус била пурпурна или црвена?