Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можат ли луѓето да гарантираат среќна иднина?

Можат ли луѓето да гарантираат среќна иднина?

Можат ли луѓето да гарантираат среќна иднина?

Една навидум цврста и убава градба од цигли е твојот нов дом. Отсекогаш си посакувал таква куќа. Се надеваш дека долго ќе живееш во неа! Но, за само неколку години, куќата почнува да пропаѓа и мора да се урне, а тебе срцето ти се кине. Но, не си единствениот. Истото се случува и со другите куќи во населбата. Истрагата покажува дека имало грешки во планот и дека циглите биле неквалитетни.

СВЕТОТ наликува на една ваква куќа. И покрај безбројните општествени и политички реформи и неверојатниот научен и технолошки напредок, се чини дека основната структура на општеството се распаѓа. Во многу земји владеат беззаконие и безредие. Дали безнадежната состојба ќе ги натера луѓето да си ги решат проблемите и конечно да изберат една добра влада? Прочитај што заклучиле некои стручњаци на темел на историјата.

„Испробавме сѐ“

Многу интелектуалци, почнувајќи од грчкиот филозоф Платон, па сѐ до германскиот политички филозоф и социјалист Карл Маркс, осмислувале најразлични влади со цел да го подобрат светот. Што постигнале? Во една статија во весникот New Statesman стоеше: „Не ја укинавме сиромаштијата и не воспоставивме светски мир. Напротив, изгледа дека го постигнавме токму спротивното. Не дека не сме пробале. Испробавме сѐ — од комунизам до капитализам; од Лигата на народите до заплашување со нуклеарно оружје. Водевме премногу војни за да веруваме дека сега знаеме како да им ставиме крај, а некои делови од големите градови личат на бојно поле“. Во истата статија стоеше: „На почетокот на 20 век бевме големи оптимисти дека научниците ќе нѐ спасат, но сега воопшто не им веруваме“.

Во 2001 год., Ерик Хобсбом, почесен професор по историја на економските и општествените односи на Лондонскиот универзитет, напишал дека човечките влади „се соочуваат со ера во која активностите на луѓето во голема мера се одразуваат негативно врз природата и врз целата планета“. За да се решат, или барем да се ублажат ваквите проблеми, „ќе мора да се преземат мерки што речиси сигурно нема да наидат на поддршка ниту кај партиските приврзаници ниту кај потрошувачите, а тоа претставува закана и за демократијата и за планетата“.

Свесен за тоа каква катастрофа го чека човештвото, светски познатиот астрофизичар и писател Стивен Хокинг го поставил следново прашање: „Може ли човечкиот род да опстои уште 100 години во овој свет во кој политиката, општеството и природната средина се во вистински хаос?“

Зошто нема успех?

Само Библијата дава логично објаснување зошто луѓето не успеале да владеат успешно еден над друг. Како прво, таа отворено опишува во каква состојба се наоѓаат. На пример, разгледај ги следниве четири основни вистини.

Сите сме несовршени. „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Исто како што, поради неквалитетните цигли, еден објект може да попушти и да се сруши така, поради наследената несовршеност, кај луѓето избиваат на површина негативни појави кои го ослабуваат општеството, како што се склоноста кон корупција, нечесност, лакомост и злоупотреба на положбата. Ваквите појави не се ништо ново. Пред околу три илјади години, еден мудар библиски писател рекол: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проповедник 8:9).

Претставниците на политичкиот и на правниот систем признаваат дека сме несовршени и слаби, па се обидуваат да воспостават некаков ред со помош на законодавството. Сепак, свесни се дека љубовта кон ближните и желбата да се почитува законот не можат да се регулираат со правила.

Нѐ чека смрт. „Немајте доверба во достоинствениците, ниту во некој друг земен човек, од кого нема спасение! Духот [односно животната сила] му излегува, и тој се враќа во својот прав — во тој ден пропаѓаат неговите мисли“ (Псалм 146:3, 4). Соломон, кој бил цар на древниот Израел и еден од најмудрите цареви на сите времиња, увидел колку бесмислен би можел да излезе неговиот труд. Тој напишал: „Го замразив сето она за кое се трудев и напорно работев под сонцето и кое морам да го оставам на човек што ќе дојде по мене. А кој знае дали тој ќе биде мудар или глупав? Сепак, тој ќе стане господар на сето она за кое се трудев... И тоа е суета“ (Проповедник 2:18, 19).

Човекот не е способен да владее над човек. „Патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Дури и да бевме совршени, Библијата ни кажува дека Бог никогаш немал намера луѓето да владеат едни над други. Тоа значи дека тие немаат ниту право ниту способност да го прават тоа успешно. Зошто инаку на луѓето би им било одбивно некој човек или некоја група да им кажува што да прават или како да се однесуваат? Затоа што сме создадени да бараме водство во животот од власт што е повисока од човечката, имено од Бог (Исаија 33:22; Дела 4:19; 5:29).

Луѓето се под влијание на еден невидлив владетел. „Целиот свет е под власта на Злобниот“ — Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Ако управата на некоја фирма е нечесна, а моќна, тешко дека еден обичен работник би можел да стори нешто за да ја поправи ситуацијата. Така, луѓето се немоќни да ги решат проблемите што ги предизвикуваат невидливите владетели на светот — злобните духовни суштества под водство на нивниот врховен господар Сатана. Библијата ги опишува овие владетели како ‚влади‘, ‚власти‘, ‚светски владетели на оваа темнина‘ и ‚зли духовни сили на небесата‘ (Ефешаните 6:12).

Но, освен што ги разоткрива недостатоците на луѓето и на невидливите владетели на светот, Библијата ни кажува и за една добра вест — дека има сигурно решение за нашите проблеми и цврст темел за надеж.

Творецот нема да нѐ остави на цедило!

Кога би биле препуштени самите на себеси, никогаш не би можеле да си ги решиме проблемите. Нема човек, сеедно колку е интелигентен, моќен или богат, што може да промени макар една од четирите работи што ги спомнавме во оваа статија. a Но, како што ќе биде објаснето во следната статија, Творецот не нѐ заборавил и не нѐ напуштил. Всушност, како законски Владетел на Земјата, тој ќе ги реши сите проблеми што ни ја одземаат радоста (1. Јованово 4:8). Што е уште поважно, тоа ќе го стори многу скоро! Од каде знаеме?

Како што беше објаснето во претходниот број на ова списание, настаните во светот, како и состојбата во општеството, јасно покажуваат дека сме длабоко навлезени во „последните денови“ на сегашниов свет (2. Тимотеј 3:1; Матеј 24:3-7). Но, тоа не е најава за нуклеарен холокауст, за удар на астероид или нешто слично, бидејќи тогаш би биле уништени и добрите и злобните. Напротив, тоа ќе биде време кога Бог ќе им се одмазди исклучиво на злите, меѓу кои спаѓаат и оние што ги поддржуваат човечките влади (Псалм 37:10; 2. Петрово 3:7). Со тоа Бог ќе му стави крај на сето страдање што го предизвикуваат овие Божји противници b (2. Солуњаните 1:6-9).

Потоа, Творецот ќе ги реши политичките проблеми така што сета власт над Земјата ќе ја предаде на една нова влада наречена ‚Божје царство‘ (Лука 4:43). Како што покажува следната статија, оваа светска влада ни помага да гледаме на иднината од еден сосема поинаков агол.

[Фусноти]

a Види ја статијата „Добротворство — решение за проблемите?“, на страница 19.

b Одговор на прашањето „Зошто Бог ги допушта страдањата?“ ќе најдеш на 106. страница во книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка/слика на страница 5]

НЕКВАЛИТЕТНИТЕ „ЦИГЛИ“ НА ЧОВЕЧКОТО ОПШТЕСТВО

◼ Сите сме несовршени.

◼ Нѐ чека смрт.

◼ Човекот не е способен да владее над човек.

◼ Луѓето се под влијание на еден невидлив владетел.

[Рамка на страница 6]

ЛУЃЕТО НЕМА ДА ЈА УНИШТАТ ЗЕМЈАТА!

Во Библијата постојат многу докази дека Творецот има намера Земјата да биде безбедно, мирно место во кое ќе живеат побожни луѓе. Разгледај ги следниве стихови.

„Ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5).

„Си ја зацврстил земјата, и таа стои“ (Псалм 119:90).

„Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4).

„Земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:9).

„[Јехова] ја обликува и ја направи земјата,.. ја зацврсти и не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18).