Многумина се разочарани
Многумина се разочарани
Голем број негативни појави низ целиот свет се причина за страв од иднината. Сѐ повеќе градови се опремени со камери за надзор на граѓаните. Поради стравот од терористи, многу прометни аеродроми почнаа да личат на воени бази. Расте бројот на крадци и педофили кои ги ловат своите наивни жртви преку Интернет. Освен тоа, загадувањето, ископачувањето на шумите, истребувањето на животните и глобалното затоплување го доведуваат во прашање опстанокот на нашата планета.
ВАКВИТЕ појави, кои беа незамисливи пред само неколку децении, денеска се глобален проблем. Многу луѓе со добра причина се прашуваат каде оди овој свет и каков ќе им биде животот ним и на нивните деца. Дали ќе дојде време кога на луѓето ќе им биде страв да се качат во автобус, во воз или во авион? Со оглед на тоа што цените растат, а природните ресурси сѐ повеќе се исцрпуваат, ќе можат ли идните генерации да си дозволат добра здравствена заштита, квалитетна храна и доволно горива?
„Црно ни се пишува“, вели еден канадски министер за здравство, коментирајќи за поскапувањето на здравствените услуги. Многумина се загрижени и околу храната и горивата. Зошто? Со цел да ја намалат својата зависност од фосилни горива, некои земји инвестираат огромни суми во производство на биолошко гориво од растително потекло, како што е етанолот. Од таа причина, за првпат во историјата, обработливото земјиште не се користи само за одгледување на земјоделски култури туку и за производство на гориво за автомобилите. Како резултат на тоа, растат и цените на прехранбените производи.
Во меѓувреме, се создава сѐ поголем јаз меѓу богатите и сиромашните, а тоа води до општествени немири. „Во оваа прва деценија на 21 век, паралелно со извонредното подобрување на животниот стандард, владее крајна сиромаштија“, стои во еден извештај на Светската здравствена организација. „Просечниот животен век на луѓето во некои од најсиромашните земји е двапати пократок од оној во најбогатите.“ Главни причини за тоа се болестите, како и општествениот и економскиот хаос во земјите со нестабилна влада.
Ако се земе предвид и заканата од глобално затоплување, кое може да доведе до проширување на пустините и до нарушување на климата, воопшто не изненадува тоа што многу луѓе кои ги следат овие настани се плашат од иднината. Во списанието Bulletin of the Atomic Scientists, познато по својот „Часовник на судниот ден“, беше изразена загриженост дека нѐ чека мрачна иднина бидејќи „научниците забележуваат нови последици од [глобалното затоплување] врз сложените екосистеми на Земјата“.
Дали навистина сѐ е толку црно како што изгледа? Дали водечките личности во трговијата, политиката, религијата и науката ни се последната надеж за посветла иднина? „Немаме друг избор“, велат некои. „Сами сме си криви, сами ќе се снаоѓаме.“ Други, пак, мислат дека луѓето едноставно не можат да најдат решение и дека само Бог може да ни помогне да имаме подобра иднина. Ако е тоа точно, како можеме да бидеме сигурни дека Тој е заинтересиран за нас и дека ќе нѐ спаси од самоуништување? Следните статии даваат одговор на ова прашање.
[Истакната мисла на страница 3]
Дали водечките личности во трговијата, политиката, религијата и науката ни се последната надеж за посветла иднина?