Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дрво? Кој би рекол!

Дрво? Кој би рекол!

Дрво? Кој би рекол!

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА

ДЕБЕЛОТО заоблено стебло на австралискиот баобаб — дрво што расте во сушни предели — може да ти изгледа чудно, па дури и грдо. Бидејќи немаат лисја во сушната сезона, старите баобаби повеќе личат на чудни суштества со пипки свртени кон небото отколку на дрвја. Според една легенда на Абориџините, ова дрво било проколнато и превртено со корењата нагоре!

Кога се млади, баобабите имаат релативно вито и убаво стебло. Но, со текот на времето, стеблото им се задебелува и кората станува рапава и груба. „Изгледаат како да ги нападнала некоја болест“, напишал истражувачот Џорџ Греј во 1837 год. Зошто баобабите се толку различни од другите дрвја и зошто жителите на австралиската дивина, вклучувајќи ги и Абориџините, толку многу ги ценат?

Пократко подобро

Природна средина на баобабите се Африка, Мадагаскар и северозападна Австралија. Додека во повеќето земји овие дрвја се познати како баобаби, во Австралија веќе долго време ги нарекуваат боаби. Мештаните на шега велат дека Бушманите уживале да ги кратат имињата од страв да не лапнат некоја мува. Па така, името баобаб си го скратиле на боаб, и за кратко време овој нов збор се одомаќил во австралискиот англиски јазик.

Баобабите се наречени и дрвја на мртвите стаорци. На што се должи ваквиот „комплимент“? Оддалеку, виснатите лејки личат на мртви стаорци обесени за опашките. Друга причина е тоа што цветовите, кога ќе се згмечат или ќе се оштетат, за кратко време ферментираат и засмрдуваат на скапано месо. Но, здравите цветови се големи, бели и мирисливи.

Создадени за сурова клима

Баобабите виреат во ретко населеното подрачје Кимберли (Западна Австралија) и во соседната Северна Територија, каде што владеат две сезони — дождлива сезона со поројни монсунски дождови, која трае релативно кратко време, и сушна сезона.

Баобабите се прочуени по својата издржливост. Познато е дека можат да опстанат со векови. „Дури и ако биде опожарено или ако се отстрани дел од кората, дрвото обично преживува и, откако ќе закрепне, продолжува да расте“, вели Д. А. Херн, стручњак за физиологија на растенијата. a Понатаму, тој додава: „Ова дрво е толку издржливо што, ако не е сосема уништено, ќе продолжи да расте без речиси никакви последици“. Едно од овие дрвја било толку решено да преживее што, додека чекало спакувано во сандак за прекуокеански транспорт, низ шуплините на сандакот пуштило корења во земјата под себе!

Баобабите растат во каменливи речни корита, на стрмни карпи или на песочни рамнини, и честопати се повисоки од околните дрвја. Некои баобаби на висорамнината Кимберли се високи преку 25 метри и имаат речиси исто толкав обем.

Причина за нивната големина е водата. Баобабите се како сунѓери — можат да соберат многу течност бидејќи се меки и кончести. Стеблото значително се здебелува откако ќе се напои од монсунските дождови, но во сушната сезона почнува постепено да слабее.

Листопадните дрвја се ослободуваат од своите лисја, и на тој начин ги преживуваат студените зимски месеци. Сличен процес се одвива и кај баобабите во долгата сушна сезона. Кратко пред таа да заврши, дрвото брзо пушта цветови и нови лисја. Бидејќи со тоа ја навестува дождливата сезона, мештаните понекогаш ги нарекуваат и природни календари.

Цветовите се отвораат ноќе, траат само неколку часа и свенуваат по изгрејсонцето. Откако ќе созреат, тие стануваат долгнавести лејки што паѓаат на земјата, пукаат и така им се разнесува семето.

Дрво на животот

Абориџините во областа Кимберли веќе долго време ги користат семките, лисјата, смолата и корењата на баобабите како храна. Пред да се исушат, семките имаат мека, бела и многу вкусна јатка. Кога има суша, се случува Абориџините да ги џвакаат мекото дрво и неговите корења за да му ја ишмукаат скапоцената течност. Во дождливите сезони, домородците понекогаш наоѓаат вода што се задржала во шуплините на дрвото и во неговите чатали.

Во 1856 год., членовите на експедицијата предводена од Аугустус Грегори, кои ја посетиле висорамнината Кимберли, се разболеле од скорбут. Тогаш си направиле „вкусен џем“ од срцевината на лејките. Бидејќи срцевината е богата со витамин С, потполно оздравеле.

Неми сведоци за минатото

Порано, баобабите служеле како огласни табли — не само за Абориџините туку и за Европејците. Во 1820 год., извидничкиот брод Мермејд бил извлечен на брегот на Кимберли заради некои поправки. Следејќи ги упатствата на британската воена морнарица да остават јасни траги за нивната посета, на стеблото од еден голем баобаб, капетанот Филип Паркер Кинг го издлабил натписот БНВ [Бродот на Неговото Височество] Мермејд, 1820.

Во тоа време, овој баобаб, кој подоцна стана познат како Дрвото Мермејд, имал обем од речиси 9 метри, а денес малку повеќе од 12 метри. Иако овој натпис веќе тешко се чита, тој сѐ уште сведочи за посетата на овие истражувачи. Туристи од целиот свет доаѓаат да ги видат ваквите пораки издлабени во некои стари баобаби кои се читливи до ден-денес.

Бидејќи висорамнината Кимберли била непознат терен за европските доселеници, огромните баобаби им служеле како патокази, зборни места и места за ноќевање. Номадските сточари го одмарале својот добиток под баобабите на кои биле испишани интересни имиња како, на пример, хотел „Ориентал“, хотел „Клуб“ или хотел „Ројал“.

Во 1886 год., кога непријателски настроените Абориџини му го украле чамецот на германскиот доселеник Аугуст Луканус, тој и неговата извидничка дружина требало да поминат 100 километри за да стигнат до градот Виндем. Но, тоа било можно само ако прегазеле неколку потоци и реки што вриеле од крокодили. Подоцна Луканус напишал дека од дневникот на еден претходен истражувач дознале дека „под еден голем баобаб близу Пит Спрингс, на кој биле издлабени неговите иницијали, закопал неколку дрводелски алати“. Верувале или не, тие успеале да ги пронајдат и дрвото и алатите. Потоа ‚исекле еден голем баобаб‘, и за пет дена направиле кану со кое безбедно се вратиле дома.

Двата најпознати баобаби се Затворот Дерби и Затворот Виндем, кои го добиле називот по градовите во нивна близина. Многумина сметаат дека во 19 век овие шупливи џинови, во кои можат да се засолнат по неколку души, служеле како затвори. Меѓутоа, некои денешни историчари не се согласуваат со тоа. Како и да е, овие дрвја се импресивна глетка, и многу туристи доаѓаат да ги видат.

Уметнички дела од баобаб

Порано, сликите и пораките се длабеле во самото стебло на баобабот, но денес уметниците од дивината ги поштедуваат дрвјата, и својата креативност ја изразуваат на лејките, кои се долги и до 25 сантиметри и имаат пречник од околу 15 сантиметри.

Локалните уметници најпрво избираат соодветна лејка од дрвото, а потоа врз кафеавата лушпа длабат живописен релјеф со помош на џебно ноже. Чест мотив им се некои од тамошните животни, Абориџини во лов и човечки лица и фигури. Лејките ги купуваат колекционери, чие хоби е да собираат вакви предмети, но честопати завршуваат и кај туристите или во локалните дуќанчиња.

Точно е дека баобабите не се големи како секвоите, ниту стројни како тополите, ниту убави како јаворите наесен. Сепак, ова издржливо, отпорно растение е неспоредливо на други начини — тоа е скапоцен дар во дивината, му носи чест на Творецот и може да се смета за доказ дека тој има добра смисла за хумор.

[Фуснота]

a Кога ќе се отстрани прстен од кората, дрвото е лишено од растителните сокови, поради што најчесто умира.

[Слика на страница 17]

Цветовите се отвораат ноќе и свенуваат за само неколку часа

[Слика на страница 18]

Цртеж на гуштер врз лејка од баобаб